Општество
ФИЛОЗОФИЈА | СВЕТЛАНА ПОП-ДУЧЕВА: Хана Арент и Мартин Хајдегер
Светлана Поп-Дучева | Авторот е доктор на Филозофски науки
Економија и бизнис | печатено издание | 15 јули 2025г.
Во светот на философијата, љубовта меѓу Хана Арент и Мартин Хајдегер е позната како „необична врска“ во која се испреплетуваат нишки на страст, интелектуална фасцинација, контроверзни политички погледи, различни идеолошки заднини, социјален статус, младост наспроти зрелост итн. Сепак, и двајцата философи, иако различни по природа, биле поврзани во длабока интимна и мисловна релација која траела повеќе децении.
Хана Арент (1906 − 1975), политички теоретичар, философ чии дела опфаќаат широк спектар на етички и на политички теми, прашања кои се однесуваат на природата на доброто и на злото, на славата и на моќта, на улогата и на местото на обичниот човек во авторитарните, тоталитарни и демократски општества, е заговорник на т.н. „директна и непосредна демократија“ и една од највлијателните интелектуални фигури на 20 век. По потекло Еврејка, израсната во семејство на средна класа во славниот град Кенинсберг, денешен Калининград − родното место на Имануел Кант − и во Берлин. Студира философија на универзитетот во Марбург, Германија, каде што се запознава со тогашниот универзитетски професор по философија Мартин Хајдегер. Романтичната врска меѓу студентката и професорот започнува на прва година на студии, кога Хана е на 18-годишна возраст, а Хајдегер во брак, оженет и 17 г. постар од неа. Моралната комплексност на врската − од една страна брачниот статус на Хајдегер и од друга страна „младоста, наивноста и неискуството“ на Хана не се проблем, камен на сопнување се нивните политички и идеолошки разлики.
Мартин Хајдегер (1889 − 1976), покрај Хусерл, е еден од највлијателните и инспиративни философи во континенталната философија на 20 век, како и постмодерните правци во философијата. Роден во семејство на ѕвонар на селска црква во местото Мескирх (Баден), најпрвин студира теологија, но подоцна се пронаоѓа во философијата. Голем успех постигнува со делото „Битие и време“, дело кое му овозможува да стане професор по философија и подоцна ректор на универзитетот во Фрајберг каде што предава до пензионирањето, сè до 1945 г. По Втората светска војна, практично француските власти го пензионираат поради неговиот познат ректорски говор во кој го слави „историскиот повик на Германија…“, говор познат по „обоеноста“ и кокетирањето со нацизмот во времето кога во Германија нацистите се на власт. Врската меѓу Хана и Хајдегер доживува неколку прекини, а по едно такво идеолошко несогласување Хана се сели во Хајделберг каде што започнува со пишување на докторската дисертација посветена на Свети Августин, а под менторство на Карл Јасперс. Во 1929 г., Хана се мажи за Гинтер Штерн и истата година ја објавува дисертацијата, но поради антисемитизмот не ги добива потребните квалификации за работа на Универзитетот Хајделберг. Од Германија се сели во Франција, во Париз, каде што е мошне политички ангажирана во отпорот. Ги помага еврејските бегалци, организира бегства, но и самата е жртва, па така завршува во логорот Гурс. По заточеништвото и излегување од логорот повторно се мажи, но овој пат за Ханрих Блихер и се иселуваат во САД каде што добива државјанство и останува до крајот на својот живот предавајќи на познати и на престижни универзитети.
За време на сите тие години, Хана одржува жива кореспонденција со Хајдегер, а кореспонденцијата е објавена во делото „Писма 1925 − 1975“. Делото е збирка од писма меѓу двата философа, врска која започнала како тајна романса, но подоцна прераснала во доживотна пријателска и интелектуална поврзаност во која идеолошките разлики и судири кои напати биле драматична причина за оддалечување, сепак, целосно не ја прекинале врската која продолжила не само со допишување туку и со среќавање, и тоа долги години. „Писма 1925 – 1975“ открива интензивни емоции меѓу философите, едно длабоко разбирање што ги надминува историските рани каде што Арент, позната по својот став за „баналноста на злото“, на некој начин му простува и го разбира Мартин Хајдегер. Инспиративниот мислител, пак, ќе инспирира низа автори, иако делото „Битие и време“ ќе го напише во првата половина на 20 век. Сепак, тоа е значајно и денес. Исто така голем број на философи се инспирирале од делото, меѓу нив Жан Пол Сартр, Жак Дерида и др. Во фундаменталниот текст на Хајдегер коментаторите забележуваат дека поимот „дазајн“(Dasein) е претставен како термин за одреден тип битие што го поседуваат луѓето. „Дазајн“ од германски се преведува како „битието таму“. Хајдегер верува дека „дазајн“ веќе има „предонтолошко“ и неапстрактно разбирање што го обликува начинот на кој живееме. Овој начин на постоење тој го нарекува „битиe во светот“. Главната Хајдегерова идеја се однесува на човекот не како изолиран субјект, туку како „вметнат во светот“, тој не е само надворешен набљудувач, тој е активен учесник фрлен во светот на своето т.н. „предонтолошко“ постоење каде што поседува интуитивно, секојдневно разбирање за својата припадност уште и пред да почне да размислува за себе и своето место во него. Со други зборови, човекот има разбирање за својата онтолошка позиција и живее со интуитивно знаење што значи да се биде, тој е во интеракција со постоењето, таму некаде каде што припаѓа.
Хајдегер, како што веќе спомнав, извршил големо влијание врз егзистенцијалистите и деконструктивистите, па така Жан Пол Сартр во делото „Битие и ништо“, напишано во 1943 г., е инспириран од идејата за „преонтолошката поставеност на човекот“ и како резултат на егзистенцијалистичката реакција на Хајдегеровата идеја го развива концептот на слобода и на ништото. Жак Дерида во делото „Битие и глас“ прави деконструкција на Хусерл и на Хајдегер и се придржува до идејата дека „јазикот е вистинскиот дом на битието“ итн.
Хана умира во 1975 г., а Мартин во 1976 г., една година подоцна. Љубовта на двата извонредни философски ума, едниот лево ориентиран, другиот десно, денес е историја и онтолошко сведоштво на љубовта.