Општество
Одбележани 36 години од падот на Берлинскиот ѕид
09.11.2025г
Берлин, некогаш поделениот град што беше симбол на Студената војна, денеска одбележа 36 години од падот на Берлинскиот ѕид со комеморација на улицата Бернауер штрасе, која била пресечена на две кога ѕидот бил изграден во 1961 година.
- Храбрите граѓани, со својата желба за слобода и единство, го урнаа Берлинскиот ѕид, изјави градоначалникот на Берлин Кај Вегнер, кој присуствуваше на одбележувањето на падот на ѕидот на 9 ноември 1989 година.
Аксел Клаусмајер, директор на Фондацијата Берлински ѕид, рече дека „сеќавањето на настаните од есента 1989 година нè обврзува да ја преземеме одговорноста“, пренесе ДПА.
Посетувајќи спомен-место украсено со рози, тој нагласи дека „тоа нè обврзува да ја негуваме толеранцијата, да ја браниме демократијата, слободата и човековите права, како и да го промовираме сонот за мирно соживување“.
Берлинскиот ѕид 28 години го делел градот на Источен и Западен Берлин. Во есента 1989 година, масовните демонстрации ја ставија под притисок владата на поранешна Источна Германија, која на 9 ноември ја отвори затворената граница и им дозволи на граѓаните да патуваат.
Десетици илјади луѓе преминаа од Источен во Западен Берлин таа вечер, со што падна и внатрешната германска граница меѓу Источна и Западна Германија.
Оваа година, Берлин за првпат ја одбележува годишнината со „Недела на слободата во Берлин“ – серија од околу 130 конференции, културни настани и разговори со очевидци на 80 локации, кои ќе траат до 15 ноември.
На отворениот настан, Светскиот конгрес за слобода, присуствуваа околу 200 дисиденти од повеќе од 50 држави со авторитарни режими. Вегнер изјави дека историјата на Берлин покажува дека желбата за слобода и демократија не може да биде потисната.
Фото: ДПА