Општество

Државниот архив на Македонија има нов директор

Новиот директор на Државниот архив на Македонија, м-р Димитар Богески денеска официјално ја презел функцијата од неговата претходничка Наташа Котлар-Трајкова.

Од Државниот архив информираат дека за директорот Богески, оваа функција не претставува привилегија, туку обврска – со јасна цел работата на Архивот да биде транспарентна, отворена, отчетна и достапна за сите граѓани. Тој упатил благодарност до досегашната директорка, за нејзиниот ангажман и придонес во изминатиот период.

- Архивот како институција зазема значајно место во нашата држава. Тој е чувар на историјата и идентитетот на Република Македонија, обезбедувајќи континуитет меѓу минатото, сегашноста и иднината. Ова е првпат по долги години на чело на една ваква престижна позиција да дојде човек кој е од редовите на вработените – со 19 години работен стаж, кој ги поминал сите скалила во институцијата. Тоа искуство е од непроценливо значење и ќе помогне во надминувањето на сите предизвици со кои се соочуваат вработените и корисниците на услугите на Архивот, се посочува во објавата на Фејсбук на Државниот архив на Македонија.

Целта на новиот директор, како што посочуваат, е Архивот да биде отворен кон сите, да се слушнат различни идеи и решенија со цел подобра и поефикасна работа.

Претходната директорка на Државниот архив на Македонија, Наташа Котлар-Трајкова на 14 ноември беше разрешена од функцијата која ја извршуваше една година и четири месеци. Таа во изјава за медиуми нагласи дека поводот поради кој е разрешена е едно нејзино интервју во месец август со кое изнесува критички став за македонските иселеници во Австралија. 


 

Фото Економија и бизнис 

ПРЕПОРАЧАНО