Општество

Магијата на летните кина во Атина – традиција стара со децении

– Има ли нешто поубаво од тоа да гледаш филм под ѕвездите?, вели млада Гркинка додека чека во редот за влез во едно од многуте летни кина една септемвриска вечер, што е уште еден доказ дека летото во Атина не завршува во август. 

Летните кина во грчката метропола не се само вид на забава и релаксација, за многумина се традиција, начин на живот, дел од секојдневието во периодот од мај па се до октомври или како што доста често коментираат медиумите во Грција, тие се дел од атинската културна ДНК. 

- Паметам уште како мал, со родителите секој викенд одевме во летното кино во нашата населба, мало кино со убава градина. Сè уште ги паметам летното ветре и пуканките. Ова ни беше традиција во семејството, традиција што сега и јас ја пренесувам на моето семејство, вели Грк во разговор со дописничката на МИА од Атина.

Некои од летните кина за првпат биле отворени во 20-те и 30-те години на минатиот век и со мали паузи и прекини, работат и денес.

На прашањето „колку летни кина има во Атина?“, тешко се наоѓа одговорот, точна бројка нема со оглед на тоа што не постои конкретен регистар, сајт или пак некоја асоцијација на летни кина, но доколку се направи анализа сигурно се над 80.

Речиси секоја атинска населба има по најмалку едно летно кино – некои помали, некои поголеми, но највпечатливите се оние во центарот на Атина, со поглед на Акропол.

„Сине Тисио“ во истоимената населба и „Сине Парис“ во историската населба Плака во срцето на Атина се едни од најстарите и најпопуларните летни кина, привлечни не само за Грците, туку и за туристите.

„Сине Парис“ на падините на Акропол има богата историја и важи за едно од најстарите летни кина во Атина, отворено уште во 1920 година, кога грчки фризер откако поминал многу години во Парис (оттаму и името на киното) се вратил и го отворил, а во 1960 година било префрлено на локацијата каде што се наоѓа и сега.

Летните кина најчесто имаат две проекции дневно, првата на зајдисонце, а втората во вечерните часови.

Во „Сине Парис“, првата проекција е навистина магична – погледот кон Акропол во комбинација со зајдисонцето, понекогаш дури и го засенуваат самиот филмот, колку и да станува збор за светско ремек-дело или долгоочекувана премиера.

Некои од летните кина ги нудат светските премиери, други пак „остануваат верни“ на класичниот кинематограф со филмови што оставија белег во филмската индустрија.

Едно од кината во кое љубителите на старите филмови може да поминат магична вечер под отворено небо е киното „Тисио“ во истоимената населба во срцето на Атина, неколку чекори под Акропол, што е изградено уште во 1935 година, а оттогаш функционира секоја година со исклучок на малиот принуден прекин за време на окупацијата.

Летното кино „Егли“ е исто така во срцето на Атина, сместено во градините на Запио, веднаш до Националниот парк и Синтагма, нуди историска атмосфера и зеленило.

Далеку од вревата во центарот на градот, а на само неколку чекори од морето, во јужниот дел на Атина, киното „Флисвос“ е едно од неколкуте што се на атинската ривиера, онаму каде што филмот се гледа под ѕвездите но со мирисот на морето.

Без разлика дали ќе се одбере летно кино во строгиот центар на градот, во близина на морето или во некоја мала населба, традиција е филмот да се следи со пуканки или начос, со чаша вино или коктел, онаму каде што филмската уметност се спојува со романтиката на топлите ноќи.

Во летните кина во Атина, барем оние неколку што ги посети дописничката на МИА, нема правила која старосна група е најприсутна.

Има гледачи на сите возрасти, млади парови, друштва средношколци и студенти, повозрасни граѓани, кои како што велат, во летните кина се да се потсетат на младоста, но и да им се радуваат на младите што ја продолжуваат традицијата.

- Доста често, наместо да одиме во некое кафуле, со друштвото одбираме да одиме во летно кино. Немаме омилено, понекогаш го одбираме најблиското, понекогаш се ориентираме според филмот што сакаме да го гледаме. Лето во Атина, значи летно кино, вели млада Гркинка, која ја сретнавме во едно од летните кина.

Крајот на септември и фактот што календарски веќе е есен, не значи и дека сезоната за „movie night“ под отворено небо е завршена.

Пријатните температури дополнително помагаат летните кина и понатаму да се една од опциите за забава во вечерните часови.

Цените на билетите, во зависност од киното, се од седум до 12 евра, додека пак за невработени, лица со инвалидитети и деца, цената е за неколку евра пониска.

Дополнително некои од кината во периодот од понеделник до среда нудат билети за околу две евра поевтини во споредба со регуларната цена во другите денови. ср/дј

Фото: МИА

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано