Општество
„Атлас на цивилното општество“ за слободата на изразување, Македонија во група со Германија, САД и Франција
11.06.2025
Само 3,5 проценти од светската популација живее во земји каде што е загарантирана целосна слобода на изразување и собирање, се наведува во извештајот „Атлас на цивилното општество за 2025 година“ на германската лутеранска хуманитарна организација „Леб за сите“.
- Спротивно на ова, 85 проценти од светската популација живее во земји каде што граѓанското општество е ограничено, потиснато или затворено, што влијае на речиси седум милијарди луѓе. Нивните влади сериозно ги ограничуваат граѓанските слободи и ги малтретираат, апсат или убиваат критичките гласови, се вели во извештајот изработен врз основа на податоците на Цивикус Монитор, истражувачка алатка за состојбата на граѓанското општество и слободи на меѓународната непрофитна организација „Цивикус“.
Со извештајот се опфатени 197 земји и територии, кои се класифицирани во пет категории: „отворени“, „загрозени“, „ограничени“, „потиснати“ и „затворени“.
Земјава е класифицирана во групата на „загрозени“ заедно со 42 други држави во кои живеат 11,1 проценти од светското население, меѓу кои и Австралија, Албанија, Бугарија, Германија, Италија, Косово, Полска, Романија, САД, Франција, Хрватска, Црна Гора и Шпанија.
За овие земји се вели дека во голема мера им е дозволуваат на поединците и организациите на граѓанското општество да ги остваруваат своите права за слобода на здружување, собирање и изразување.
- Сепак, се уште има случаи на кршењата на овие права. На пример, има случаи каде организациите кои се сметаат за критични кон властите се потиснувани. Демонстрациите понекогаш се забрануваат од страна на властите, поради, како што се наведува безбедносни причини. Целосната слобода на печатот е ограничена или со строга регулатива или со политички притисок, се наведува во извештајот за оваа категорија земји.
Во групата на „отворени“ спаѓаат 40-тина земји со само 3,5 отсто од глобалното население, меѓу кои се и Австрија, Јапонија, Канада, Нов Зеланд, Португалија, Словенија, Чешка, Швајцарија, како и нордиските и балтичките држави, кои им овозможуваат и гарантираат граѓански слободи на сите луѓе.
- Луѓето можат да формираат здруженија без законски или практични бариери, да демонстрираат на јавни места, да добиваат информации и да ги шират. Властите се отворени за критики од организациите на граѓанското општество и обезбедуваат платформи за интензивен и конструктивен дијалог со граѓаните. Демонстрантите генерално се заштитени од полицијата, а законите што го регулираат правото на собирање ги исполнуваат меѓународните стандарди. Постојат слободни медиуми, содржината на интернет не е цензурирана, а владините информации се лесно достапни, се вели во извештајот.
Во категоријата на „ограничени“ се вклучени 35 држави во кои живее 12,9 проценти од светското население, меѓу кои се и Босна и Херцеговина, Бразил, Велика Британија, Грција, Србија, Украина и Унгарија, во кои властите го ограничуваат слободното остварување на основните права, преку комбинација од законски и практични мерки.
- Ова значи дека иако постојат организации на граѓанското општество, државните власти се обидуваат да ги поткопаат преку надзор и вознемирување. Граѓаните можат мирно да се собираат, но честопати се растерувани од полицијата која користи прекумерна сила, како што се гумени куршуми, солзавец и палки. Постои простор за недржавни медиуми и уредничка независност, но новинарите се соочуваат со физички напади и тужби за клевета, се потенцира во документот.
Како „потиснати“ се оквалификувани 51 држава, кои опфаќаат 42,6 проценти од населението на Земјата, меѓу кои се и Индија, Мексико, Казахстан, Пакистан, Тајланд, Турција и повеќето африкански држави, во кои слободата на граѓанското општество е строго ограничена.
- Секој што ги критикува оние што се на власт е следен, малтретиран, затворан, па дури и убиван. Работата на неколкуте организации на граѓанското општество редовно е попречена - тие ја губат својата регистрација или се целосно затворени. Врз мирните демонстранти често се пука со боева муниција од страна на државните сили или тие се апсат. Медиумите обично ја одразуваат перспективата на Владата. Критичките веб-страници и социјалните медиуми се блокирани, а користењето на интернет е строго следено, се додава во извештајот.
И во последната категорија на „затворени“ се вклучени 29 земји со 29,9 проценти од вкупното светско население, меѓу кои и Белорусија, Виетнам, Кина, Русија, Северна Кореја и речиси сите блискоисточни држави, каде „нема простор за граѓанското општество“.
Извор/фото МИА