Финансии / Банкарство
Aвтомобилските кредити забележале месечно и годишно намалување, Народна банка со информација за монетарните движења во октомври
21.11.2025
Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити бележат раст од 11,8%, во поголем дел како резултат на растот на депозитите на секторот „домаќинства", се наведува во соопштението на Народна банка за монетарни движења во октомври 2025 година
На годишна основа, вкупните кредити бележат раст од 12,1%, којшто во поголем дел произлегува од зголемените кредити на корпоративниот сектор, при раст и на кредитирањето на секторот „домаќинства"
Вкупните депозити на корпоративниот сектор, овој месец, бележат месечен пад од 1,1%. Притоа, падот е резултат на намалените депозитни пари и долгорочните депозити во странска валута, во услови на остварен раст кај останатите компоненти. Во споредба со октомври претходната година е забележано зголемување од 8,1%, коешто во најголем дел произлегува од зголемените депозитни пари и краткорочните депозити. ‒ Во октомври, кредитите на корпоративниот сектор5 се зголемени за 0,4% и 13,7% на месечна и на годишна основа, соодветно, во целост поради зголеменото кредитирање во денари, во услови на пад на кредитите во странска валута.
Вкупните депозити на домаќинствата, во октомври 2025 година, забележаа месечен и годишен раст од 1,1% и 14,0%, соодветно. Нагорната промена кај двете основи во најголем дел е одраз на растот на депозитните пари и долгорочните депозити во денари, при остварен помал раст и на останатите компоненти. ‒ Овој месец, кредитите на домаќинствата бележат месечно и годишно зголемување од 0,8% и 10,6%, соодветно, како резултат на зголеменото кредитирање во денари и во странска валута, со поизразен придонес на кредитите во денари.
Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во октомври, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, остварија месечен раст од 0,9% и 1,1%, соодветно, како и годишен раст од 10,2% и 16,1%, соодветно. Овој месец, кај автомобилските кредити е забележано месечно и годишно намалување од 0,4% и 1,9%, соодветно. Кредитите одобрени на кредитните картички се непроменети на месечно ниво, додека на годишно ниво остварија пад од 6,8%. Во октомври, негативните салда на тековните сметки и кредитите одобрени врз други основи се намалени за 4,5% и 0,6% во споредба со претходниот месец, соодветно, додека на годишна основа се пониски за 8,4% и 9,5%, соодветно.