Интервјуа

СИТЕ СМЕ ФЛУ!

Интервју со ред. проф. д-р Славица Јанешлиева, декан на Факултетот за ликовни уметности

Економија и бизнис | печатено издание | 15 април 2025г.

Изложба „45 години ФЛУ“ во Музејот на современата уметност, Скопје

Во организација на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ), на 3 април, со изложба во Музејот на современата уметност (МСУ), беа одбележани јубилејни 45 години од постоењето на нашата сакана Ликовна академија − како што си ја викавме кога бевме студенти.
Изложбата „45 години ФЛУ“ прикажа избор на 45 дела од 45 автори, кои се дел од колекцијата на МСУ, заедно со дела во сопственост на уметниците кои биле или се сега наставен кадар на ФЛУ од основањето до денес. Благодарение на идејата сите професори кои предавале на ФЛУ да се претстават со по едно дело, имавме задоволство да видиме на исто место сегмент од еден историски пресек на творештвото на македонската современа уметност, нагласувајќи го текот на уметничките изрази и практики во последниве четири и пол децении на нашите постари и помлади автори заедно.
Со голем број на посетители, во една конвивијална атмосфера исполнета со убави сеќавања, изложбата беше збогатена со документарни прилози од историјата и од активностите на ФЛУ кои се дел од наследството на факултетот.
Како студент во средината на осумдесеттите, пред мене имаше само неколку генерации, се сеќавам на првите дипломски, првите изложби, првите ревии организирани со кои ја презентиравме нашата работа, консултациите со професорите, но неретко и со постарите колеги. Живеевме во поголема земја, со друг систем на вредности, различен од денешниот, но морам да истакнам дека имам прекрасни и креативни спомени од тој период.
Колегијалноста на постарите студенти и нивното несебично покажување, споделбата на знаење и на информации, еден колективен дух на креативност и односот на професорите кон нас, сето тоа беше дел од подготвката за мојата иднина и кариера.
Изложбата ќе биде отворена повеќе од еден месец и во тој период планирани се и неколку презентации за творештвото на професори и на истакнати алумни во киносалата на Музејот.
По тој повод, разговарам со Славица Јанешлиева, декан на ФЛУ.



Како е конципирана изложбата по повод јубилејот на ФЛУ?

С. Јанешлиева: Прославата на јубилејот започна уште во месец февруари. Реализиравме веќе неколку активности кои беа медиумски покриени. Сметавме дека вака значаен јубилеј не треба да се прославува само еден ден во годината, туку дека настаните и активностите на ФЛУ во текот на целата година треба да бидат посветени на 45-годишнината на ФЛУ. Официјалниот датум, односно роденден на ФЛУ е 31 март.
Јубилеите се повеќе од свечен настан. Тие овозможуваат потсетување на основачите и на значајните личности кои имале визија, доблест и ентузијазам да го потенцираат значењето на ликовната уметност и на образованието. Тие се можност за промоција на културата и на ликовната уметност, негувајќи ги високите вредности, чувството на припадност и гордост. Но, истовремено се и поглед кон иднината, односно нови планови, идеи и развојни стратегии.
Главен, централен настан е изложбата „45 години ФЛУ“ во Музејот на современата уметност во Скопје. Таа има ревијален карактер и има цел да ги слави уметноста, уметничкото образование и културата. Поставката е поделена во два сегмента. Првиот е претставување на 45 дела од 45 исклучителни ликовни творци – наставен кадар на ФЛУ, а вториот е документарен дел каде што со фотографии, со документи и со видеоматеријал се претставуваат активностите на ФЛУ со студентите. Деликатно е да се претстават 45 години посветени на негување и на развивање на ликовниот талент, академските достигнувања, ликовните истражувања, визуелното творештво и влијание на македонската ликовна и културна сцена. Со изложбата допираме многу мал сегмент од творештвото и од активностите. Но, сметам дека е многу важно ваквите претставувања да имаат континуитет. Голема благодарност до МСУ за соработката, за отстапениот простор, за времето и за стручната помош на поставката.