Интервјуа
Хајдекер: РАБОТЕТЕ ЗАЕДНО!
Интервју со Јоханес Хајдекер | Поранешен економски советник во Канцеларијата на претседателот на Владата
Економија и бизнис | печатено издание | 01 април 2025г.
Г. Хајдекер, Вие бевте ангажиран четири години како економски советник на четири различни премиери. Како изгледа работниот ден на еден советник?
Ј. Хајдекер: Секој ден е различен и ништо не се одвива во канцеларија. Започнува со многу читање. Во најголем дел е вмрежување: со поединци, на настани, посети на фабрики, пречекување делегации, барање нови бизнис-партнери, настава и менторство. Во времето меѓу овие работи, пишување, анализирање или креирање презентации. Не знам колку пати ми беше побарано да ја претставам земјава, многу пати и со многу кратка најава. Имав добра комуникација со многу колеги во министерствата, во коморите и во регионалните организации, и тоа во многу земји. Спојување на луѓето: ова беше 80 % од мојот успех.
Што сметате дека се Вашите најголеми достигнувања во времето додека бевте овде?
Ј. Хајдекер: Увидов некои претпоставки што можев да ги поправам:
• Локалните компании можат да ja интегрираат меѓународната економија. Треба да бараме клиенти со мал обем, но висок квалитет, кои бараат знаење наместо инвестиции.
• Предизвикот со човечкиот капитал. Повеќе од 50 професионалци за човечки ресурси предложија практични мерки за наоѓање, за задржување и за квалификување на работната сила. Добрите компании наоѓаат луѓе, не тие што се жалат.
• Постои потенцијал во помалку гламурозните сектори. Триесет и пет илјади текстилни работници нема да програмираат вештачка интелигенција утре, но можат да произведуваат конкурентни производи со високи плати. Туризмот е единствената реална опција за руралните средини, Охрид може да биде богат како Кицбил.
• Не верувајте во ниедна статистика што не е проверена во однос на ефектот на Џонсон-Мети од нестабилноста на цените на суровините.
• Социјалните претпријатија се начин да се заменат субвенциите со поддршка за самозакрепнување.
• Светските институции прават грешки и пропусти. Треба да ги читате нивните документи и да разговарате со нив.
Моите најважни достигнувања беа за администрациите, за бизнисите и за поединците на кои можев да им помогнам било да се работи за банкарски прашања било за прашања поврзани со снабдување на делови. Сепак, има уште многу да се направи, од гоџи бобинки до локомотиви…

Како ја гледате генерално економската ситуација на нашава земја?
Ј. Хајдекер: Три добри вести: девизните резерви се зголемија од кога дојдов во 2021 година, дури и земајќи ја предвид инфлацијата и исклучувајќи ја унгарската милијарда. Невработеноста е намалена. Образованието во стручното оспособување расте.
Позитивно е што функционерите одат „на терен“ за да дознаат за проблемите, Македонка е на чело на меѓународна асоцијација, има многу успешни локални компании. Да се надеваме на повеќе унапредувања засновани на заслуги и одлуки засновани на факти кои ќе ни донесат подобра иднина.
Остануваат многу области за подобрување.
Малопродажните цени: ако сирењето во Лидл е поевтино отколку во Алди, луѓето купуваат таму. Нема ниеден уривач на цените како Евроспин, Леклерк или некој друг што сака да влезе на пазар кој е со големина на градот Хамбург, кога правилата за млеко се менуваат секои неколку недели.
Друг недостаток е контекстот на стопанските комори. Четири големи, голем број мали комори, плус бизнис-асоцијации, плус билатерални комори, а има само една за Хамбург. Бизнисите треба да покажат едно лице кон државата или кон ЕУ. И треба да се реинтегрираат во Еурочемберс, да се водат заеднички програми, од енергетска ефикасност до дигитализација.
Структурен недостаток: високата зависност на извозот од доставувачите за патнички автомобили. Овој кластерски ризик сега се материјализира. Диверзификацијата треба да оди од комерцијални возила кон услуги. Ова бара подобра политика за странски директни инвестиции, подобри недвижнини и друго.
Земјава се обврза, но не започна да ја спроведува Стратегијата за паметна специјализација. Бизнисите, администрацијата и образованието треба да работат заедно. Земји со многу неповолна позиција во однос на трошоците, како што се Луксембург или Швајцарија, имаат корист од оваа политика. Треба да ги уловиме можностите во многу големиот текстилен сектор. Во туризмот можеме да видиме колку потенцијал има во албанските и во грчките планини. Прекуграничниот механизам за прилагодување на јаглеродни емисии (Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM) на ЕУ ќе ги засегнат сите производители на метални производи во регионот. Потребна ни е стратегија, а не пет министерства кои дејствуваат независно.
Банкарство: системот се дави во документи. Сега губиме странски инвестиции. Во иднина може да ги загубиме банките, како во Словенија каде што е поефикасно да се работи со банки од други земји.
Треба да работиме на заедничкиот регионален пазар каде што ниту камионите ниту патниците не чекаат на границите. Не е доволно да биде без царина, целта треба да e дa биде без мака.
Да сумирам, треба да ја разбереме улогата на политиката во економијата. Моќното јапонско Министерство за економија МЕТИ не ја обезбеди улогата на Јапонија како водечка економска сила. Германското „економско чудо“ беше формирано од политичари кои создадоа слободна и конкурентна средина со профит за добрите бизниси, но со социјално осигурување.
Како ја гледате ситуацијата во енергетскиот сектор?
Ј. Хајдекер: Едно прашање е да се зголеми производството. Постои потенцијал за соларна и за ветерна енергија. Многу проекти беа предложени, дури и пред кризата во 2022 година. Речиси ниеден од нив не напредуваше, додека дури и Босна и Херцеговина сега има „фарма“ на ветерници. Се сеќавам на една средба со сите поранешни министри за финансии, кога сите признаа дека не успеале да го реализираат Чебрен. ЕСМ нема ниту знаење ниту финансиска моќ да раководи со неколку проекти истовремено: највисоката брана во Европа, обновувањето на три централи на јаглен, осум хидроцентрали плус некои проекти за обновливи извори на енергија. Но, земјава може да организира отворени, фер и конкурентни тендери каде што ќе учествува локалната работна сила.
Друг проблем е балансирањето, односно складирањето од краткорочно на долгорочно; вклучувајќи и стратегија за водород, веројатно со стопена сол како можност за региони со јаглен. Далеку сме од нацрт-концепт. ЕУ планира да купува водород од Мавританија, додека Западниот Балкан има земја, сонце и цевководи. Регионот не смее да пропушти уште една можност.
Третата работа е мрежата. Во земјава и преку граница. Без тоа, електричната енергија овде може да биде скапа, а да е речиси бесплатна, произведена од ветер и од сонце на други места. Земјава нема милијарди евра за инвестирање. Беше мудра одлука да се ослободи државната каса од инвестирање во локалните мрежи и да се фокусира на добри правила. Ова би била моја препорака за високонапонската мрежа. Државните пари е подобро се користат за здравство и за образование.

Многу млади луѓе се иселуваат. Што може економијата да направи за да ги задржи во земјава?
Ј. Хајдекер: Прво, среќен сум за секој млад човек кој оди во друга земја. Единствениот проблем е кога не се враќаат. Ќе се вратат ако животот тука им е подобар. Подобар − затоа што имаат пристојна работа, но пониски трошоци за домување. Да нема ѓубре каде што играат децата. Да нема автомобили паркирани на тротоарот за да не мораат да туркаат количка насред улица. Тие ќе се вратат и ќе создадат бизниси во средината која најдобро ја познаваат. Образованието мора да се подобри и да се учат предмети што се важни. Ако Латвија може да го направи тоа, и покрај непријатниот сосед и лошото време, може и нашава сончева земја.
Политичката ситуација во Европа се промени. Какви ќе бидат економските последици?
Ј. Хајдекер: Ние сме во војна. Се води вистинска војна во Украина, трговска војна со САД, жестока глобална економска конкуренција со брзорастечките региони како Азија. Нема повеќе „светски мир преку светска трговија“, а луѓето ја заборавија лекцијата од 1929 година дека протекционизмот не носи ништо добро. Земји веќе жртвувале или се подготвени да жртвуваат трговски односи за други придобивки, Русија започна. Верувам дека ЕУ сè уште има потенцијал, дури и како единствен регион со помалку трговски партнери. Помалите земји мора да одлучат со кого ќе застанат. Предупредување: патот на Енвер Хоџа не беше успешен.
Каков последен совет би ѝ дале на земјава?
Ј. Хајдекер: Работете заедно! Има само едно сонце, еден воздух, една земја. Да го извлечеме овој заклучок од долгата историја на нашава земја: ќе се радуваме заедно или воопшто нема да се радуваме. Нема друга опција за подобра иднина.
Разговараше: Зоран Јовановски
Фотографиите се од периодот кога г. Хајдекер беше советник во Владата