Финансии / Банкарство

БАНКАРСТВО | Даниела Парат Јовановска: Како меѓународните партнерства ја зајакнаа Народна банка?

Даниела Парат Јовановска, авторот е советник во Кабинетот на гувернерот

Повеќето луѓе ретко размислуваат за работата на централната банка, но нејзината улога тивко го обликува нашиот секојдневен живот. Од тоа да се обезбеди задржување на вредноста на нашите пари, преку одржување на стабилноста на банкарскиот систем, па сѐ до обезбедување на непречено функционирање на платните системи − централните банки ја штитат стабилноста на економскиот живот на граѓаните. Но, исто како и секоја друга институција, централните банки мораат постојано да се модернизираат и да учат едни од други за да останат ефикасни во светот на финансиите кој постојано се менува.
Народна банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) презеде значајни чекори за зајакнување на своето работење во неколку области преку учество во втората фаза на Регионалната програма за поддршка на централните банки од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ. Програмата започна во 2019 година, а нејзината втора фаза се реализираше во периодот од септември 2022 година до септември 2025 година. Програмата во вредност од 3 милиони евра беше финансирана од ЕУ, а ја спроведе Германската Бундесбанка во соработка со 19 национални централни банки од земји членки на ЕУ (Белгија, Бугарија, Чешка, Грција, Шпанија, Франција, Хрватска, Ирска, Италија, Литванија, Луксембург, Унгарија, Холандија, Австрија, Полска, Португалија, Романија, Словенија и Словачка) и сето тоа со активна поддршка од Европската централна банка. Оваа Регионална програма имаше цел зајакнување на институционалниот капацитет преку пренесување на меѓународните и на европските стандарди во националните практики на централните банки кориснички од Западен Балкан. Притоа Програмата овозможи низа билатерални мерки прилагодени на конкретни институционални потреби на секоја од централните банки кориснички. Секоја мерка се однесуваше на одредена приоритетна област, градејќи се врз почетната состојба и резултирајќи со опипливи институционални подобрувања.
Преку соработка со шест водечки европски централни банки, Народна банка воведе нови практики, ги подобри своите внатрешни капацитети и ги постави темелите за идно усогласување со европските стандарди. Во продолжение се областите на билатерална соработка.

Подобри ИТ стандарди за развој на апликации − за поефикасна централна банка (во соработка со Банката на Италија)


Почетна состојба: Народна банка традиционално го развива поголемиот дел од апликативниот софтвер интерно. Овој пристап обезбедува висока институционална независност, но воедно ја нагласува потребата од усогласување со меѓународни стандарди и најдобри практики во развојот и во управувањето со ИТ решенија. Потребни беа унапредувања во повеќе области како што се: тестирање на софтвер, управување со проекти, безбедност и систематско документирање.
Резултати: Преку размена на експертиза со Банката на Италија, Народна банка ги унапреди и ги зајакна постојните практики за развој на ИТ апликации. Централната банка дополнително ги усоврши пристапите за управување со целиот циклус на развој на софтвер, од прибирање и анализа на барања до тестирање и имплементација, со што се овозможи поголема конзистентност и ефикасност во работењето. Народна банка ги надгради веќе воспоставените пристапи и обезбеди уште поголема структурираност, особено во делот на систематското документирање и формализирање на корисничките барања и спецификации, воспоставување на јасни методи за контрола и обезбедување на квалитет, интеграција на безбедносните стандарди во сите фази на развој, како и автоматизација на процесите за тестирање. Овие унапредувања значително ги зајакнаа внатрешните капацитети за управување со ИТ проекти, овозможувајќи поголема конзистентност, транспарентност и отпорност во работењето на Народна банка.

Приближување на сметководството до европските стандарди (во соработка со Хрватската народна банка)
Почетна состојба: Народна банка ги применува и ги следи Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ) во своето финансиско известување како што е пропишано со домашното законодавство. Сепак, усогласувањето со сметководственото Упатство на Европската централна банка (ЕЦБ) останува стратешка цел, особено во очекување на интеграцијата на земјава во ЕУ. Подготовките подразбираат познавање на транзициските чекори, на организациските прилагодувања и на практичните предизвици во однос на неговото воведување и примена.
Резултати: Преку соработка со Хрватската народна банка, НБРСМ се стекна со информации и со знаење за потребните активности за транзиција од МСФИ кон сметководственото Упатство на ЕЦБ. Експертите се запознаа со правната рамка на ЕЦБ, со сметководствениот третман на монетарните трансакции, со вреднувањето на позициите од билансите и со обврските за известување кон ЕЦБ. Разгледувањето на искуството на Хрватската народна банка и нејзините активности пред да се приклучи на евросистемот се многу корисни за подготвителните активности на Народна банка. Исто така се стекна знаење за ИТ решенијата за паралелни сметководствени процеси на двата начини и за потребните прилагодувања во Контниот план. Овие резултати обезбедуваат солидна основа за постепено усогласување на политиките и непречена идна интеграција во Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ).

Заштитата на потрошувачите преку модерна финансиска супервизија (во соработка со Народна банка на Словачка)
Почетна состојба: Народна банка ја зајакнува правната рамка за изградба на ефикасен систем за заштита на потрошувачите во банкарскиот сектор. Воспоставената супервизорска улога на Народна банка во доменот на заштитата на потрошувачите има потреба од подобрување на системот за интегрирање на анализата на квалитативни информации, иновативни алатки за контрола, транспарентност и доследно информирање на потрошувачите − корисници на финансиски услуги и производи и воспоставување на фер практики на финансиските институции.
Резултати: Народната банка на Словачка го сподели својот модел на модерна супервизија во доменот на заштита на потрошувачите. Пренесените знаења вклучуваа зајакнување на законската основа за заштита на потрошувачите, воведување на принципи на пропорционалност и на етика и развивање на аналитички капацитет за квалитативни информации (поплаки, договори, следење на медиумите). Исто така беше подвлечена важноста на планирањето на вонтеренската и на теренската супервизија, во еден континуиран циклус, базиран на методологија за процена на ризиците од доменот на заштитата на потрошувачите. Експертите од НБРСМ се запознаа со иновативни алатки како што е „тајно купување“ („mystery shopping“), за откривање на злоупотреби на пазарот. Покрај тоа, како приоритети беа посочени мерките и барањата за борба против финансиски измами. Соработката преку оваа мерка ќе влијае во насока на забрзана модернизација на супервизорскиот пристап на НБРСМ во доменот на заштита на потрошувачите.

Управување со податоци за носење подобри одлуки (во соработка со Централната банка на Австрија)


Почетна состојба: Висококвалитетните податоци се основа на правилното донесување одлуки. Одделни аспекти на управувањето со податоци на ниво на НБРСМ се веќе применети, меѓутоа процесот и понатаму е фрaгментиран, што ја наметнува потребата од понатамошно унапредување што може да се постигне преку воспоставување на сеопфатна рамка за управување со податоци во Народната банка, што ќе обезбеди конзистентност, сигурност и јакнење на институционалната свест.
Резултати: Преку споделување на искуството од воспоставувањето на централизирано управување со податоци во Централната банка на Австрија, се согледаа можните насоки за дизајнирање на сеопфатна и модерна рамка за управување со податоци во НБРСМ. Ова, пред сѐ, се однесува на улогите, одговорностите и процесите за обезбедување квалитет, безбедност и пристапност на податоците, преку практични примери на структурирање на податоците, нивно складирање и визуелизација, како и безбедност на информациите и практики за управување со пристапи. Стекнатите знаења за управувањето со податоци можат да се применат кај тековните развојни проекти (за воспоставување склад на податоци за екстерни статистики, грануларно известување за потребите на статистиката и супервизијата и сл.). Бидејќи е препознаена потребата од управување со процесот на ниво на Народна банка, во оваа мерка учествуваа претставници од повеќе дирекции, што влијаеше во насока на зголемување на институционалната свест. Мерката постави силна основа за градење одржлива култура на управување со податоци.

Одржување на финансиската стабилност со макропрудентни мерки (во соработка со Чешката народна банка)
Почетна состојба: Одржувањето на финансиската стабилност подразбира поседување соодветни алатки од страна на централните банки за спречување или за превенција на системскиот ризик. Народна банка има законска надлежност за водење на макропрудентната политика и веќе применува макропрудентни инструменти и мерки. Сепак, корисно е споделувањето на практичното искуство на странските централни банки со цел да се подобри примената на ваквите мерки, пред сѐ мерките за квалитетот на кредитната побарувачка и на заштитните слоеви на капиталот за системски значајните банки и за системскиот ризик.
Резултати: Соработката со Чешката народна банка обезбеди вредни сознанија за воспоставувањето и за оценката на очекуваните ефекти од макропрудентните мерки. Народна банка веќе иницираше измени на мерките за квалитетот на кредитната побарувачка и стекнатото знаење беше корисно во процесот на нивната калибрација. Колегите од партнерската централна банка, исто така, ја истакнаа важноста од развивање системи за рано предупредување и индикатори за финансискиот циклус. Ова би го збогатило сетот алатки за идентификување на системски ризици и ќе ја зголеми ефикасноста на макропрудентната политика.

Зајакнување на капацитетот за воспоставување детален систем за известување (во соработка со Банката на Португалија)


Почетна состојба: Во Народна банка во тек е проект за воспоставување на нов систем за грануларно интегрирано известување од страна на банките и штедилниците, за статистички и за супервизорски потреби. За дизајнирање на новиот систем, од суштинско значење беше практичната поддршка од Банката на Португалија како институција која има долгогодишно искуство и модерен систем на прибирање и дисеминација на статистички податоци.
Резултати: Преку серија експертски мисии и работни посети на Банката на Португалија, Народна банка ги продлабочи своите знаења за процесите на прибирање, валидација, обработка и дисеминација на податоци. Пренесеното искуството за применетите ИТ решенија, изворите на податоци и аналитичките алатки е значајна поддршка за успешната реализација на новиот проект за грануларно известување. Мерката ги унапреди структурата на известувањето, воспоставувањето на централизирани регистри и интеграцијата на податоците. Пристапот до платформите за обука од областа на науката за податоци (data science) дополнително ги подобри компетенциите на вработените. Проектот е во напредна фаза, со воспоставена правна рамка и со подготвено апликативно решение за прием на податоци кое е во фаза на тестирање. Известувањето на банките и на штедилниците по новиот систем е предвидено да започне од септември 2026 година, што претставува одличен пример за стратешкото долгорочно влијание на соработката со Банката на Португалија во рамките на Регионалната програма финансирана од ЕУ.

Зајакнување на капацитетите за решавање на банки (во соработка со Хрватската народна банка)
Почетна состојба: Со новиот Закон за решавање на банки, донесен во октомври 2023 година, Народна банка ја презеде улогата на национален орган за решавање на банки, со транзициски период од две години за донесување на потребните подзаконски акти. Клучен предизвик е градењето капацитети во планирањето на решавањето на банки, употребата на алатките за решавање и практичните предизвици.
Резултати: Во текот на работниот престој во Хрватската народна банка беше споделено искуството на оваа централна банка во однос на планирањето на решавањето на банки и при учеството во Единствениот механизам за решавање на банки на ЕУ. Беа разгледани најрелевантните аспекти на решавањето на банките како што се одредувањето на стратегиите за решавање на банките, одредувањето на минималните барања за сопствени средства и дозволени обврски (MREL) и проценката на можноста за решавање на банките. Ова знаење помогна при изготвувањето на подзаконската регулатива, воспоставувањето на институционалната рамка за вршење на новата функција и градењето капацитети за извршување на мандатот за решавање на банки, обезбедувајќи подготвеност за успешно справување со идните предизвици.

Унапредување на управувањето со оперативниот ризик (во соработка со Банката на Португалија)
Почетна состојба: Рамката за управување со оперативните ризици на Народната банка обезбедува систем за координирано, сеопфатно и систематско управување со оперативните ризици. Нејзината цел е навремено да ги идентификува настаните кои можат да влијаат врз функционирањето на Банката, да ја одржи изложеноста во прифатливи рамки и да овозможи успешно остварување на стратешките цели. Управувањето со оперативни ризици во Народната банка е усогласено со меѓународните стандарди, принципи и практики на централните банки. Со цел понатамошно зајакнување на оперативната отпорност, Народна банка препознава потреба од унапредување на процесот преку поедноставување на процедурите, прецизирање на опфатот, подобрување на прибирањето информации и рационализирање на известувањето за ризиците.
Резултати: Соработката со Банката на Португалија имаше за цел продлабочување на знаењата и унапредување на капацитетите на НБРСМ за натамошно развивање и оптимизирање на рамката за управување со оперативните ризици. Практичната работа опфати повеќе клучни области кои значеа подобро запознавање со рамката за управување со оперативните ризици во Банката на Португалија, а особено проценката на прифатливото ниво на изложеност на ризици и следењето на клучните индикатори за ризици. Воедно посебно внимание беше посветено и на Програмата на Банката на Португалија за свесност и развој на институционалниот капацитет за оперативни ризици. Со практичната примена на стекнатите знаења се очекува оптимизација на процесот за управување со оперативните ризици во Народната банка, воведување изјава за прифатливо ниво на оперативен ризик и јакнење на организациската култура и на свеста за ризици.

Билатералните мерки реализирани во рамките на Регионалната програма донесоа трансформативни ефекти во повеќе области на работењето на Народна банка. Учејќи од искуствата на европските колеги, Народна банка значително ги зајакна своите внатрешни работни процеси. Соработката во секоја од областите директно ги адресираше постојните потреби, обезбеди практични насоки во работењето и ги постави темелите за долгорочно институционално зајакнување во согласност со европските стандарди.
Оваа Програма и постигнатите резултати го илустрираат убавиот свет на централните банки, простор во кој банките не си конкурираат, туку соработуваат и си помагаат. Тоа е така затоа што имаат заедничка цел − ниска и стабилна инфлација, финансиска стабилност, подобра заштита на потрошувачите. Сето тоа, во поширок контекст, носи само придобивки за граѓаните и за бизнисите.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано