Lifestyle

ПОЧНУВА ФЕСТИВАЛОТ НА ЧАЈ – АРОМАТИЧНО ПАТУВАЊЕ НИЗ ПРИРОДАТА, ТРАДИЦИЈАТА И ЗДРАВИОТ ЖИВОТ

Со слоганот „Вкуси ја хармонијата на билките“, од 14 до 16 ноември, на приземјето во Скопје Сити Мол ќе се одржи годишниот „Фестивал на чај“, кој нуди ретко искуство за сите љубители на природата, чаевите и здравиот начин на живот. Настанот е во организација на Платформата за истражување и промоција на природата и културата „Експедиција ПРИРОДА“/МРК Дијалог и Скопје Сити Мол.

Во текот на трите фестивалски деновинад 30 учесници ќе ги претстават своите производи – чаеви, ароматични билки, есенцијални масла, природна козметика, сапунчиња, мевлеми, мармалади, намазиколачи од билки и шумски плодови. Фокусот на фестивалот е насочен кон автентичноста која природата ја нуди, преку лековитите билки и нивната примена во секојдневниот живот. Посебно внимание ќе биде посветено и на пчелните производи – природен мед и козметика од мед за поздрав живот.

Амбиентот на фестивалот ќе биде збогатен со присуство на уметници, кои ќе изложат  рачно изработени чајници и филџани, персонализирани аксесоари и уникатни уметнички предмети инспирирани од светот на чајот. Посетителите ќе можат и директно да комуницираат со производителите, да добијат совети за поздрав живот и да научат повеќе за благодетите на билките и природата.

Помеѓу учесниците ќе бидат претставени: Билна аптека „Матија“, ЛАСОИ и ЛаЧа ароматерапи, Билна аптека „Роза Канина“, Ливан Хербал, Китка дарови, Игнеа козметика, ЛаВита Агро, АПИ – природна козметика, Хелт Шоп Македонија, Мое Сапунче, Студио за сапун 23, Мирјана Ангелеска со производи од шумски плодови, Пчеларско здружение – Природен мед, Мед Хепи, Пчеларство ПетроскиВ, Пчеларство Антови, Елена Манчевска со природна козметика и медни мевлеми, Гостилица со природен планински чај, како и Здружението „Моја земја“, кое ќе понуди дегустација на култивиран планински чај и традиционален ритуал „Сучење врвки“.

Во рамките на фестивалот ќе учествуваат и образовните институции Институтот „Конфуциј“ при УКИМ и Ботаничката градина при ПМФ – Скопје, заедно со Истражувачкото друштво на студенти биолози (ИДСБ), кои ќе го збогатат настанот со научно-едукативни активности и интерактивни презентации.

Фестивалот на чај ќе биде збогатен со низа попратни настани, работилници и перформанси, кои ќе и дадат посебен шарм на тридневната програма.

Во петок, на 14 ноември, предвиден е музички перформанс во духот на македонската етно музика, а потоа ќе следи церемонија на чај во изведба на Институтот „Конфуциј“ при УКИМ, со кинески инструментален перформанс, танц, калиграфија и демонстрација на традиционални хартиени техники.

Во сабота, 15 ноември, фестивалот ќе продолжи со едукативната сесија „Македонскиот планински чај“ во организација на Здружението „Моја фарма“, каде посетителите ќе научат повеќе за култивирањето и заштитата на овој вреден вид. Истовремено ќе се одржи и работилницата „Босилек сучење врвки“, инспирирана од билното културно наследство. Потоа, Ботаничката градина и студентите биолози ќе го претстават своето „научно катче“ со хербариум, инсектариум и интерактивни експерименти за деца и возрасни, како и работилница „Хотел за инсекти“.

Истиот ден ќе се одржи и работилницата „Време за чај“ и „Волшебниот зелен чај“ со дегустација на ЛаЧа чаеви, водена од фармацевтот Соња Станковиќ.

Недела, 16 ноември, ќе биде исполнета со уште една серија активности во знакот на чајот и природата. Институтот „Конфуциј“ ќе ја претстави повторно кинеската церемонија на чај, музички перформанси и работилници за калиграфија и традиционални техники на хартија. Денот ќе заврши со креативната работилница „Сапунче“, каде посетителите ќе имаат можност сами да изработат сапунчиња од природни состојки.

„Фестивалот на чај“, кој годинава одбележува 10 години е место на среќавање на природата, науката, уметноста и културата, каде секој љубител на чајот ќе може да ја „вкуси хармонијата на билките“ – симфонија од ароми, бои и инспирација.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано