Финансии / Банкарство

НБ: Во 2025 година економскиот раст 3,5 отсто, просечната стапка на инфлација 3,9 проценти

За 2025 година се очекува раст на економијата од 3,5 отсто, а просечната стапка на инфлација ќе изнесува 3,9 проценти, соопшти денеска Народната банка.

Се оценува дека дефицитот на тековната сметка ќе биде 4,2 процента од БДП што е проширување на дефицитот во однос на претходната година.

Во споредба со априлските проекции, се очекува умерено повисок дефицит на тековната сметка наспроти финансиските текови кои во просек се повисоки од претходните очекувања.

Како што рече гувернерот Трајко Славески, макроекономската слика за домашната економија укажува на солидни економски изгледи и на натамошна стабилизација на инфлацијата.

-Најновите макроекономски проекции за периодот 2025 - 2028 година укажуваат на отпорност и солиден раст на економијата. За годинава се очекува раст од 3,5 отсто, во периодот 2026 - 2028 тој би забрзал на 4 отсто. Во однос на инфлацијата, просечната стапка ќе изнесува 3,9 отсто, а во натамошниот период ќе следи патека на надолно приспособување и враќање кон историскиот просек, истакна Славески на прес-конференција.

Како што нагласи Славески, во првите девет месеци од 2025-та кредитната активност забележа силен раст кој, според Народната банка, би продолжил и до крајот на годината.

-Во периодот 2025 - 2028 година се очекуваат солидни нето-приливи на финансиската сметка кои би се искористиле за финансирање на дефицитот на тековната сметка. Во однос на структурата, најголемиот дел од приливите на нето-основа се очекуваат во форма на странски директни инвестиции и долгорочно задолжување на државата во странство. За целиот период на проекцијата се очекува зголемување на девизните резерви и натамошно соодветно ниво за одржување на стабилноста на домашната валута, подвлече гувернерот.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано