Општество
Дојранското Езеро повторно под закана од еколошка катастрофа
03.08.2025
Според мерењата од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), нивото на Дојранското Езеро скоро една година постојано е околу 80 сантиметри под договорениот минимум. Езерото полека се празни и ако пред неколку години нивото на водата беше до шеталиштето и кејот, сега е повлечено десетина и повеќе метри и им создава проблеми на туристите како да се искапат, но и на дојранчани како да ги уредат плажите.
Таквата состојба ги загрижува жителите на „Ѓољот“, како што го нарекуваат дојранчани Езерото, и не сакаат да помислат дека може да им се случи повторно еколошка катастрофа како таа од крајот на минатиот и почетокот на овој век кога повеќе години Дојран повеќе личеше на бара отколку на езеро.
Проблемот со празнењето на Езерото во 2002 година беше решен со пуштањето во употреба на Хидросистемот „Спас за Дојранското Езеро“ со кој од бунарите во Ѓавато, богданско, се врши дотур на вода во Дојранското Езеро. Во последните три години системот не работеше, но во ноември лани првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и пратеникот во Собранието Миле Цеков повторно го пуштија во функција Хидросистемот од кој проработеа три од десетте пумпи. По еден месец, поради дефект и дотраеност на системот, престанаа да работат, а до пред десетина денови во Езерото дотекуваше вода само од една пумпа. И таа престана да тече, па каналот по кој се слива водата во Езерото е сув и запуштен и ниту капка вода не дотекува.
Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, смета дека Хидросистемот треба најпрвин добро да се реконструира за да може да функционира.
- Моментално состојбата е повеќе од загрижувачка - тој не работи. Самиот цевковод на повеќе места е дупнат и истекува вода и има големи губитоци на вода. Без реконструкција тој не може да функционира нормално, ниту да биде во функција. Во моментот не тече вода. Нивото на водата во Дојранското Езеро постепено се намалува и тоа е секогаш така за време на летниот период кога испарува водата и најмногу се чувствува во август и септември. Очекувам сега, во август и септември, да има нагло повлекување на водата. Ситуацијата не е уште загрижувачка заради тоа што има време да се подобри. Доколку не се среди можеме да дојдеме до нова еколошка катастрофа и затоа апелиравме повеќе пати до Министерството за животна средина и просторно планирање дека е неопходно пуштањето во употреба на Хидросистемот, вели Ангов.
Додава дека лани праќале информација до Владата и барале да се изврши реконструкција од буџетот на Министерството за животна средина и просторно планирање. Заклучокот на Владата бил дека нема планирано средства и таа дала задача на Министерството да се обезбедат тие средства.
- Но, за жал и со последниот ребаланс пак нема средства и тоа е навистина жално. Ние имаме три природни езера и за нив да покажуваме толку негрижа е катастрофално. Не зборувам за оваа Влада туку наназад многу години, односно системот од кога е направен во 2002 година ништо не е направено, иако има таму вработени, но хидросистемот не функционира, објаснува градоначалникот на Дојран.
МИА се обрати и до Министерството за екологија и просторно планирање и на нашето прашање што ќе преземат како итна мерка за да не дојде до нова еколошка катастрофа, ни одговорија дека Владата и надлежните се информирани за состојбата со хидросистемот и неопходноста од рехабилитација.
- Засега се во функција само неколку пумпи кои обезбедуваат зафаќање на вода од бунарското подрачје. Дополнителен проблем е и лошата состојба на каналот кој е уништен и кој не обезбедува целосен доток на вода од пумпите до Езерото. Министерството во овој момент се труди и во една ваква состојба да обезбеди дневен дотек на вода до езерото. Во меѓувреме се спроведува постапка за изработка на студија/проект за рехабилитација на хидросистемот, се наведува во одговорот на ресорното Министерство.
Додаваат дека реконструкција ќе се прави по завршувањето на проектот/студија за проценка на системот за рехабилитација.
На прашањето, пак, какви се проценките, колку би чинела целосната реконструкција на хидросистемот и за колку време би била завршена, ни одговорија дека тоа ќе го покаже основниот проект/ студијата.
- Министерството започна проект за одржливост на акумулацијата „Паљурци“ каде се анализира и потребата од рехабилитација и обновување на Хидросистемот „ Дојранско езеро“. Со овој проект се планира хидросистемот да припадне под АД „Водостопанство“ и да биде управуван од нивна страна, наведуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање, објави МИА.