Финансии / Банкарство
Tриглав Осигурување АД Скопје со нето добивка од 136,2 милиони денари во првите девет месеци од 2025г.
29.10.2025г
• Нето приходите од премија за 2025 година изнесуваат 888 милиони МКД, кое што претставува зголемување во однос на 2024 година за 7%, односно за 59 милиони МКД. Гледано аналитички, причините за растот се:
- Раст на бруто премијата за 121 милиони МКД, што делуваше позитивно на нето приходите од премијата. Значаен раст се забележува во класите за здравствено осигурување (раст од 40 милиони МКД) и осигурување на кредити (раст од 30 милиони МКД);
- Раст на премијата предадена во реосигурување и соосигурување за 31 милиони МКД, што делуваше негативно на нето премијата.
- Промената во нето резервите за преносна премија, во споредба со 2024 година, влијаеше негативно за 31 милиони МКД.
• Приходите од финансиски вложувања изнесуваат 55 милиони МКД и се за 11% повисоки од 2024 година, генерално поради зголеменото портфолио на Друштвото. 80% од овие приходи се однесуваат на камати, а 3% се однесуваат на приходи од наемнини. Останатите приходи од вложувања главно произлегуваат од курсни разлики и реализирани добивки од продажба на финансиски вложувања. Во овој период имаме и наплата на застарено побарување во износ од 1 милион МКД.
• Приходи по основ на провизии од реосигурување изнесуваат 81 милиони МКД и се пониски за 7 милиони МКД, односно за 8% во однос на 2024 година, поради пониски провизиски стапки на предадената премија (различна структура).
• Oстанатите осигурителни приходи, заедно со останатите приходи се зголемени за 9% (1 милион МКД) поради повисоки затезни камати од добиени судски спорови за регреси. Во делот на расходите, Друштвото ги оствари следниве резултати:
• Нето расходите за штети се во износ од 352 милиони МКД и се за 94 МКД (21%) пониски од минатата година. Гледано аналитички, причините за падот се:
- Пад на бруто ликвидираните штети за 8 милиони МКД, што делуваше позитивно на нето расходите за штети;
- Раст на бруто ликвидираните штети под реосигурување за 33 милиони МКД, што делуваше позитивно на нето расходите за штети;
- Промена во нето резервите за штети во споредба со 2024 година, влијаеше позитивно за 61 милиони МКД.
• Останатите технички резерви се за 0,6 милиони МКД зголемени поради зголемените резервации за менаџерско осигурување (дел од Класата 1 – Осигурување од незгода).
• Трошоците за бонуси и попусти изнесуваат 34 милиони МКД и се повисоки за 6 милиони МКД во однос на минатата година, во согласност со зголемената премија.
Најголем износ на попусти отпаѓа на осигурување на моторни возила (12 милиони МКД) и здравствено осигурување (11 милиони МКД).
• Нето трошоците за спроведување на осигурувањето во деловната 2025 година изнесуваат 403 милиони МКД што претставува раст од 8% или 30 милиони МКД во однос на истиот период претходната година. Влијание за растот имаше позицијата „провизии (трошоци за стекнување)“ со раст од 9 милиони МКД, во согласност со растот на бруто полисираната премија од 121 милиони МКД. Дополнително, зголемување има и кај трошоците за маркетинг/промоција во износ од 25 милиони МКД.
• Трошоци од вложувања се минимални (износ од 0,5 милиони МКД ).
• Останати осигурително технички трошоци се во износ од 44 милиони МКД, односно за 4 милиони МКД (9%) повисоки од 2024 година, поради растот на трошоци за асистентски.
• Вредносно усогласување на побарувањата е намалено за 2,7 милиони МКД, за разлика од минатата година кога беше забележано намалување на исправката од 3,2 милиони МКД. Кон намалување на исправката главен придонес имаше уплатата на субвенции за полиси во земјоделието од страна на Агенцијата за финансиска поддршка.
Во однос на очекувања за претстојниот период од компанијата велат дека во однос на макроекономско опкружување за 2025 година сеуште постојат нагорни притисоци во однос на ценовната стабилност, како и високо ниво на каматни стапки на глобално ниво кои може негативно да влијаат на oчекувањата. Дополнително, тарифите што ги воведоа САД, особено кон Кина, имаа за цел да ги заштитат американските производители, но резултираа со зголемени трошоци за потрошувачите и трговски тензии. Наместо да ја зајакнат домашната индустрија, многу компании ќе се соочат со зголемени трошоци за увозни суровини. Овие мерки може да доведат до намалување на глобалната трговија и економска нестабилност во иднина. Долгорочно, ваквите протекционистички политики можат да ја поткопаат довербата во глобалниот економски систем.
И покрај тоа, Триглав Осигурување АД, Скопје во претстојниот период очекува понатамошно профитабилно, безбедно и одржливо работење. Планираната премија во 2025 година изнесува 1.689 милиони МКД, односно раст од околу 5% во однос на 2024 година. Добивката исто така се очекува да се движи во нагорна линија.
Друштвото ќе ги превземе сите неопходни активности за остварување на зацртаните цели и задачи во рамки на Планот за 2025 година и Стратегијата 2022-2025 година, а притоа ќе биде фокусирано пред сè на дополнителен развој на стратешките осигурителни производи, обезбедувајќи им на клиентите врвна, навремена и доверлива услуга.