Интервјуа
ИНТЕРВЈУ | САШО КЛЕКОВСКИ: Буџетот за здравството за 2025 година е зголемен за 7 милијарди денари
Интервју со Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување
Економија и бизнис | печатено издание | 15 јуни 2025г.
Сашо Клековски е директор на Фондот за здравствено осигурување. Со завршен Медицински факултет при УКИМ, завршена академска програма за МБА при Американ колеџ и 30-годишно искуство како менаџер, аналитичар и консултант во јавниот, во граѓанскиот и во приватниот сектор, Клековски поседува уникатна комбинација на знаења и на вештини за челната позиција на специфична институција како што е Фондот за здравствено осигурување во земјава. Во разговорот со него се фокусираме на комбинацијата на прашања поврзани со здравствените услуги и со парите потребни за нивно финансирање.
За почеток, ви честитам за неодамнешната изјава дека, парафразирано, со мали износи на уплатени придонеси во македонското здравство не можеме да очекуваме здравство како во Шведска. Би рекол, конечно некој го кажа тоа. Ова е најсуштинското прашање. Дали ние сите како граѓани во земјава живееме во една голема неусогласеност меѓу нашите нереално високи очекувања и крајно ограничени финансиски можности за здравствените услуги во јавното здравство? Како да ја намалиме оваа неусогласеност? На пример, мислам дека нашите граѓани не се запознаени со тоа колку се чека за закажан преглед во странство и сл.
С. Клековски: Да, живееме во јаз меѓу очекувањата и можностите, генерално и посебно во здравството. Македонија во повеќето светски рангирања е меѓу 60. и 100. место, без разлика дали е тоа БДП, индекс на човечки развој, спорт... Затоа е нереално да очекуваме здравство како во топ десет земји. Да, треба да се стремиме кон подоброто, но со реални цели и планови бидејќи нереални цели и очекувања водат кон неуспех и фрустрации.
Македонија во 2021 г. потрошила на здравство 560 долари и е на претпоследно место во Европа, само пред Албанија! И тие 560 долари вклучуваат и јавно трошење и трошење од џеб. Трошиме помалку од просекот на Западен Балкан (724 долари), многу помалку од ЕУ-просекот (3 654 долари) или од Шведска (околу 7 000 долари). Со 560 долари ќе имаме претпоследно здравство во Европа.
И, да се разбереме, нивото на финансирање не е единствената причина за состојбите во здравството, туку една од повеќето причини како што се организациската поставеност од минатиот век, непродуктивноста и криминалот и корупцијата.
Како да се намали јазот во очекувањата? Треба многу информации и комуникација, спротивставување на популизмот. Од здравствен придонес од плата, во 2024 г. се наплатени (во ФЗОМ) околу 29,8 милијарди денари или околу 483 милиони евра. За 557 483 вработени тоа би изнесувало околу 72 евра/месечно/лице. Но, на тоа треба да се додадат издржувани лица (партнери, деца) и бројката се зголемува на 891 803 лица. На 1 лице кое плаќа придонеси има 0,63 лица кои се издржувани. И со тоа просечниот придонес паѓа на околу 45 евра/месечно/лице или годишно 540 евра. За компарација, според некои анализи, во Македонија има околу 700 000 пушачи кои во просек пушат 15 цигари дневно или 275 кутии годишно за што трошат околу 510 евра годишно. Сличен број на граѓани издвојуваат за здравство приближно колку што трошат на цигари.
И ова не го велам за да се бара зголемување на здравствените придонеси на плата бидејќи значаен дел веќе се финансира од државниот буџет. За да имаме сеопфатно здравствено осигурување преку програми се обезбедуваат над 18 милијарди денари, и тоа од ФПИОМ за пензионерите, од Министерството за здравство за неосигурени по повеќе основи, од МТСП за породилните отсуства итн. Дополнително за здравството се издвојуваат средства преку програми, опрема и капитални вложувања од Министерството за здравство.
Кога ќе се погледне генерално буџетот на Фондот, кои се според вас клучните сознанија до кои може да се дојде и на страната на приходите и на страната на расходите? Одржлива ли е ваквата состојба на долг рок доколку ништо не промениме?
С. Клековски: Веќе започнав, на приходната страна, поради демографските промени, ниту здравството ниту пензиите ќе се финансираат од придонеси од плата, туку ќе се финансираат од други извори. Секоја држава го избира својот модел и има и држави каде што 97 % од финансиите се од буџетот. Мој предлог е финансирање преку акцизи на производите со здравствен ризик како цигари, алкохол, гориво и шеќер.
На расходната страна, најголем дел од средствата одат за болничко лекување. За посебно скапите лекови оваа година ќе се издвојат само од Фондот околу 100 милиони евра, за дијализа годишно се издвојуваат 20 милиони евра итн. Тоа е така поради слабости во здравствената култура и во примарната здравствена заштита. За здравствената култура, видете ги само статистиките за пушење или за дебелина. Или многу луѓе издвојуваат време и пари за технички преглед на својот автомобил, но нема да издвојат исто време и пари за превентивен систематски преглед.

Од финансиски аспект, какви промени носи буџетот на Фондот за 2025 година во однос на претходната година? Во кои елементи на финансиското управување со Фондот гледате можности за подобрување на состојбите?
С. Клековски: Зголемување на финансиите е прв неопходен чекор и, со голема поддршка од Министерството за финансии и од Владата, почетниот буџет за 2025 година е речиси 7 милијарди повисок од тој во 2024 година или околу 4,3 милијарди повисок од годишната сметка за истата година. Ова зголемување е насочено кон две главни цели: плати и лекови. Платите во јавното здравство се зголемени на двапати во ноември 2024 година и во март 2025 година и имаат кумулативно номинален раст од 17 % или реален раст од 9,4 %, а посебно се зголемија платите на медицинските сестри. Историски се зголемија капитациите на матичните доктори за над 30% како прв чекор на зајканување на примарната здравствена заштита. Лековите беа втор приоритет. Зошто? Затоа што се посебен финансиски товар за граѓаните и околу 65 % од лековите се плаќаат од џеб. Во 2024 г., за првпат по десет години е проширена позитивната листа со 9 генерички лекови, а ќе има ново проширување и во 2025 г. За посебно скапите лекови Фондот издвои околу 100 милиони евра. Само за онколошки лекови во 2025 г. се издвоени 39 милиони евра во споредба со 23 милиони евра во 2024 г. Зголемен е опфатот за пациенти со цистична фиброза и се работи на понатамошно подобрување, сите пациенти со мултипла склероза кои имаат потреба се опфатени со биолошка терапија итн. Нема група каде што не е подобрен пристапот до лекови.
Следниот чекор е зголемена контрола.
Веројатно клучниот збор е зборот оптимум. Дали според вас недостатокот на средства е единствен проблем или можеби и слабостите во менаџирањето на поодделните здравствени установи влијаат врз состојбата во здравството? Може ли одредено централизирање во финансиското управување, во набавките и слично да донесат заштеди и подобрувања? Дали се планира дополнително дигитализирање на работните процеси?
С. Клековски: Да, оптимумот е клучниот збор. Македонскиот здравствен систем е граден во минатиот век не за 2 милиони жители, туку за 4 милиони бидејќи ги покриваше и Косово и Јужна Србија. Македонија има 109 јавни здравствени установи на околу 1,7 милиони жители. Тоа се 109 управни одбори, 109 директори итн. Сите се жалат на недостаток на кадар, а имаме празни болници. Имаме и Стратегија за здравство 2020 − 2030 година која предвидува значајно реструктурирање и интеграција. Интеграцијата на Клинички центар Скопје, како и регионализацијата со клиничките болници 8 Септември, Штип, Битола, Охрид и Тетово се клучни реформи за доведување до оптимум.
Централни или групни системи за набавки, посебно за посебно скапите лекови и опрема, се неопходност за подобрување на ефикасноста. Воведување на централни болнички информативни системи, воведување на системи за контрола на лековите на позитивна листа во аптеките (е-рецепт), како и во болничка употреба − се меѓу приоритетите. Тука е и воведувањето на повеќекратна авторизација од страна на граѓаните во употребата на здравствени услуги, вклучувајќи СМС-пораки заради спречување на злоупотреби. Следни чекори се системи за контрола на упати и на лаборатории.
И на крај, не најмалку значајно, дигитализација на административните постапки за намалување на губење време.
Од аспект на финансирањето на здравствените услуги и ефикасното управување со ресурсите, како гледате на структурата на здравствениот систем во земјава? Дали јавното здравство и приватното здравство само паралелно коегзистираат и си конкурираат едно со друго, дали приватното здравство е само дополнување на јавното здравство, иако тоа може да значи дуплирање на услугите или пак приватното здравство е супститут на јавното здравство во некои сегменти и тоа значи дека во тие сегменти државава дава примат на приватното здравство?
С. Клековски: Македонија има хибриден здравствен систем. Кога се говори за приватно здравство тоа не се само неколкуте големи болници и веројатно се заборава дека целото примарно здравство, сите матични доктори, стоматалози и гинеколози се приватни здравствени установи. Моето разбирање е дека јавното здравство треба да обезбедува сеопфатен пакет на здравствени услуги и сме посветени на тоа. И да биде продуктивно на ниво на приватното здравство. Во моментов, Фондот покрива здравствени услуги во приватно здравство таму каде што нема јавна услуга или е долга листата на чекање како кардиохирургија, офталмологија, ин витро и бањска рехабилитација.
Секако, ни треба нов поглед на мрежата на здравствени установи и таа да не ги вклучува само јавните туку и приватните здравствени установи заради обезбедување оптимален пристап на услуги за секој граѓанин. Предизвик ќе биде да се надминат сегашната фрагментираност и несоодветната географска распределба за што ни треба и геомапирање.

Со години веќе во јавноста провејува информацијата за нов клинички центар. Дали е потребен сосема нов клинички центар или решението е во рамките на постоечкиот? Во овој контекст, како да се зголеми ефикасноста во управувањето со ресурсите во примарното и во секундарното здравство и да се намали притисокот на терцијарното здравство? Мислам дека мора да се олабави притисокот врз Клиничкиот центар во Скопје.
С. Клековски: Веќе ја допрев оваа тема во претходните прашања. Бев жестоко нападнат за тезата дека со сегашната демографија нема да има потреба од нов клинички центар. Наш прв приоритет треба да ни бидат 8 Септември и клиничките болници во Штип, во Битола, во Охрид и во Тетово. И сега Владата најави дека приоритет е завршувањето на Штип, реконструкцијата на Тетово, а ќе се доврши и Св. Еразмо во Охрид. Потоа може да се планира нов клинички центар во Скопје, пред сè поради несоодветната инфраструктура.
Дополнително прашање е правото на избор на лекар. Тоа води кон нерамномерна распределба на пациентите и преоптоварување на едни и неработење на други. Мојот став е дека тоа право не е неограничено и мора да следи одредена патека на движење, а не се да се преупатува во Скопје.
Во последниот извештај на Државниот завод за ревизија беше констатирано дека современа медицинска опрема вредна 18,6 милиони евра е надвор од употреба, а недостатокот на стручен кадар беше наведен како една од причините за ова. Како да се надминат системски овие слабости?
С. Клековски: Не можам да се согласам дека недостаток на кадар е проблемот. Ако немало кадар не требало да се набавува опремата. Главен проблем се политичките желботеки и корупцијата. Фондот инсистира на демонстрација на потребата (број на интервенции) и на просторни и на кадровски услови за опремата или план како да се дојде до тоа. И за ова треба да има геомапирање или мрежа. Пример, ако има ангиографија во Битола, дали треба и во Прилеп?
И да, некој треба да понесе одговорност за нанесената штета, да има одговорност за тоа да не се повторува.
Во една прилика зборувавте за важноста на концептот на еднаквост во обезбедувањето здравствени услуги за граѓаните. Можете ли да ни го објасните малку подетално овој концепт?
С. Клековски: Во основа, здравството реагира политички или популистички како пожарникари во гаснење пожари, а не според здравствена стратегија. Има групи на пациенти кои се добро организирани и вршат притисок за подобри здравствени услуги за себе. Но, има групи кои не се организирани, на пример кардиоваскуларните пациенти, а смртноста од тие болести е 60 % од вкупниот морталитет, но бидејќи нема јавни протести напредокот во третманот и во достапноста на лекови е поспор. Најдобар пример се психијатриските пациенти каде што терапијата со децении не е осовремена, а добар дел од психијатриските болници имаат нечовечки услови. Фондот има обврска да се грижи за подобрување на здравствените услуги за сите. Вториот пример е регионализацијата при што е јасно дека граѓаните надвор од Скопје имаат потежок пристап до здравствени услуги. Не може за скапите лекови да мора да се доаѓа во Скопје.
Да одговорам на непоставено прашање. За 30 години во здравството се смениле 18 министри, верувам и повеќе директори на Фондот. Често министрите не се од главната партија. Предизвиците што нè очекуваат, а се добро дефинирани во Стратегијата за здравство 2020 − 2030 година, бараат подолгорочен пристап.
Разговараше: Зоран Јовановски