Финансии / Банкарство

Лагард: Воведување на еврото ѝ носи на Бугарија заштеди во милијарди

Со усвојувањето на еврото од почетокот на следната година, Бугарија ќе постигне поголем просперитет и безбедност и ќе ја зајакне својата улога во Европската Унија, изјави претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард во Софија.

Според неа, просечниот бруто домашен производ на Бугарија по глава на жител се зголемил во периодот 2015-2025 година од една третина на речиси две третини од просекот на Еврозоната.

Таа, исто така, истакна дека 65 проценти од бугарскиот извоз оди во Европската Унија, а 45 проценти во земјите од Еврозоната.

Исчезнувањето на трошоците за конверзија ќе донесе заштеди од околу една милијарда лева годишно за компаниите, додаде таа.

Еврото, како што забележува Лагард, исто така обезбедува стабилност и заштита од валутни шокови. За мали и отворени економии како Бугарија, изложеноста на флуктуации може да биде силна, а членството во Еврозоната обезбедува целосна заштита од промени на девизниот курс и ја зајакнува конкурентноста на бугарските компании.

Таа изјави дека дел од бугарската јавност се плаши од губење на суверенитетот и зголемување на цените.

Лагард објасни дека Бугарија нема да ја изгуби контролата врз монетарната политика, бидејќи гувернерот на Народната банка на Бугарија добива право на глас во Одборот на гувернери на ЕЦБ, додека привременото зголемување на цената за време на размената на валути ќе биде помеѓу 0,2 и 0,4 проценти, се вели на веб-страницата на ЕЦБ.

Со прифаќањето на еврото, Бугарија го потврдува својот европски идентитет и стабилност, ја зајакнува институционалната отпорност и создава поволни услови за развој на мали и средни претпријатија, со што се зголемува животниот стандард на граѓаните на долг рок, рече Лагард, пренесува Б92.


Фото Економија и бизнис

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано