Општество
Одбележан јубилејот - 100 години авијација во Битола
11.10.2025
Аеро-клубот „Мирко Тодоровски“ на спортскиот аеродром „Логоварди“ одбележа јублеј - 100 години авијација во Битола.
Според документација во клубот, првите летови над градот се регистрирани во 1925 година, а во 1935 била воспоставена редовна авионска линија на релација Белград - Ниш - Скопје - Битола - Солун.
На свечена академија, што се одржа под мотото „СТОлетие“, се обрати претседателот на клубот, Вања Атанасов.
- Нашите клубови 30 години се соочуваат без инстуционална поддршка за финансиска или материјална помош и затоа вљубениците во аматерското воздухопловство лично помагаат за опстојување на клубовите. Но и покрај тоа, во последниве години се забележува развој и напредок на воздухопловството. Во аеро-клубот „Мирко Тодоровски“ активни се четири секции, односно моделарската секција чии членови освојуваат светски одличја, активна е падобранската секција, потоа секција за моторно летање и едриличарска секција. Иако оставени ветрометина сепак успеваме да го одржуваме во живот воздухопловството во Битола. Во моментов, столб на клубот е Васко Михалчев, познат воздухопловец кој 45 години е активен член на клубот, ги почитуваме сите членови, вклучувајќи ги највозрасните Јован Свидерски и Благој Атанасов, кои имаат по 87 години, како и најмладата членка - Марија Котевска, која има 17 години, нагласи Атанасов.
На свечената академија се обратија и амбасадорот на Австрија во земјава - Мартин Памер, членот на клубот - Игор Божиновски и градоначалникот на општина Битола - Тони Коњановски.
- Почитуваме сѐ што ентузијастите направиле за аеро-клубот „Мирко Тодоровски“. Општина Битола издвојува многу средства за спортот, а во наредниот период, локалната самоуправа ќе поддржи и додели 10 стипендии за целосна обука на ученици, кои сакаат да летаат со едрилица, посочи Коњановски.
На свеченоста на портскиот аеродром во Логварди крај Битола беше отворена изложба, спомен - плоча поставена на ѕид на славни воздухопловци, а имаше и надлетувања што ги следеа битолчани, како и гости - претставници на Агенција за цивилно воздухопловсто, Контрола на летање, клубови од Куманово, Штип, Скопје и од Прилеп.
Извор/фото МИА