Финансии / Банкарство

„Експанзивните политики“ го намалија фискалниот простор и ризикуваат зголемување на домашните ценовни притисоци, се наведува во извештакот на ЕК за напредокот на нашата земја

Имплементацијата на политичките насоки договорени на Економскиот и финансискиот дијалог во мај 2024 година е ограничена. Владата не ја исполни првичната фискална цел во 2024 година, а платите во јавниот сектор беа зголемени во текот на годината над првично буџетираните средства, додека пензиите беа зголемени во септември 2024 година и повторно во март 2025 година, на линеарен начин наместо преку индексација, се наведува во најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на нашата земја.

„Буџетот за 2025 година не е во согласност со новото правило за дефицит, чија примена е одложена до 2027 година, една година подоцна од првично планираното“, посочува Европската комисија.

Европската комисија предупредува и на кумулативниот пораст на нивоата на јавниот долг во последните пет години кој предизвикува загриженост. Јавниот долг се зголеми за 4,3 процентни поени на годишно ниво на 62,4% од БДП во 2024 година, значително над нивото од пред пет години (49,2%). Иако учеството на надворешниот долг во јавниот долг се намалува во последните пет години (-5,7 процентни поени), тој останува висок, на 55,6%. Генерално, долгот во странска валута сочинуваше 66% од вкупниот долг. 91% од долгот во странска валута е во евра, што е значително над прагот утврден во стратегијата за јавен долг (80%). Сепак, ризиците што произлегуваат од девалвацијата на девизниот курс се ублажуваат со „де факто“ врзувањето на валутата за еврото.

Според ЕК, експанзивните фискални политики го намалија фискалниот простор и ризикуваат зголемување на домашните ценовни притисоци, а преку привремените ценовни ограничувања за клучните категории на храна и ограничувањата на профитните маржи на трговците на мало, владата придонесе за нестабилноста на инфлацијата.


Фото Економија и бизнис

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано