Финансии / Банкарство
Бајрами: Финансиската писменост е темел на стабилен и одржлив пензиски систем
21.11.2025г.
Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС најавува дека во наредниот период ќе се разгледуваат нови модели за исплата на пензии и дополнителни подобрувања на пензискиот систем. За таа цел веќе се формирани неколку работни групи кои работат на реформската агенда.
Претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Ремзи Бајрами, истакна дека улогата на Агенцијата како регулатор е да обезбеди стабилен, транспарентен и одржлив пензиски систем, како и навремени, точни и разбирливи информации за јавноста. Бајрами нагласи дека финансиската писменост ќе биде еден од главните приоритети во наредниот период, бидејќи претставува клучен предуслов за успешноста на реформите.
„Само информиран граѓанин може да ги препознае придобивките од учеството во вториот и третиот столб и да донесе одлуки кои ја зајакнуваат неговата лична финансиска сигурност,“ истакна Бајрами, додавајќи ја важноста на медиумите како партнер во обезбедување точни и проверени информации и зајакнување на довербата во системот.
Членот на Советот на експерти, Дарко Саздов, посочи дека во наредниот период се очекува воведување нови модели за исплата на пензии, како и имплементација на мултифондови во системот на капитално финансирано пензиско осигурување. Според него, Владата веќе формирала работни групи кои работат на можностите за инвестирање преку мултифондови и на унапредување на моделите за исплата.
Саздов објасни дека масовната исплата на пензии од вториот столб се очекува да започне околу 2030 година, а до 2040 година бројот на пензионери од овој столб може да достигне 12 до 13 илјади лица.
Тој додаде дека се разгледуваат опции за месечни ануитети, комбинирани модели и други механизми за намалување на ризиците за членовите. Во системот веќе се акумулирани околу три милијарди евра, што претставува 17 проценти од БДП, а опфатени се 626 илјади членови, односно 77 проценти од работно активното население.
„Мултифондовите ќе овозможат инвестирање според возраста, подинамично портфолио за помладите, балансирано за средната генерација и поконзервативно за лицата над 60 години,“ рече Саздов, додавајќи дека дополнително се разгледуваат и нови модели за исплата преку осигурителни компании, но тие бараат координација со Владата.