Убава Македонија
РЕСЕН И СТЕЊЕ
пишува: Александар Матески
Ако преспанскиот крај долг период беше синоним на повлечено езеро, изумрен туризам и лоша инфраструктура, денес регионот доживува вистинска преродба во секој поглед. Езерото е во многу подобра состојба од онаа пред десетина години, голем дел од плажите се добро уредени и со многу содржини, а и патниот правец од Ресен кон Маркова нога е од скоро реновиран и е во одлична состојба.
Да се дојде во Ресен, а да не се посети ресенскиот сарај е исто како да сте биле во Париз, а да не сте го посетиле Версајскиот дворец. Токму западноевропската препознатлива архитектура ќе биде главната инспирација за Ахмет Нијази-бег, еден од водачите на Младотурската револуција, во 1905 година да започне со изградба на овој прекрасен дворец. Денес сарајот е место каде што е сместена богата збирка на дела од Ресенската керамичка колонија. Керамичката колонија е отворена за посетители и секое слободно време во Ресен треба да се искористи за да се посети оваа изложба. Посетата на овој објект е и уникатна можност од една страна да се доживее грандиозноста на градбата, а од друга страна да се искуси и големата креативност на околу 250 уметници од целиот свет. Во ходникот на сарајот е поставен и голем дрвен чун изработен од едно дрво (моноксилен), кој бил користен на Преспанското Езеро. Слични такви чунови, стари според некои проценки и над четири милениуми, се изложени и на островот Свети Ахил во Малото Преспанско Езеро во Грција, што е само доказ за еден навистина долг континуитет на активен живот на бреговите на овие езера. Чуновите што се пронајдени во Наколец се долги и до 5 метри, секако рачно изработени, а само благодарение на тоа што немале допир со кислород и тоа што се наоѓале под вода денес можеме да се воодушевуваме на одличната сочуваност на овие уникатни средства за превоз. И самиот топоним на селото Наколец укажува на постоење на наколно живеалиште во водите на Преспанското Езеро, слично на познатиот Залив на коските во месноста Градиште, но и она во близина на устието на реката Дрим во Струга на Охридското Езеро. Во дворот на сарајот не ретко се одржуваат и музички концерти и слични настани со што објектот повторно добива живост.
Стење нуди прекрасна можност за одмор, а посебно за издвојување е големата песочна плажа што е одлично уредена од скоро, а во тек е и изградбата на два големи угостителски објекти на самата плажа со што во целост ќе се искористи големиот потенцијал што го има ова место. Најверојатно местото го има добиено името Стење по големите карпи – стени што се наоѓаат на југоисточната страна од селото. А токму таму води патот кон селото Коњско. Доколку имате желба за пешачење, авантура или пак имате повисоко возило што не го жалите многу, тогаш вистинската убавина на преспанскиот брег лежи скриена токму на таа страна. Низ релативно лошиот пат со почетна нагорнина и бројни мали камења, по околу 5 км се пристигнува до таблата што ја означува патеката за црквата „Свети Илија“. Оттука пешки во правец кон езерото се потребни 7-8 минути за да се пристигне до најубавиот поглед на езерото. Токму оттука се гледаат прекрасните недопрени плажи познати како Лиса.
Кога сте долу на убавите плажи и во прекрасната дивина сфаќате дека најдобрата опција за да пристигнете до тоа место можеби е по воден пат и со изнајмување на кајче. Црквата „Свети Илија“ е изградена кон крајот на XIX век на карпа над самото езеро, па по многу нешта потсетува на „Свети Јован Канео“ во Охрид. Место и поглед што тешко се забораваат.
На враќање Отешево може да биде добра дестинација за одмор во сенките во угостителските објекти и за сумирање на впечатоците.