Lifestyle
„Вкуси ја хармонијата на билките“, почнува фестивалот на чај во Скопје
14.11.2025
Со слоганот „Вкуси ја хармонијата на билките“, од денеска до недела во приземјето во Скопје Сити Мол ќе се одржи годишниот „Фестивал на чај“, кој нуди уникатно искуство за љубителите на чајот, природата и здравиот живот.
Во трите фестивалски денови ќе учествуваат над 30 изложувачи со производи како чаеви, ароматични билки, есенцијални масла, природна козметика, мед и пчелни производи, како и рачно изработени уметнички предмети инспирирани од светот на чајот. Посетителите ќе имаат можност за дегустации, совети за здрав живот и интерактивни работилници.
Програмата вклучува музички перформанси, церемонии на чај во изведба на Институтот „Конфуциј“ при УКИМ, едукативни сесии за македонскиот планински чај, научни активности од Ботаничката градина и студентите биолози, како и креативни работилници за изработка на сапунчиња.
„Фестивалот на чај“, кој годинава одбележува 10 години, претставува спој на природата, науката, уметноста и културата со цел промоција на здрави навики и автентични вредности.