Финансии / Банкарство
КОЛКУ ЌЕ ЗАРАБОТИ ДРЖАВАТА ОД ОДАНОЧУВАЊЕТО НА ОНЛАЈН ПРАТКИТЕ?
19.11.2025
Собранието ги изгласа измените и дополнувањата на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки со вредност до 22 евра.
Целта на овие законски измени се зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места.
Спроведувањето на измените се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании. Со укинувањето на ослободувањето, околу 4 милиони денари месечно (65.000 евра), колку што изнесува прометот кон странските онлајн платформи во одредени периоди, ќе се пренасочат кон домашното стопанство.
Овие средства ќе помогнат во растот на локалните компании, креирањето нови работни места и подобрувањето на условите и платите на вработените, соопштуваат од Министерството за финансии.
Оваа измена претставува значаен чекор во заштитата и развојот на домашната економија, особено во услови на интензивна глобализација и раст на дигиталната трговија.
Дополнително, новиот модел ќе придонесе за намалување на сивата економија. Досегашниот систем дозволуваше можни злоупотреби – увоз на стоки ослободени од ДДВ кои понатаму се продаваа на домашниот пазар. Новите законски решенија ја спречуваат оваа пракса и обезбедуваат фер и контролирана пазарна средина.
Трошокот за пресметката и плаќањето на ДДВ нема да падне на товар на граѓаните, што значи дека нема да има промена на цените за крајните потрошувачи, а мерката ќе обезбеди фер конкурентност помеѓу домашните и странските онлајн продавници, нагласуваат во МФ.
Фото Економија и бизнис