Општество
Mилиони луѓе се погодени од вонредни кризи и страдаат од психолошки стрес, депресија и посттрауматско стресно нарушување на долг рок
10.10.2025
Под мотото „Пристап до услуги за ментално здравје при итни и кризни состојби“ денеска на градскиот плоштад „Македонија“ ќе биде одбележан Светскиот ден на менталното здравје.
На настанот, во организација на Универзитетската клиника за психијатрија - Скопје, ќе присуствува министерот за здравство Азир Алиу.
- Преку јавниот собир сакаме да испратиме порака дека здравствените професионалци се тука – блиску, достапни и подготвени да одговорат на потребите за ментално здравје. Посетителите ќе имаат можност да разговараат со психијатри, психолози и други стручни лица, кои ќе дадат информации, ќе одговорат на прашања и ќе упатат на достапните ресурси. Овој настан симболизира заедништво, поддршка и солидарност – темели на процесот на колективно заздравување во време на криза, информираат од ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија – Скопје.
На денешниот Светски ден на менталното здравје, кој се одбележува секоја година на 10 октомври, Светската здравствена организација (СЗО) и Обединетите нации (ОН) алармираат за итната потреба од поддршка на менталното здравје и психосоцијалните потреби на луѓето погодени од хуманитарни вонредни состојби и катастрофи.
Овогодинешната тема е „Пристап до услуги – ментално здравје при катастрофи и вонредни состојби“. Сеопфатната цел на Денот, инициран од СЗО во 1992 година, е да се подигне свеста за проблемите со менталното здравје низ светот и да се мобилизираат напори во негова поддршка. СЗО нагласува дека нема здравје без ментално здравје, истакнувајќи дека менталната благосостојба е составен дел од нашата општа благосостојба.
Секоја година, милиони луѓе се погодени од вонредни ситуации како што се вооружени конфликти и природни катастрофи. Овие кризи значително влијаат на менталното здравје, што кај повеќето луѓе се манифестира преку психолошки стрес и зголемена појава на депресија и посттрауматско стресно нарушување на долг рок.
Податоците покажуваат дека едно од пет лица (22 проценти) кои доживеале воени конфликти во претходните 10 години имаат депресија, анксиозност, посттрауматско стресно нарушување, биполарно нарушување или шизофренија. Лицата со потешки ментални нарушувања, како и постарите лица и жените, се особено ранливи во вонредни ситуации, при што појавата на криза значително го попречува обезбедувањето услуги за ментално здравје и ја намалува достапноста до квалитетна здравствена нега.
СЗО нагласува и дека професионалците кои пружаат помош во екстремни услови се исто така изложени на огромен товар и имаат потреба од стручна помош и поддршка за сопственото ментално здравје.
Меѓународните упатства препорачуваат различни активности за обезбедување достапност на услугите за ментално здравје и психосоцијалната поддршка, кои се движат од самопомош во заедницата до психолошка прва помош и клиничко лекување.
Поддршката на менталната благосостојба на поединците за време на кризи не е само важна – таа спасува животи и им дава сила на луѓето да се справат со предизвиците.
Извор/фото МИА