Општество
УБАВИОТ ЗБОР | ТИХОМИР ЈАНЧОВСКИ: За саботата, другите денови и за други работи
Тихомир Јанчовски | Авторот е писател
Економија и бизнис | печатено издание | 01 јуни 2025г.
Саботата е за човекот, и не е човекот за саботата, и саботата е последниот ден во седмицата. Неделата е првиот ден, постанокот и новиот почеток. Понеделник е денот што доаѓа по неделата, затоа е по-, а не е „со-неделник“ или „над-неделник“. Вторникот е сиротиот со згрешено име зашто тој е третиот ден од седумте. А средата? Е, таа е таман, таа е срце. На средина меѓу деновите, четвртиот ден од седумте. Четвртокот е всушност петок, а петокот е шестиот ден (роден сум во четврток, па ми е некако мил, иако ништо поубав или поарен од другите... ова, како да зборам за себе нели?). А петок, петокот толку го сакаат што го викаат и петоче, човече! Во шестиот ден е создаден човекот, така е според книгата од која ни е и седмицата, книгата на Постанокот од Библијата, или од Стариот завет, или од Танахот еврејски, како сакате. Потоа Бог видел дека е добро и седнал да отпочине. Не седнал да умре во сабота, туку да одмори, како и луѓето што не умираат туку преминуваат „малку“ во вечен сон, одат во вечноста со душите.
Недела е седмиот ден, последниот ден и првиот, па со него и вторник и четврток и петок испаѓаат безгрешни, оти тоа е денот на воскресението, на обновата и на преродбата на седмицата што ја викаме и недела.
Денес е сабота, ден кој во традицијата на две еднобожечки Авраамски вери, јудаизмот и христијанството, е ден за одмор и за сеќавање на смртта (мементо мори). Денес се мисли на душите на оние кои сме ги знаеле и сме ги познавале и кои веќе не се со нас. На нив се сеќаваме, и живи се во нашето сеќавање, нашата памет. Да беа навистина мртви, тоа ќе беше непоправлива штета и животот ќе беше бесмислен до даска, како штиците на мртовечкиот ковчег кои се распаѓаат по извесно време колку и да се цврсти и издржливи.
Човекот не е ковчегот во кој го положуваат в гроб, ниту е телото кое се распаѓа, човекот е душа и тело, а телото се погребува, душата се сели. Не се сели целиот човек, не велам така, велам душата. Она што е задгробен живот не е како овој, предгробниот, туку е бестелесен, ама не и бездушен. Животот не би бил живот ако завршува, животот е живот само ако продолжува. И сите маки и мачни расположенија во него не се вечни и засекогаш, тоа се само застои на патот, враќања од ќор-сокаците во кои сме западнале или излегување од дупките во кои сме пропаднале. Рајот и пеколот не се места кај што тече време, па така да ги замислуваме, тие се состојби на душата што овде ги насетуваме и ги живееме и во вечноста ќе се дружиме само со едната од нив, според тоа која надвладеала во куќата која сме ние. А и пеколот не е страшен како што изгледа, само така ни се чини. И тој е состојба на чистење на душата: чистењето, всушност, е убава работа зашто со неа се прави ред и сѐ е светнато и е подредено еднаш кога ќе исчистиме. Тогаш во нас влегуваат рајот, раатот, мирот, спокојството... како сакате. И таа промена го осмислува животот. Оние кои не ја доживеале сметаат и дека не постои, па стануваат егзистенцијалисти и велат дека животот е апсурден, бесмислен и дека смислата може да се најде само во бунтот против бесмисленоста. Е, не би рекол. Смислата е во мирот, не во станувањето против она што докрај не го разбираме. Да го разбиравме така, немаше ни да живееме, ќе бевме мртвородени, мртвоживи и мртвозакопани или изгорени... како сакате. Нема врска дали ќе те закопаат вземи, дали ќе бидеш кремиран, ќе те исколваат птици или ќе те раскинат пци, тоа не си ти. Тоа е куќата во која си живеел и од неа се селиш, дали подолу или погоре од тебе зависи. Ти си знаеш што ново си купил и какво ти е новото селиште.
И прашањето не е само „има ли живот по смртта“, туку и „има ли живот пред смртта“. И тоа е истото прашање. Кој ќе одговори на едното, одговорил на двете. А има и други прашања како „има ли живот пред животот“, ама за тоа другпат. И не мислам на реинкарнации, туку на претпостоење и предвечност, ама како што реков, не сега, во некоја друга пригода. Можеби не во овој живот. Од алфа мора да се стаса до омега и од А до Ш. Ако не ги научиме сите букви остануваме неписмени или полуписмени, „четвртписмени“... а тоа не чини, нели? Лели!