Lifestyle
Струшкиот музеј ja збогатува збирката со инсекти и пеперутки од охридско - струшкиот регион
14.05.2025
Природо-научниот музеј „Доктор Никола Незлобински“ во рамките на годишната програма работи на истражување и колекционирање инсекти и пеперутки со цел збогатување на збирката, која датира од неговото основање, информира директорката Цветлана Василевска.
Музејската збирка, посочи, е создадена од основачот на Музејот, познатиот руски лекар Никола Незлобински, кој препарирал голем број инсекти и пеперутки, изложени во ентомолошки кутии.
- Со текот на годините, некои од тие кутии се оштетиле, па се јавува потреба од истражување и собирање инсекти и пеперутки, за надополнување, замена и збогатување на оваа збирка. Преку овој проект за истражување и колекционирање инсекти и пеперутки од охридско - струшкиот регион предвидено е да се надополнат и збогатат колекциите со примероци, кои недостасуваат во нашиот музеј, истакна Василевска за МИА.
Теренските активности, појасни, се во тек на неколку локалитети на планината Јабланица, Караорман, Галичица, Подгоречко и Лабунишко Езеро и брегот на Охридското Езеро. Собраните примероци ќе бидат препарирани, детерминирани (стручно обработени) и изложени во посебни ентомолошки кутии во музејската поставка. Истовремено, нагласи директорката, ќе се работи и на уредување и одржување на старите ентомолошките кутии со инсекти, кои се многу значајни за музејот, па треба соодветно да се заштитат за да се зачуваат.
фото freepic