Економија
По царините од САД индиските текстилци бараат нови купувачи во Европа
14.10.2025
Индиските извозници на текстил бараат нови купувачи во Европа за да го ублажат влијанието на високите американски царини и нудат големи попусти на клиентите во САД. Во август, САД ги зголемија царините за увоз на индиска стока на 50 проценти, нанесувајќи им тежок удар на голем број индиски економски сектори, вклучително и на текстилната индустрија.
Трговските преговори меѓу Индија и ЕУ влегоа во фаза на донесување одлуки и делегациите работат со забрзано темпо, така што договорот за слободна трговија ќе биде потпишан до крајот на годината.
Европската Унија е најголемиот партнер на Индија во трговијата, кој достигна 137,5 милијарди долари, според податоците од индиското Министерство за трговија. Во 2024 година, вредноста на увозот на индиски текстил и облека во Европската Унија изнесуваше 6,96 милијарди евра, според податоците од Европската комисија.
Индиските извозници работат со забрзано темпо за да се усогласат со построгите европски норми за хемикалии, етикетирање на производи и етичко снабдување, изјавија извозниците од текстилниот сектор за Ројтерс.
САД беа главен пазар за индиските производители на текстил и облека, сочинувајќи речиси 29 проценти од вкупниот извоз во вредност од 38 милијарди долари, пренесува Пословни дневник.
Фото Економија и бизнис