Општество

Во Македонија 50 до 60 жени годишно умираат од рак на матка, регионален форум за превенција на рак на грлото на матката во Скопје

Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) во соработка со Министерството за здравство на Република Северна Македонија денеска го организира 5. Годишен форум на Регионалната алијанса за превенција на рак  на грлото на матката во Источна Европа и Централна Азија.

Според организаторите, на Регионалниот форум ќе присуствуваат повеќе од 100 претставници од регионот, вклучувајќи претставници од влади, институции  за јавно здравје, академскиот сектор, граѓанското општество и приватниот сектор.

Како што информираат организаторите, на форумот воведни обраќања ќе имаат Флоренс Бауер, регионална директорка на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија, Азир Алиу, министер за здравство, Рита Колумбија, постојана координаторка на ОН во Северна Македонија, Марија Канелопулу од Делегација на ЕУ во Северна Македонија, Валентина Преволник Рупел, министерка за здравство од Република Словенија.

Ракот на грлото на матката е втор најсмртоносен рак кај жените во репродуктивна возраст во Источна Европа и Централна Азија.

-Деведесет проценти од случаите може да се спречат со вакцинација против ХПВ, вирусот што ги предизвикува повеќето видови на рак на грлото на матката, со добро  организирани скрининг прегледи и третман на предканцерозни состојби. Околу 32000 жени се дијагностицираat со рак на грлото на матката во регионот секоја година, а 16000 умираат. Ракот на грлото на матката е причина за голем емоционален, социјален и финансиски товар за жените, нивните семејства и националните здравствени системи, посочуваат од УНФПА.

Од Фондот за население на Обединетите нации информираат дека во Северна Македонија, 50 до 60 жени умираат а околу 170 се дијагностицираат  секоја година.

Нагласуваат дека значителен напредок во регионот кон елиминирање на ракот на грлото на матката како јавен здравствен проблем е постигнат во последните години со поддршка на Регионалната алијанса. Целта е, како што посочуваат, да се достигнат таргетите поставени од Светската здравствена организација (СЗО) односно 90 проценти од девојчињата да се вакцинираат до  15-годишна возраст, 70 проценти од жените да бидат прегледани и 90 проценти од 
заболените жени да добијат третман.

- Вакцината против ХПВ е вклучена во националните календари за имунизација во 14 од 17 земји во регионот. Стапките на покриеност со вакцинација се во пораст и веќе ја надминаа целта од 90 проценти во две земји (Туркменистан и Узбекистан). Некои земји ја воведоа вакцината и за девојчињата и за момчињата. Повеќето земји имаат национални упатства за скрининг на рак на грлото на матката (15 од 18 земји и ентитети), посочуваат од УНФПА. 

Регионалната алијанса е формирана од страна на Регионалната канцеларија на  УНФПА за Источна Европа и Централна Азија во 2021 година. Таа е регионално координативно тело што обединува креатори на политики, медицински експерти, 
компании од приватниот сектор и меѓународни организации за соработка, споделување на знаење и спроведување на Регионалната стратегија на УНФПА за елиминирање на ракот на грлото на матката како јавен здравствен проблем во регионот во согласност со Глобалната стратегија за забрзување на елиминацијата на ракот на грлото на матката како јавен здравствен проблем.


 

Извор/фото МИА 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано