Финансии / Банкарство
Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови ја одржа првата Меѓународна конференција
18.11.2025г
Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови на Северна Македонија успешно го одржа својот прв значаен јавен настан - Меѓународната конференција „Одржлив пензиски систем – две децении прогрес “.
Настанот кој се одржа во хотелот Marriott во Скопје беше посветен на одбележување на 20-годишнината од реформата на пензискиот систем во земјата, здружувајќи водечки домашни и меѓународни експерти коишто споделија искуства, позитивни практики и дискутираа за иднината на пензиското осигурување.

Преставниците на Асоцијацијата велат дека конференцијата ги постигна основните цели - да се истакнат достигнувањата од реформата, да се адресираат новите демографски и финансиски предизвици и да се отвори платформа за дијалог за глобални инвестициски стратегии и регулаторни стандарди.
Дискусиите се фокусираа на развојната улога на пензиските системи во обезбедувањето на долгорочна социјална сигурност и економска стабилност, како и нивниот придонес кон развојот на пазарот на капитал.
Учество на настанот земаа претставници од трите домашни пензиски друштва, Сава пензиско друштво а.д Скопје, КБ Прво пензиско друштво а.д Скопје и Триглав пензиско друштво а.д Скопје, во име на новооснованата Асоцијација, како и официјални претставници на клучни државни институции, вклучувајќи го Министерството за финансии, Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС и Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија, ПИОСМ.

Меѓународното учество беше столб на конференцијата каде што свој придонес во дискусиите дадоа експерти и високи претставници од институции како Светска банка, EIOPA, PensionsEurope, регионални асоцијации на пензиски друштва и претставници на пензиски друштва од земји како Финска, Ерменија,Хрватска, Бугарија, Романија, Грузија, Австрија и др.
Во своето воведно обраќање, претседателот на Асоцијацијата, Маријан Николовски, ја нагласи важноста од координирана и институционализирана соработка меѓу пензиските друштва преку Асоцијацијата, како и заедничката посветеност за создавање одржлив и сигурен пензиски систем за сите граѓани – соработка што овозможува усогласено делување во подигнување на јавната свест, унапредување на регулаторната рамка и развој на професионалните и инвестициските стандарди. Панелистите дополнително истакнаа дека размената на меѓународни искуства е клучна за унапредување на инвестициските стратегии и регулаторните практики.

„Првата Меѓународна конференција, организирана по повод дваесетгодишнината од пензиската реформа, претставува значаен чекор во нашата мисија за создавање одржлив и сигурен пензиски систем. Ќе продолжиме со активности што ќе ја зајакнат професионалноста, транспарентноста и довербата во пензискиот систем во интерес на сегашните и идните генерации“ – изјави Маријан Николовски, Претседател на Асоцијацијата и Член на Управен одбор на Триглав пензиско друштво а.д Скопје.
Дополнително, свое обраќање имаше и Весна Стојановска, Претседател на УО на КБ Прво пензиско друштво а.д Скопје и заменик претседател на Асоцијацијата на пензиски друштва за управување со пензиски фондови на РСМ, која зборуваше за петте меѓусебно поврзани предизвици со кои се соочува пензискиот систем во државата.
Тоа се демографските промени и притисокот на пазарот на труд, финансиските дефицити, адекватноста и правичноста на пензиите и неформалната економија со ограничена покриеност кои ги истакна како главни проблеми со кои се соочува пензискиот систем на Северна Македонија. За да се зачува финансиската стабилност и адекватноста на пензиите, потребно е системот да се приспособи на новите реалности преку навремени и добро осмислени реформи.
Со дополнување дека „Најуспешните модели на пензиски фондови обезбедуваат рамнотежа меѓу финансиска одржливост, достоен животен стандард и меѓугенерациска правичност од повеќе извори на финансирање. Пензиските друштва во изминатите 20 години покажаа успешно управување со средствата на идните пензионери остварувајќи просечни приноси на годишно ниво од 5,7%. И покрај ограничувачката рамка, која не е променета од почетокот на функционирање на пензиските фондови при зголемени инвестициски можности и голем хоризонт на инвестирање, приносите се на ниво на европски реномирани пензиски фондови. Потврда за управувањето на пензиските фондови се и наградите кои друштвата ги имаат добиено изминатите години од престижна европска институција - Investment and Pension Europe.”

Во осврт на самата конференција, Снежана Станковиќ, Претседател на Управниот одбор на Сава пензиско друштво а.д Скопје, додаде:
„Со особена гордост можеме да кажеме дека конференцијата беше голем успех. Овој настан не беше само одбележување на јубилеј, туку потврда дека визијата за современ македонски пензиски систем, што започна пред две децении, денес е реалност. На конференцијата присуствуваа сите институции кои се дел од пензискиот систем, како и меѓународни и домашни експерти. Особено значајно е што имавме гости од земји како – Франција, Финска, Хрватска, Бугарија, Грузија, Ерменија и Романија, како и претставници на Светска банка, EIOPA и PensionsEurope. Ова е доказ дека нашата работа е препознаена и на меѓународно ниво.
Клучната порака што сите ја истакнаа е јасна: одржливоста на пензискиот систем не е еднократен чин, туку постојана обврска. Демографските промени, стареењето на населението и нивото на акумулација на средства се предизвици кои бараат континуирано следење и адаптација. Затоа мора да го зајакнуваме капитално финансираниот модел и да учиме од светските практики, и позитивни и негативни. Нашата цел е јасна, стабилен, сигурен и праведен пензиски систем за сите граѓани. Уверени сме дека со заедничка работа на државата, регулаторите и пензиските друштва ќе продолжиме да го јакнеме системот кој обезбедува сигурност за сегашните и идните генерации.”

На оваа прва меѓународна конференција, на која учество земаа 15 странски и 13 домашни експерти и ја посетија повеќе од 200 гости, низ четирите панел дискусии и неформалните разговори помеѓу учесниците, се покажа дека трите пензиски друштва преку Асоцијацијата поставија важна платформа за понатамошна соработка и размена на искуства помеѓу домашните и странските експерти. Настанот потврди дека само преку континуирани реформи, следење на глобалните трендови и зајакнување на капитално финансираниот модел може да се обезбеди стабилен, сигурен и праведен пензиски систем. Позитивните впечатоци се силен поттик за сите вклучени страни да продолжат заеднички да го градат системот што обезбедува сигурност за сегашните и идните генерации.
За следниот период од Асоцијацијата најавуваат серија иницијативи насочени кон унапредување на секторот, како професионална обука за кадрите во индустријата, кампањи за финансиска едукација на граѓаните и континуирана соработка со регулаторите и институциите за креирање на политики ориентирани кон иднината.
Дел од овие планови вклучуваат организирање на дополнителни конференции и панел-дискусии со цел промовирање на најдобрите практики и поттикнување иновации во управувањето со пензиските фондови.
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk