Општество
ЕВРОИНТЕГРАЦИИ | ДРАГАН ТИЛЕВ: Дали е време за проширување (унификација) на Унијата?
Драган Тилев | Авторот е државен советник за европски прашања
Економија и бизнис | печатено издание | 01 ноември 2025г.
Геополитиката го турка проширувањето напред, но евидентно е дека процесот е заробен во процедури и (зло)употреба на правото на потенцијално вето од која било членка на ЕУ. Европската Унија се наоѓа на историска раскрсница. Долго време третирано како рутинско усогласување на законодавството, проширувањето сега е реактуализирано како егзистенцијален и геостратешки приоритет. Воениот конфликт на источното крило на континентот, агресијата на Русија врз Украина и засилената геополитичка конкуренција на глобално ниво ја претворија дебатата во Брисел од технички процес во стратешки императив.
Терминот „унификација“, стратешка и идентитетска, кој сѐ почесто се користи од европските лидери, вклучувајќи го и претседателот на Комисијата Урсула фон дер Лајен, ја отсликува променетата перцепција според која да се остават Западен Балкан, Украина и Молдавија во „сива зона“ едноставно е неприфатлив безбедносен и економски ризик. Целта „2030 г.“ за прифаќање нови членки, поддржана од сè погласните застапници на овој пристап, не е само датум во календарот, туку политичка мобилизација која треба да спречи натамошна дестабилизација и пенетрација на трети, неевропски влијанија во регионот, а нив ги има и сè се посилни и поагресивни. Сепак, дури и во овие услови на геополитичка итност, ЕУ се бори со сопствениот институционален парадокс, секоја земја членка ја признава итноста, но ретко која е подготвена да се откаже од правото на вето или да го загрози сопствениот суверенитет на одлучување во клучните фази од пристапниот процес.
Во контекст на разрешување на дилемите како понатаму, во последно време се појавија неколку клучни документи и иницијативи: Француско-германскиот предлог за продолжување со проширувањето (од крајот на 2023 година), преточен во Комуникација на Европската комисија за неопходните реформи пред проширувањето (објавена на почетокот од 2024 година), неформалниот предлог (non-paper) за поедноставување на процесот на проширување (септември/октомври 2025 г.) и Предлог-резолуцијата на Европскиот парламент за институционалните промени потребни за проширувањето (октомври 2025 г.). Сите овие документи се обидуваат да одговорат на прашањето дали е време за проширување (унификација) на Унијата и, ако е, како.
Европската комисија во својата Комуникација од 2024 година ја потврдува геополитичката неопходност од проширувањето, но истакнува дека ЕУ мора прво да се реформира за да биде подготвена за нови членки. Европскиот парламент во својата Предлог-резолуција, од октомври 2025 година, истакнува дека институционалните реформи се неопходни за да се обезбеди функционалност на идната проширена ЕУ. Предложени се промени во Договорот, зголемување на флексибилноста и промовирање на диференцирана интеграција. Сепак, конкретниот пат кон реформи сè уште е нејасен.
Последниве недели, пред состанокот на Европскиот (геополитички) совет, кој се одржа на 23/24 октомври, и пред оној клучниот кој редовно се одржува во декември по објавувањето на Извештајот за проширувањето од Европската комисија, низ ходниците во Брисел и главните градови на земјите членки, Европскиот парламент и многуте дипломатски дестинации, кружеше неформален, но важен документ кој го адресираше прашањето дали е време за проширување (унификација) на Унијата и дали процесот може да се „откочи“ (само) преку поедноставување на правилата на процесот на пристапни преговори.
Сите кои го следиме процесот сме свесни дека во моментов промена на Договорот за основање на ЕУ е невозможна мисија, барем не во блиска иднина, и дека треба да се разгледа сериозно секоја можност за иновативно толкување на примената на Договорот или пофлексибилно читање и примена на правните процедури кои се применуваат во одлучувањето во процесот на пристапни преговори. Ние сме една од земјите кои на своја кожа го осети горчливиот вкус на ветото со политичка билатерална заднина, и тоа во неколку наврати, па тоа е и причината зошто сме силно заинтересирани за секој предлог што може да понуди решение за нашата блокада од страна на, во моментов, една земја членка.
Основната порака на овој неформален документ е конзистентна: проширувањето мора да биде побрзо, поефикасно и помалку подложно на политичко блокирање на техничките чекори од билатерални побуди. Ова подразбира суштински промени во работењето на клучните тела, пред сѐ во Работнатa група на Советот на ЕУ за проширување и за пристапување (КОЕЛА [COELA]). Новите неформални предлози предвидуваат наметнување на стандардни, стриктни временски рокови за клучните процедурални чекори: на пример, три недели за обработка на извештаите од анализата на усогласеноста со правото на ЕУ од Комисијата, четири недели за дефинирање на заедничките преговарачки позиции на Советот за отворање на кластерот, како и за верификација и за утврдување на времените одредници и заедничките позиции за нив, и пет недели за завршните заеднички позиции за затворање на пооделните поглавја (и кластерот Фундаменти). Овие предлози немаат цел да ја заменат едногласноста за финалната одлука за членство (која бара дополнително и ратификација од сите национални парламенти), туку би се примениле во техничките меѓуфази на преговорите. Се проценува дека во текот на пристапниот процес има околу 150 до 200 технички одлуки кои сега бараат едногласност.
Забележувам дека постојат одредени недостатоци во самиот неформален предлог бидејќи евидентно се изоставени начинот и процедурата за затворањето на кластерот Фундаменти, процедурата за одлучување за наведените меѓуфази, користењето и примената на механизмот за реверзибилно квалификувано мнозинство и вклучувањето во процесот на суспензија на самите преговори. Исто така многу е важно дали ќе биде потребна или неопходна промена на општите ЕУ-позиции за сите земји со кои се отворени преговорите, односно адаптација на нивните преговарачки рамки, како и интерните процедури на КОЕЛА, за што повторно е неопходна едногласност, итн. Сепак, и покрај наведениве недостатоци, предлогот е вреден за дискусија. Но, клучното прашање е дали ЕУ може реално да го забрза и да го заврши проширувањето до 2030 година без да ги промени своите основни правила за донесување одлуки. Многумина аналитичари сметаат дека доколку не се спроведат барем „институционални реформи во сенка“ пред финалното проширување, Унијата ќе стане целосно нефункционална со 35 и повеќе членки. Ова ја засилува и ја прави императивна потребата за усогласување на двете паралелни агенди: реформа на ЕУ и реформа на кандидатките.
Сржта на дебатата за внатрешната реформа на ЕУ, која директно влијае врз Македонија, лежи во напорите да се надмине парализата предизвикана од барањето за едногласност во клучните фази на пристапниот процес. Префрлањето на овие одлуки од едногласност на квалификувано мнозинство би значело дека земјите како Македонија, Украина и др. ќе бидат помалку изложени на политички вета, овозможувајќи процесот да се движи според заслугите. Клучните аргументи во полза на квалификувано мнозинство се дека се намалува потенцијалот за „внесување“ на билатерални спорови во Унијата, се зголемува предвидливоста и се забрзува техничкиот дел од преговорите. Аргументи против квалификувано мнозинство се тие дека се отвора опасност од наметнување волја на големите земји, нарушување на суверенитетот на малите земји членки и губење на легитимитетот на процесот бидејќи проширувањето на крајот е суверена одлука на секоја држава членка на Унијата.
Дополнително, и за нас исклучително важно, а засега во сенка на сите дебати за можните решенија, е најконтроверзниот елемент во новата методологија (од март 2020 г.) и во актуелните предлози, а тоа е механизмот за обратно квалификувано мнозинство (RQMV-Reversed QMV) кој се однесува на корективни мерки, односно суспензија и реверзибилност на преговорите. Според моделот на обратно квалификувано мнозинство, доколку Европската комисија или една земја членка предложи т.н. корективни мерки или суспензија на преговорите на земјата кандидатка поради значително назадување во реформите (особено во владеењето на правото), таа суспензија автоматски стапува на сила за 90 дена, освен ако не биде блокирана од квалификувано мнозинство на земјите членки. Со тоа вратата за вметнување на билатералните спорови или, во нашиов случај, на идентитетските прашања во овој дел од процесот е отворена. Најголема жртва на овој систем и на овој механизам е (не)предвидливоста. За Македонија, обратно квалификуваното мнозинство воведува уште еден слој на политички ризик: дури и ако преговорите напредуваат, секој чекор напред ќе биде под постојана закана од реверзибилност. Овој механизам, иако е дизајниран да ги заштити стандардите на ЕУ и да го гарантира принципот на заслуги, во практика може да се користи како лесна политичка алатка за притисок и, нагласувам уште еднаш, како врата за внесување на билатерални барања од каков било карактер во процесот на преговори.
Според актуелната преговарачка рамка, отворањето на кластерот Фундаменти непринципиелно само за нас е условен со уставни промени за вклучување на бугарското малцинство во Преамбулата на нашиот Устав. Оваа условеност, без преседан во историјата на проширувањето, претставува плодно тло за политичка поларизација во земјава бидејќи ја изместува дебатата од суштински европски реформи кон билатерални наметнати идентитетски прашања. Но, штетата е направена, сега мора да бараме начин како да ја надминеме пречката.
За познавачите на пристапниот процес јасно е дека дури и по усвојувањето на уставните амандмани, кои се неизбежни, патот кон членство во ЕУ останува комплициран. Процесот налага, покрај Патоказот за владеење на правото како составен дел од него, усвојување во целосно инклузивен процес и на акциски план за заштита на правата на поединци припадници на малцинствата или на заедниците. Овој план, кој ја третира заштитата на малцинствата, мора да биде спроведен во практика паралелно со другите реформи. Ова ќе биде постојан тест за следење на добрососедските односи. Неговата поврзаност со билатералните прашања дефинирани и прифатени од наша страна со Протоколот 2 меѓу Македонија и Бугарија, како и општата позиција на ЕУ со Преговарачката рамка, ќе биде вистинскиот предизвик за нашата политичка зрелост и за дипломатскиот капацитет. Да заклучам, акцискиот план е многу повеќе од технички документ, тој е длабок политички тест за демократската зрелост на државата и способноста за препознавање на националните интереси. Барањата од ЕУ, односно од Бугарија, не се само формални, туку суштински, поврзани со имплементација на европските стандарди за човекови права, што не е спорно, но испреплетено и со суптилни билатерални барања од страна на Бугарија (Протоколот 2), пред сè поврзани со историјата, со образованието, со малцинствата и со јазикот.
Политичката цена на непринципиелните блокади и на политичките вета е висока. Граѓаните, сведочејќи на секојдневните препукувања и закани, сѐ повеќе развиваат замор и состојба на апатија и на скептицизам кон целиот европски процес. Довербата во ЕУ, која некогаш беше многу висока, драстично опаѓа, што создава плодна почва за дезинформации и за антизападни наративи кои ја користат оправданата фрустрација во нивна полза, но наша директна штета.
За да се разбере подобро позицијата на Македонија, неопходно е да се погледне и пошироката слика на европското проширување, од една страна геополитичката брза лента на која се движат Украина и Молдавија, а од друга страна регионалната динамика која ја диктираат Албанија и Црна Гора. Концептот за „унификација“ нуди потенцијал за забрзување на интеграцијата, но и нови идентитетски ризици. За Македонија, за наредниов период најважно е обезбедување на национален консензус преку надминувањето на политичката поларизација на европскиот пат и одлуките поврзани со него. Владејачките и опозициските партии мора да изградат „државна позиција“ за ЕУ со целосно разбирање дека геополитичката шанса нема да трае долго. Фаќање приклучок со Албанија и со Црна Гора не е политичка потреба, туку стратешки егзистенцијален императив. Внатрешната политичка разединетост е најголемиот подарок за оние кои сакаат да ја задржат Македонија надвор од Унијата, а нив, за жал, ги има во не мал број, од различни побуди.
Дебатата за проширувањето која е во тек и која добива интензитет не е само за новите членки туку и за иднината на самата ЕУ. Ако ЕУ успее да го воведе квалификуваното мнозинство во техничките фази и да ја балансира строгоста на корективните мерки преку обратно квалификувано мнозинство со праведност, а Македонија успее да ги надмине политичките поделби и да испорача видливи резултати во борбата против корупцијата, тогаш перспективата 2030 г. може да стане реалност и за нас. Во спротивно, процесот ќе остане заробен во истата спирала на политички блокади и на непредвидливост, а најголемата жртва ќе биде иднината на европскиот проект. Едно е сигурно: времето работи против двете страни, ниту ЕУ може да си дозволи да чека ниту Македонија да заостанува со домашните задачи. Ова е моментот кога одлуките донесени во Скопје и во Брисел ќе ја дефинираат геополитичката мапа на Европа за следните генерации.