Интервјуа
Станков: Официјалната статистика е јавно добро за секого
Мега интервју со Дејан Станков | Директор на Државниот завод за статистика и координатор на македонскиот статистички систем
Економија и бизнис | печатено издание | 15 април 2025г.
Вие сте пример на она што народски се вели „вистински човек на вистинско место“, човек од светот на статистиката кој доаѓа на чело на Државниот завод за статистика. За почеток, кажете ни малку за Вашата досегашна професионална кариера.
Д. Станков: Мојата кариера е целосно поврзана со статистиката. По завршувањето на студиите по економија, во 2008 година, започнав да работам во Државниот завод за статистика каде што го стекнав првото искуство во областа на официјалната статистика. Паралелно со работата завршив магистерски студии по монетарна економија. Клучен момент во мојата професионална кариера беше усовршувањето во Евростат во 2011 година, што имаше значајно влијание врз мојот професионален развој и понатамошни амбиции. Имам 16 години искуство во областа на официјалната статистика, вклучително и како заменик-генерален директор на Државниот завод за статистика. Можноста да раководам со статистичките процеси во Националниот статистички систем и да соработувам со бројни меѓународни организации и национални статистички агенции претставува исклучително вредно искуство. Од 2018 година до средината на 2024 година, работев во Дирекцијата за статистика во Народната банка како одговорен за екстерните статистики. Во 2021 година завршив докторски студии по економски науки, а имам учествувано на бројни статистички конференции, семинари, работилници и состаноци на експертски групи организирани во рамките на Европскиот статистички систем, ОН, како и на курсеви за обука од ММФ.
Од август 2024 година ја извршувам функцијата директор на Државниот завод за статистика и координатор на македонскиот статистички систем. Навистина е привилегија и чест да се биде на чело на ваква угледна институција, а сериозна одговорност и предизвик е да се работи за дополнително зголемување на усогласеноста на македонската статистика со меѓународните и со европските стандарди.
Споменавте и професионален престој во врвна статистичка институција како што е Евростат. Како го цените тоа искуство, што ви остави најсилен впечаток?
Д. Станков: Како млад статистичар, мојата кариера беше дополнително збогатена со професионален престој во Евростат и тоа беше едно од најзначајните искуства во мојата кариера. Работата во Евростат ми овозможи да бидам дел од европското семејство, макар и во краток период, да ги збогатам своите знаења и вештини, како и да ги проширам своите професионални хоризонти. Тоа искуство ми ги поттикна амбицијата и мојот професионален стремеж кој и денес е ист – да произведуваме висококвалитетни статистички податоци усогласени со европските стандарди кои ќе ги поддржат македонската економија и општеството. Можноста за работа на реални проекти во мултикултурна и во мултијазична средина, размената на искуства со врвни експерти и воспоставените професионални контакти и денес ми користат и со радост ги одржувам.
Иако сте релативно млад директор, но со долгогодишно работно искуство во официјалната статистика, со кои предизвици се соочивте при преземањето на директорската позиција во Државниот завод за статистика?
Д. Станков: Едноставно кажано – многу, дел предизвикани од објективни, дел од субјективни причини. Кога ја преземав директорската позиција, најголемиот предизвик беше да се обезбеди континуитет во функционирањето на институцијата во услови на недостиг на стручен кадар, застарена технологија и недоволно користење нови дигитални алатки за собирање податоци. Постои големо отстапување меѓу потребниот (планираниот) број вработени и реалниот број на пополнети работни места. Во претходниот период имало одлив на кадар врз разни основи, што претставува сериозен предизвик за секоја една институција, и тоа во услови кога официјалната статистика е мошне динамична и се соочува со брзи промени. Понатаму, многу неповолна е структурата на буџетот на институцијата, кој доминантно е наменет за плати. Клучно, Заводот беше соочен со големо доцнење во објавувањето важни статистички податоци (лаекенските индикатори за сиромаштијата) и нивното доставување и валидирање од Евростат (анкетата за работната сила). Овие доцнења сега се надминати, додека на среден рок ваквата состојба бара уште позајакнати менаџерски и организациски решенија, како на пример: креирање и мотивирање силни тимови со акцент на стручноста, промена на работната култура, поефикасна организациска поставеност, вработување квалификувани статистичари, поддршка на континуираното учење и сл. Лично верувам дека со поддршка од тимот, вработување нов стручен кадар и континуирано вложување во професионалниот развој на вработените, а со тоа и во институцијата, сите идни предизвици може да бидат надминати навремено и квалитетно.

Оваа година Државниот завод за статистика (ДЗС) одбележува значаен јубилеј – 80 години од своето работење. Што значи за Вас оваа годишнина? Како ја доживувате?
Д. Станков: Да, токму така. На 1 јуни оваа година, Државниот завод за статистика со особена гордост ќе ја одбележи 80-годишнината од своето постоење. Генерално бруто-домашниот производ, инфлацијата, просечната плата, пописите − асоцираат на работата на Заводот. Сепак, низ овие 80 години, илјадници статистичари ентузијастички и посветено работеле на нешто што е многу повеќе. Поконкретно, тоа е водење на официјалната статистика преку прибирање, обработка, анализирање, усогласување и дисеминирање податоци од најразлични области на социоекономскиот живот во повеќе од 300 статистички истражувања; тоа е фокусирање кон целта податоците што се користат да бидат точни, а применетата методологија сигурна и хармонизирана за да се обезбедат најдобри можни информации за сите корисници; тоа е и координирање и воспоставување стандарди за статистиките што се водат од страна на овластените носители за спроведување статистички истражувања. Во сиот овој период, ДЗС покажува дека најголемата потреба и вредност за општеството се податоците.
Во оваа смисла, овој јубилеј го доживувам и како потврда на исклучително важната улога што ја има статистиката во креирањето прецизни и ефективни политики и како поттик за понатамошен развој и модернизација на статистичката инфраструктура на државава.
Кои ќе бидат вашите чекори во насока на зголемување на транспарентноста и приближување на податоците до јавноста и до општеството во целина?
Д. Станков: Зголемувањето на транспарентноста и приближувањето на податоците до јавноста се клучни за подобрување на довербата во официјалната статистика и за обезбедување поголема информираност и учество на граѓаните. Конкретно, резултатите се веќе видливи. Неделава ја пуштивме во употреба новата веб-страница stat.mk, која е дизајнирана со цел да ги подобри достапноста и јасноста на статистичките податоци и да овозможи поедноставен пристап до најновите информации. Новата веб-страница е кориснички ориентирана, модернизирана и доведена до оптимум за сите типови уреди со цел да ги задоволи потребите на различните типови корисници и да го олесни процесот на пребарување и на преземање статистички податоци и нивно соодветно толкување и користење за понатамошна анализа. Паралелно, во процесот на изработка на дисеминациските продукти, воведовме нов персонализиран пристап за креирање и за управување со податоците и имплементиравме нов систем за управување со документи и со работните процеси.
Истовремено присутни сме на социјалните мрежи како дел од нашите напори да ја унапредиме видливоста на Заводот и да ја подобриме комуникацијата со јавноста. Паралелно започнуваме процес на ребрендирање на институцијата, со ново лого, нов слоган и нов url. Сите овие активности се дел од напорите на Државниот завод за статистика да обезбеди поголема транспарентност и отвореност кон институциите, невладиниот сектор, бизнис-секторот, академската заедница и јавноста во целост за тие да ги зголемат практичната примена и задоволството од користењето на статистичките податоци.
Познато е дека квалитетните статистички податоци се основа за носење добри одлуки и реализирање ефикасни економски политики. Што да се направи за да се зголеми користењето на податоците за таа цел?
Д. Станков: Планираме да работиме на подигнување на свеста за важноста на официјалните статистички податоци, зголемување на статистичката писменост и подобрување на аналитичките капацитети во земјава преку организирање обуки и едукативни програми за различни целни групи за тоа како да ги користат статистичките податоци, како да ги разликуваат веродостојните извори од оние што не се и како да ја разберат улогата на статистиката во донесувањето одлуки. Веќе започнавме со одржување серија работилници со корисниците на податоци на кои дискутираме за правилно толкување и користење на статистичките податоци со цел тие да претставуваат основа за креирање политики базирани на докази. Во наредниов период ќе организираме караван за статистичка писменост во средните училишта со цел популаризирање на статистиката меѓу идните студенти.
Потребно е активно користење на статистичките податоци во планирањето и во оценувањето на економските политики и проекти, како и вклучување на тие податоци во јавните консултации за развојните политики. Исто така многу е важна и поддршката за истражувачките центри и за академскиот сектор за кои, за научноистражувачки цели, обезбедуваме пристап до анонимизирани микроподатоци со цел генерирање аналитички извештаи кои ќе служат за зголемување на ефикасноста на економските политики. Со сите овие активности, користењето на статистичките податоци може значително да придонесе за да се зголеми поддршката на деловното планирање и при донесувањето одлуки базирани врз податоци.
