Општество
Анкета: Младите сакаат државата да влезе во Европската Унија, но се повеќе губат надеж
24.11.2025
Во Собранието денеска беше промовирана публикацијата „Справување со младинскиот евроскептицизам во земјите од Западен Балкан, со фокус на Македонија“ изработена од Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), Фондацијата „Фридрих Науман“ и Европскиот центар за извонредност (ЕЦЕ Брисел). Речиси половина од испитаниците (46,5) проценти не веруваат дека државата некогаш ќе стане членка на ЕУ, додека 35,8 отсто веруваат дека членството е можно, но во подалечна иднина. Само 6,7 проценти веруваат дека земјата ќе може да стане членка на ЕУ во текот на следните пет години, додека 11 отсто не знаат или немаат мислење за ова прашање.
Корупцијата е препознаена како најголема пречка за ЕУ-интеграцијата и ја посочиле 84,6 проценти од младите испитаници. По неа, со 61 отсто следуваат „билатералните спорови“ и со 60 проценти „ниската доверба во институциите“. - Овие податоци јасно укажуваат дека младите ја препознаваат домашната политичка состојба како главен фактор што го попречува напредокот, но истовремено очекуваат конкретни мерки од националните институции за борба против корупцијата како основа за подобар квалитет на живот и задржување на младите во земјата, се вели во публикацијата.
Приближно 60 отсто од испитаниците оцениле дека членството на земјата во ЕУ нема да ја намали емиграцијата на младите луѓе.
Коавторот на публикацијата и директор на Европскиот центар за извонредност (ЕЦЕ Брисел), Бојан Кордалов нагласи дека младите се за ЕУ, меѓутоа се повеќе ја губат надежта дека во брзо време Македонија ќе стане земја членка на Унијата.
- Она што сакаме и се надеваме дека ќе произлезе како резултат од тука е да се разговара кои се начините и кои се мерките со коишто треба да се пристапи со цел младите да имаат повеќе фокус во целата приказна, особено во европската агенда, бидејќи станува јасно дека всушност младите се за ЕУ меѓутоа се повеќе ја губат надежта дека во брзо време Македонија ќе стане земја членка на Унијата. И тоа е нешто на коешто мораме да работиме заедно да го промениме, бидејќи не станува збор само за статус како членство, туку станува збор пред се за придобивки што младите веќе ги користат преку различните Еразмус програми, различните можности за работа во текот на летните месеци, пракса, студирање итн, рече тој.
Во публикацијата, како што потенцира, фокусот главно е ставен на она што тие го бараат како млади луѓе - борбата против корупцијата што е најдобар начин како повторно да се врати во институции, а со самото тоа и довербата на европскиот пат.
Координаторката на Клубот за младински прашања и политики при Собранието, пратеничката Драгана Бојковска нагласи дека како парламентарно мнозинство и како Влада ќе дадат поддршка на сето она што значи намалување на ЕУ скептицизмот кај младите.
-Она што е констатирано во публикацијата можам да кажам дека и покрај големите неправди кои и се направени на Македонија по однос на процесот за влез во Европската Унија, сепак најголем дел од младите и најголемите поддржувачи за влез во ЕУ се токму оваа категорија на луѓе, токму младите. Нотирано е дека како причина за тоа каде го гледаат проблемот за влезот во ЕУ, се и билатералниот спор, што го имаме со Република Бугарија, но исто така и борбата со корупцијата, за која што како млади луѓе се надеваме дека ќе имаме еден значителен прогрес особено кога се работи од аспекти на доверба на судството. Како парламентарно мнозинство, но и како Влада, апсолутно ќе дадеме поддршка на се она што значи намалување на ЕУ скептицизмот кај младите, рече таа.
Соопшти дека за првпат во буџетот за 2026 година има посебна ставка кшто е наменета за демографија и миграција. -Имаме износ предвиден од повеќе од еден милион евра што значи дека со овие средства ќе направиме еден вид на кампања со која што ќе можеме да ги мотивираме нашите млади умови од странство да се вратат во Република Македонија и тука да работат и да живеат, но и ставка која што ќе се однесува на задржување на младите во Република Македонија, рече таа.
Бојковска информира дека веќе е отпочнат и процесот и разговорите во Министерството за образование и наука за користење на вештачката интелигенција во рамки на образованието и подигнување на писменоста.
-Што значи дека на крај можам да кажам дека значително е да се говори да се даваат препораки по однос на намалување на ЕУ скептицизмот кај младите луѓе во Република Македонија. Токму еден ваков вид на соработка со нашите партнери мислам дека ќе направи исто така еден голем прогрес. На крајот од денот работиме и ќе работиме секој ден за да го намалиме ЕУ скептицизмот кај младите луѓе, со многу работа. Ценам дека нашето место е во ЕУ и заслужуваме да бидеме во ЕУ, но секако со достоинство и она коешто младите го велат дека заслужуваат подеднакви, фер и демократски услови коишто значат еднаков пристап на секоја земја која што е кандидат за влез во ЕУ, рече таа.
Освен кампањи, Бојковска нагласи дека ќе се инвестира во образованието за да има млади квалитетни кадри кои ќе бидат конкуретни на пазарот на трудот.
- Младинските политики не претставуваат една или две области кои најчесто се базираат на образование или спорт. Се она што се случува околу нас значи и младинска политика, значи подобри патишта, подобри услови за живеење во локалните средини, подобри услови за културата, здравството.... Секоја една област се трудиме да биде подобрена секој ден и тоа е она коешто го работиме. За мене е многу важно и суштинско образованието за да имаме млади квалитетни кадри кои ќе бидат конкурентни на пазарот на труд да можат значително да го подобрат својот квалитет на живот. Цениме дека треба да бидат нашите млади луѓе рамо до рамо со врсниците од земјите членки од ЕУ. И затоа ја напоменав вештачката интелигенција којашто треба да биде дел од образованиот процес. Над 65 проценти од систематизацијата за вработување се однесува токму на младите луѓе со кои би можеле да го поттикнеме претприемништвото, но и секојдневната борба со корупцијата и борбата за едно независно судство е една од суштинските елементи на коишто треба се осврнеме во наредниот период, нагласи пратеничката Бојковска.
Извор/фото МИА