Општество
Факултетот за ликовни уметности ја продлабочува меѓународната соработка со две уметнички иницијативи - австриска работилница и кинеско-македонска изложба
10.10.2025г
Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во текот на оваа недела е домаќин на две значајни уметнички случувања кои го истакнуваат неговиот континуиран ангажман во поттикнување на меѓународната размена и современото уметничко образование.
Во соработка со Австриската амбасада во Скопје, вчера (9 октомври), започна четиридневната работилница „Lines Released“, посветена на уметничкиот израз „уметничка книга“. Работилницата ја води уметничката од Австрија Регина Хардаба (www.hadraba.at), со асистенција на дипл. ум. Михаил Паскоски, а во неа учествуваат студенти од втора и трета година додипломски студии на ФЛУ. Работилницата ќе биде заокружена со изложба на учесниците која ќе се отвори во понеделник (13 октомври), во Сули ан, Галерија „Драгутин Аврамовски – Гуте“.
Паралелно со оваа активност, во тек е и подготовката на изложбата „Приказни за замислен дом“ („Tales of an Imagined Home“) – резултат на повеќемесечната соработка меѓу студенти и наставен кадар од Факултетот за ликовни уметности во Скопје и Колеџот за кинеска и ASEAN уметност при Универзитетот во Ченгду (Кина). Изложбата ќе биде отворена денеска (10 октомври),, во 19 часот, во Галеријата на ФЛУ (објект Педагошка).
Во проектот учествуваат 18 студенти од Скопје и Ченгду од различни студиски насоки – сликарство, графика, визуелни комуникации и дизајн на продукт. Секој студент, во соработка со партнер од другиот универзитет, создава визија за тоа како би изгледал родниот град на неговиот партнер по 100 години во иднината. Крајниот резултат се дела во различни медиуми – дигитални и традиционални слики, цртежи, текстилни модели, анимации и спекулативни игри – кои ја покануваат публиката да размисли за иднината на заедницата, природата, технологијата и значењето на домот.
Учесници на изложбата се студентите: Билјана Богдановска, Денис Денчиќ, Јана Крстеска, Стефанија Цветановска, Лука Димитриевски, Нина Настев, Сара Ачкоска, Ана Гошева и Дарко Бојовски од ФЛУ, УКИМ – Скопје и Емили Џојс, Болорџин Гонгор, Патира Дуангџај, Сохиба Кучкарова, Талин Гуин, Меи Као, Викторија Шумеика, Кират Сомроо и Чан Ки Јин од Универзитетот во Ченгду, Кина.
Со овие две уметнички иницијативи, Факултетот за ликовни уметности уште еднаш ја потврдува својата определба да биде активен простор на интернационална соработка, експериментирање и размена на уметнички практики, овозможувајќи им на студентите директен контакт со различни културни и уметнички контексти.