Општество

Продолжен бесплатениот превоз во Куманово за четири месеци

Бесплатниот автобуски превоз во Куманово ќе продолжи до 31 октомври, годинава одлучи Советот на општината.

-За 26-те линии одвоени се 25 милиони денари за Куманово и 2,3 милиони денари за меѓуопштинскиот превоз помеѓу Куманово и Старо Нагоричане, изјави раководителката на секторот за комунални дејности, Лидија Ланг Спасовска.

Градоначалникот, Максим Димитриевски, рече дека Куманово е единствената општина во државата со бесплатен превоз, наменет за сите категории граѓани. Според него превозот просечно го користат од 13 до 16.000 граѓани. Димитриевски најави дека Куманово ќе добие дел од новите автобуси што ги набавува централната власт и очекува дополнително подобрување на услугите.

Бесплатниот превоз го користат жителите од приградските средини, а дел од кумановци сметаат дека е прескап проект кој е во интерес исклучиво на жителите од неколку населби. Општината ја правда одлуката укажувајќи дека преку субвенционираниот превоз се ублажила енергетската криза, подобрен е на семејниот буџет со намалување на трошоци за оваа намена, намален е сообраќајниот метеж во централното градско подрачје и мерката има позитивни ефекти во однос на намалување на аерозагадувањето, објави МИА.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано