Бизнис

РАБОТНИКОТ МОЖЕ ДА РАБОТИ 13 ЧАСА ДНЕВНО, НО ТОА ДА БИДЕ „ДОБРОВОЛНО“, еве што содржи новиот закон во Грција

Работниците во Грција ќе можат да работат 13 часа на ден за еден работодавач, што претходно беше можно само за повеќе работодавачи, но не секој ден, туку 37,5 дена во годината, или 2-3 дена во месецот. Просечното работно време останува 48 часа неделно, што е меѓу највисоките во Европската Унија.

Ако работникот работи 13 часа еден ден, тој мора да работи помалку во остатокот од неделата за да го задржи просекот на 48 часа.

Со овој закон, владата сака поголема флексибилност на пазарот на трудот, што бизнисмените го бараат со години, додека синдикатите се против негова примена.

Во новиот закон се предвидува ова правило да важи само за приватниот сектор, бидејќи власта  не сака конфликт со вработените јавните институции. Владата тврди дека 13-часовниот работен ден ќе биде ограничен на одредени сектори, како што е туризмот, каде што работниците често работат подолго време, но законот спречува такви ексцеси, додека се одржува просекот од 48 работни часа неделно.

Законот, исто така, му дозволува на работодавачот да отпушти вработен кој одбива 13-часовна работа, но вработениот може да го тужи работодавачот. Сепак, многумина немаат средства за судски случаи.

Реформата делумно се припишува на демографската криза и недостигот на работна сила. Грчката влада, свесна за ова, воведува стимулации за талентирани странски работници и билатерални договори со африканските и азиските земји за увоз на работна сила.

Синдикалците во Грција организираа два општи штрајкови против реформата на работното време, со која се воведува 13-часовен работен ден. Илјадници работници протестираа против мерката, која Сириза ја нарекува „достојна за средниот век“. Додека северна Европа експериментира со четиридневна работна недела, Грција очигледно оди во спротивен правец, пишува Еуроњуз.

Можноста за работно време од 13 часа постоеше и претходно, но само доколку вработениот имал две или повеќе работни места и беше начин да се заштитат вработените од прекумерно работно оптоварување, но сега се претвора во спротивност, бидејќи работодавачот може да бара 13 часа работа дневно, а од вработениот зависи дали „доброволно ќе го прифати тоа“.

Министерката за труд и социјална сигурност, Ники Керамеус, повтори во собранието дека тоа ќе биде доброволно и дека ниту еден вработен нема да биде принуден да го стори тоа, и, бранејќи ја новата регулатива, рече дека „сега му даваме (на вработениот) можност да работи дополнително за истиот работодавач, без патување, со 40% повисока плата“.

Таа нагласи дека, според нејзино мислење, „постојат работници кои бараат да работат подолго време“, особено во туризмот, еден од главните двигатели на грчката економија, каде што во лето келнерите, хотелскиот персонал и готвачите работат подолго од пропишаните осум часа.

Досега, законот во Грција дозволуваше до три часа прекувремена работа покрај осумте часа, пренесува Блиц.


 

Фото Економија и бизнис 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано