Општество
Почнуваат информативните сесии за програмата „Креативна Европа 2021 – 2027“
18.11.2025
Во организација на Канцеларијата за програмата на ЕУ „Креативна Европа“ при Министерството за култура и туризам, од денеска почнуваат информативните сесии за програмата „Креативна Европа 2021 – 2027“ („Култура“ и „МЕДИА“) во просториите на „Europe House“ во повеќе градови во земјава.
Првата сесија се одржува денеска од 12:00 до 14:00 часот во Струга, утре е закажана сесија во Крива Паланка од 12 до 14:00 часот, на 24 ноември од 12:00 до 14:00 часот ќе се одржи во Скопје, на 25 ноември од од 12:00 до 14:00 часот во Велес, на 26 ноември од 12:00 до 14:00 часот во Струмица, на 2 декември од 13:00 до 15:00 часот во Битола и на 3 декември од 12:00 до 14:00 часот во Тетово.
Во текот на сесиите, Канцеларијата за „Креативна Европа“ ќе ги информира присутните за актуелните и за претстојните повици на програмата „Креативна Европа“ („Култура“ и „МЕДИА“), а ќе обезбеди и практични насоки за процесот на аплицирање. По завршувањето на настанот, заинтересираните учесници ќе имаат можност за индивидуални консултации.
Настаните се од отворен карактер и се наменети за организации, уметници и професионалци од културниот, креативниот и од филмскиот сектор, со цел да се поттикне нивна активна вклученост во европските проекти и да се унапреди нивниот професионален и институционален развој, се наведува во соопштението.
Фото: Министерство за култура и туризам