Општество

Kонзервација и реставрација на Спомен-домот „Разловечко востание“ во Разловци

Националниот конзерваторски центар (НУ НКЦ) распиша тендер за избор на најповолен економски оператор за реализација на Основен проект за конзервација и реставрација на Спомен-домот „Разловечко востание“ во селото Разловци, Општина Делчево.

Проектот, кој ќе се реализира во пет фази, опфаќа конзервација и реставрација на кровот, внатрешните и надворешните ѕидови, замена на дотраената столарија со нова од трајни материјали и термопан стакло, како и санација на партерното уредување и потпорните ѕидови со дренажа.

На средбата меѓу директорот на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, Златко Начовски, и градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, беше истакнато дека реализацијата на овој проект претставува капитална инвестиција во културата на Делчево и важен чекор во зачувувањето на културно-историското наследство.

– Како наследници на храбрите востаници, имаме обврска да го чуваме овој значаен објект и да ја пренесуваме неговата приказна на новите генерации. Спомен-домот „Разловечко востание“ е уникатно архитектонско дело на проф. д-р Ѓорѓи Константиновски, кој во 1980 година ја доби првата награда на весникот „Борба“ на ниво на поранешната СФРЈ. Изразувам голема благодарност до Владата, Министерството за култура и Националниот конзерваторски центар за поддршката и инвестицијата во Делчево, изјави градоначалникот Гоцевски.

Директорот Начовски посочи дека реконструкцијата ќе овозможи Спомен-домот да ја врати својата оригинална архитектонска форма, проектирана од Константиновски, и да прерасне во мултифункционален објект кој доликува на историското значење на Разловечкото востание од 1876 година.

– Со новиот концепт за поврзување на културата и туризмот даваме нова енергија за одржлив развој на овие две јавни дејности во Општина Делчево. Веќе се работи на нова годишна програма за поддршка и развој на културата и туризмот за 2026 година, изјави Начовски.

Спомен-домот „Разловечко востание“ е еден од најзначајните објекти од поновата македонска архитектура и симбол на првото организирано вооружено востание против Отоманската империја во Македонија.


 

Извор/фото МИА 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано