Општество

Ниче и Лу

Светлана Поп-Дучева | Авторот е доктор на Филозофски науки

Економија и бизнис | печатено издание | 15 мај 2025г.

Фридрих Ниче (1844 − 1900) е германски философ и филолог, еден од најконтроверзните и највлијателните мислители на 19 век. Од современиците бил наречен „апостол на аристократијата“ бидејќи размислувал во духот на интелектуалната аристократија − верувал во долгата историска низа на вреднување на разликите меѓу луѓето дека е оправдана и сметал дека „културите треба да создадат клима на импотентност“, во прилог на креација на нов и на повисок облик на човек, нов тип на индивидуалец. Човештвото, вели, треба да работи континуирано на планот на раѓање на новиот и посовршен генијален „натчовек“ чија цел, секако, не би било остварување на среќа, туку на моќ. Практично иморализамот, новиот морал на „натчовекот“, Ниче го гради наспроти традиционалниот морал кој, за Ниче, во Европа во 19 века е ригиден и е непродуктивен. Тој ги критикува институционализираното христијанство и догматските верувања на христијанската религија и моралот од тоа време и се залага за превреднување на вредностите на времето во кое живее. Исто така тој е голем противник на „моралот на стадото“, а на сметка на таа идеја ја поддржува идејата на слобода, на независност, на индивидуализација на свеста, на човек кој е во потрага по нова сила, нови вредности, по авангарден морал својствен за посилните, креативни и творечки личности кои создаваат свои вредности и кои со силата на духот ги движат општествата и културите нанапред.

Фридрих Ниче потекнува од протестантско семејство, по потекло е од Полска, неговите предци биле грофови Нички. Таткото на Ниче бил лутерански пастор. Неговото детство било обележано со трагичен настан, татко му починал кога имал само четири години по што семејството било принудено да се пресели во Наумбург каде што бил растен и бил воспитуван од четири жени, мајка му, баба му и двете тетки. Оваа силна женска присутност во неговиот живот, секако, влијаела врз ставовите на Ниче за жените кои се напати сексистички и мизгони, па така на пример нему му се припишува изреката „кога одиш кај жените, не заборавај го камшикот“. Во делата „Така зборуваше Заратрустра“ и „Отаде доброто и злото“, афористички и метафорички ги разгледува односите меѓу мажите и жените како фундаментално антагонистички, па ќе забележи дека модерните движења за еманципација на жените го нарушуваат природниот ред и тек на нештата при што жената ја губи суштината на женственоста со што се елиминира нејзината природна способност за суптилно влијание врз мажот. За мажот и за жената вели дека поседуваат исти емоции, но ги артикулираат во различно време и со различно темпо и интензитет поради што и никогаш не се ни разбираат. За жените кои во играта со мажите не изразуваат ниту омраза, а ниту љубов, вели дека се медиокритети. За жените, пак, кои мразат вели дека забораваат да шармираат, имаат голема суета и уште поголем презир во однос на „друга“ жена така што во одмаздата во љубовта се поголеми варвари и од мажите. Жената за него има способност сосема убедливо да го наведе на добро размислување и во таа вештина, вели, ѝ нема рамна. А кога жената има научни амбиции и афинитети, тоа за него значи дека нешто не е во ред со неа, односно со нејзината сексуалност, тогаш таа е „ пустелија за одреден мажествен вкус“. За женскиот гениј смета дека се состои во тоа жената да има инстинкт за споредна улога, а генерално за двата пола мисли дека меѓусебно се лажат едни со други бидејќи тие се почитуваат и се сакаат само себеси или својот идеал за себе. „Така зборува Ниче“ во делата, но во богатата кореспонденција од писма испратени до своите пријателки се забележува еден сосема друг Ниче. Во едно од писмата дури романтично фантазира за „заеднички живот“ со извесна госпоѓа, за „нешто толку драгоцено како бракот“, па ќе го прекине сонот и свесно ќе се запраша дали мажењето би било исто така добро и за неа. Дали поради неговиот карактер таа нема да страда? Ниче бил свесен за својата дионизиска природа, тој бил тип на човек − вулкан, нетрпелив, избувлив, конфликтен, па оттука и стравот кај него се чини не бил сосема случаен. Која е таа таинствена госпоѓа за која мечтаел Ниче? Големата љубов на Ниче е руската писателка, философ и интелектуалка Лу Андреас Саломе. Родена во Санкт Петербург во благородничко семејство, нејзиниот татко е Густав Карлович фон Саломе, руски благородник на кој наследното благородништвото му било доделено од Николај I. Лу, скратеница од Луиза, е најомиленото дете во семејството, единствената сестра која растела во друштво на петте браќа. Се школувала во Швајцарија, во женски универзитет во Цирих, каде што студирале руски благороднички и слушала предавања од областа на философијата, на логиката, на историјата на философијата, на книжевноста и на литературата. Во позрелите години се запознала со философот Паул Ре, всушност најдобриот пријател на Ниче, кој во 1882 година ќе ги запознае меѓусебно Саломе и Ниче. Лу Андреас Саломе ќе стане централна фигура во необичната тројка и „интелектуална заедница“ − концепт кој го предложила Лу, идеја за еден вид платонска комуна каде што млади луѓе од различни полови би живееле заедно, споделувајќи идеи и знаење. Комуната не успеала и тројката се распаднала. Ниче се вљубил во Лу. Бил фасциниран од нејзиниот интелект и од „класичната руска убавина“, за неа пишува дека е најпаметната, најинтелигентната и најхаризматичната личност што ја сретнал кога и да е. Ѝ предложил брак, но таа го одбила, оставајќи длабоки емотивни траги во неговиот живот. По неуспешната врска, Ниче набрзо запаѓа во сериозна ментална криза, состојба која до крајот на неговиот живот не се поправа. Иако не бил хоспитализиран во психијатриска клиника, во домашни услови и крајно контролирана средина за неговото психичко здраје се грижела сестра му Елизабет. Токму во тој период се случиле „корекциите“ на одредени текстови и записи на Ниче од страна на Елизабет која била позната по своите националистички и конзервативни ставови кои биле дијаметрално спротивни од идеите на Ниче така што обвиненијата за фалсификат и за ревидирање на автентичниот ракопис одат на нејзина адреса. По 18 г. од средбата со Лу, умира големиот мислител, иморалист, философ и професор по филологија Фридрих Ниче.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано