Интервјуа
Вештачката интелигенција ќе го промени драстично начинот на работење
Мега интервју со Петар Пешев, дипломец на Браун универзитетот во САД
Економија и бизнис | печатено издание | 01 април 2025г.
Петар, по подолго време мега интервјуто го правиме со некој кој е толку млад, а толку успешен. Да започнеме со твоето образование. Пред неколку години дипломираше на Браун универзитетот во САД, еден од прочуените т.н. Ајви лиг (Ivy League) универзитети. Што те привлече да аплицираш таму, каква беше процедурата за прием на еден таков врвен универзитет и што студираше?
П. Пешев: Уште во осмо одделение ми се појавија првите соништа да успеам да се вработам во некоја од најголемите и најпознатите софтверски компании во светот, но, да бидам искрен, никогаш не верував дека тоа реално може да се случи. Токму тоа ме привлече да аплицирам на Браун кој го гледав како прв чекор кон остварување на тој сон. Самата процедура за прием на таков универзитет беше навистина ригорозна со тоа што морав во текот на средното образование да полагам стандардизирани SAT- и AP-испити со добри резултати, како и за време на самата апликација да приложам кратки одговори кои требаше да ѝ покажат на Комисијата за прием дека јас навистина припаѓам таму. Насоката на која студирав се викаше Математика и компјутерски науки што ми овозможи да ги исполнам потребните кредити со предмети од Факултетот за математика и од Факултетот за компјутерски науки.
Што е она што ти остави најсилен впечаток од периодот на студирање на Браун? Што беше најтешко, а што најинспиративно?
П. Пешев: Најтешки ми беа предметите по математика бидејќи тие ме предизвикаа постојано да ја преиспитувам својата математичка интуиција за да ги совладам теоремите на повисоко ниво. Исто така не би го заборавил предметот кој се занимаваше со алгоритми кои не се детерминистички, односно алгоритми чие функционирање зависи од веројатност.
Најсилен впечаток ми остави искуството како демонстратор (Teaching Assistant) по предметот Длабоко учење (Deep Learning) каде што имав прилика да ги подготвам првите презентациски материјали за т.н. „трансформер“ модели. Овие модели во последниве години овозможија епохални резултати во областа на модерната вештачка интелигенција како што е ChatGPT.
Најинспиративен ми беше блискиот однос меѓу студентите и професорите, кој најчесто личеше на однос меѓу рамноправни соработници.
По дипломирањето работеше 3 години во „Мета“ (поранешен „Фејсбук“). По сите твои искуства од САД одлучи да се вратиш во земјава. Тоа е за восхит и сосема во спротивност на постојниот одлив на млади образовани кадри. Зошто се врати?
П. Пешев: Пред сѐ, морам да нагласам неколку работи. Прво, јас бев добитник на државната стипендија која покриваше голем дел од школарината на Браун универзитетот со услов да се вратам и да работам во државава. Без оглед на тоа што многумина се сомневаа дека навистина имам намера да се вратам кога ја прифатив стипендијата, јас уште тогаш бев цврсто решен дека тоа е мојот план. Затоа одлуката да ја прифатам стипендијата ми беше лесна.
Второ, за разлика од многумина, јас имам среќа да припаѓам на семејство кое ми обезбеди сигурност дека, доколку се вратам во државава, ќе ми бидат обезбедени добри услови за живот во Македонија. Со земање предвид на овие фактори, можам да дополнам дека со текот на времето сфатив дека иселувањето од државава претставува навистина тежок предизвик, и физички и психички. Додека ја губите потпорната структура, како што се семејството и пријателите, истовремено се соочувате со нови несигурности, како што е вашиот имиграциски статус, кој најчесто зависи од одржување на стабилна работна позиција.

Каде е сега твојот професионален ангажман, какви се плановите?
П. Пешев: Откако се вратив, се вработив како програмер во „Ултра“, фирма чија половина сопственост припаѓа на моите родители. Покрај можноста во иднина да ја преземам нивната улога во фирмата, посебно ме исполнува со гордост фактот што „Ултра“ веќе 35 години успешно опстојува на македонскиот ИКТ-пазар, реализирајќи сериозни државни и приватни проекти. Меѓу другото, ние сме задолжени за софтверските решенија на УЈП, бројни државни и приватни болници и клиники, Државниот трезор, како и за голем број осигурителни компании. Ме мотивира сознанието дека, доколку успеам да придонесам за подобрување на овие постоечки системи, тоа ќе има позитивно влијание врз секојдневното искуство на секој граѓанин во државава.
Сега да се свртиме кон една исклучително актуелна тема – вештачката интелигенција. Технолошки светот, вклучително и бизнисите, се наоѓаат пред историски момент. Како ќе го преобликува вештачката интелигенција начинот на кој функционираат бизнисите?
П. Пешев: Немам никаков сомнеж дека вештачката интелигенција драстично ќе го промени начинот на работење. Новите алатки нудат можност за побрза и за поефикасна обработка на разновидни дигитални задачи. Меѓутоа, степенот до кој ќе влијае врз процесите на бизнисите ќе зависи главно од работната политика, а не само од самата технологија.
Во држави каде што постојат закони кои ги штитат правата на работниците и ги спречуваат масовните отпуштања, новите технологии можат да послужат како поддршка за постоечките вработени, овозможувајќи им да бидат значително попродуктивни. За жал, конкретни закони кои ја регулираат вештачката интелигенција се сè уште ретки во светот. Како алтернатива, до сега успеале само некои силни синдикати да се изборат во сопствената индустрија да се заштитат од ризиците. На пример, во филмската индустрија во Холивуд веќе е постигнат договор кој ги дефинира рамките за употреба на вештачката интелигенција.
Спротивно на тоа, во држави и индустрии каде што недостасуваат заштити и колективни договори, постои вистински ризик бизнисите, во име на профитот, да ги третираат овие алатки не како средство за зголемување на продуктивноста, туку како целосна замена за човечката работна сила.
Затоа сметам дека стравовите поврзани со оваа технолошка трансформација се оправдани, иако со соодветни мерки може да се постигне ситуација во која и бизнисите и работниците ќе имаат корист од новата технологија.
Дали е ова промена што одредени бизнис-сектори или професии посебно би ги погодила? Која е временската рамка на промените што ќе ги предизвикува вештачката интелигенција во иднина?
П. Пешев: Најверојатно ќе бидат најзасегнати професиите кои вклучуваат претежно компјутерска работа. Тоа се активности како создавање на различни видови текстови (извештаи, статии), обработка на електронски табели (Excel), програмирање и производство на дигитална уметност. Исто така во краткорочен период може да се засегнат и областите со структурирана комуникација како што се кол-центрите.
Тешко е да се предвиди точната временска рамка за овие промени бидејќи технологијата на вештачката интелигенција се развива исклучително брзо. Сепак, би сакал да повторам дека најефикасната употреба на овие алатки не е како целосна замена за стручните работници, туку како средство за зголемување на нивната продуктивност. Со други зборови, вештачката интелигенција може да им помогне на луѓето да ја извршуваат работата побрзо и поефикасно.
Како што алатките стануваат пософистицирани, сепак останува неопходна улогата на стручно лице кое знае како правилно да го формулира барањето до вештачката интелигенција, како и да го провери и да го потврди добиениот резултат.
Како да се позиционира македонската економија за да фати приклучок со најновите случувања? Што да направат бизнисмените од земјава кои би сакале повеќе да научат за вештачката интелигенција, со кого да се консултираат, во што да инвестираат?
П. Пешев: Пред сè, препорачувам бизнисите да разговараат со своите вработени за тоа кои процеси би можеле да се автоматизираат или да се подобрат со употреба на алатки засновани на вештачка интелигенција. Паралелно постојат бројни платформи кои нудат месечни претплати за пристап до инфраструктура и алатки за вештачка интелигенција. Но, би ги советувал компаниите внимателно да ги проценуваат таквите решенија бидејќи често се работи за процесирање на доверливи податоци кои не треба да се споделуваат со надворешни сервиси без соодветни договори за заштита.
На пример, некои податоци (како внатрешни софтверски процеси) може да бидат чувствителни од безбедносна перспектива, па нивното испраќање до надворешни сервиси може да претставува ризик. Во такви случаи, оптималното решение е користење на локална инфраструктура која ќе овозможи вештачката интелигенција да ги обработува податоците на сопствени сервери без да се загрозува безбедноста.
Во моментов, нашата компанија Ултра развива ваква локална инфраструктура за внатрешни потреби. Во блиска иднина планираме да го прошириме нашиот опсег на услуги и да понудиме консултациски сервиси за други компании кои сакаат да воспостават слични решенија.

Што би можела македонската држава да направи за да обезбеди систематизиран и ефикасен начин за вградување на придобивките од вештачката интелигенција во македонската економија, во образовниот систем и генерално во општеството?
П. Пешев: Постојат бројни можности за подобрување на државните системи преку имплементација на вештачката интелигенција (ВИ). Во контекст на дигитализацијата, современите ВИ-модели се докажани како најефикасни во екстракција на дигитални текстови од скенирани физички документи.
Исто така значајно се подобрени алгоритмите за машинско преведување, особено за помалку распространети јазици како македонскиот и албанскиот. Државава треба да ги искористи овие алатки и да овозможи ефикасен пристап до документи не само на македонски и на албански туку и на сите јазици што ги зборуваат етничките заедници во Македонија.
Од голема важност е и обезбедувањето сигурни, стабилни и чисти извори на струја бидејќи работата со напредни ВИ-алатки бара значително поголеми енергетски капацитети во споредба со обичните софтверски решенија.
Како изгледа светот низ очите на еден 25-годишник? Што е она што е важно? Кои се за тебе петте најважни работи?
П. Пешев: Светот низ очите на младите, според мене, изгледа прилично хаотичен. Иако постојат некои универзални теми кои ги засегаат младите низ целиот свет, за жал, како што покажа трагедијата со пожарот во дискотеката во Кочани, младите во Македонија се соочуваат и со конкретни системски проблеми кои сериозно го загрозуваат нивниот живот, како и животот на нивните семејства и блиски.
Во оваа прилика сакам да изразам длабоко сочувство до семејствата и до блиските на жртвите од трагичниот пожар. Наместо да ги наведувам глобалните предизвици, ќе ги наведам петте најважни работи за нашава држава кои треба да се спроведат за да се избегнат вакви трагедии во иднина:
1. Сеопфатен пристап до современа здравствена заштита – Граѓаните во сите региони треба да имаат рамноправен пристап до квалитетна здравствена инфраструктура, вклучувајќи специјалистички услуги и итни интервенции.
2. Бескомпромисна примена на законите и искоренување на корупцијата – Неопходно е да се воспостави систем каде што инспекциите ќе дејствуваат независно, без притисок или избирачко спроведување.
3. Заштита на работничките права во ерата на автоматизацијата – Технолошките промени го преструктурираат пазарот на труд, што носи ризик од губење на работни места. Затоа потребни се јасни мерки за преквалификација, фер плати и сигурност при вработување, особено за младите и за ранливите групи.
4. Современа подготовка за кризни ситуации – Центарот за управување со кризи (ЦУК) треба да се надградува со најнови технологии и обуки за брз и ефикасен одговор на катастрофи — од пожари и поплави до здравствени кризи. Иако климатските промени се глобален феномен, нивните последици се локални и можат да бидат смртоносни.
5. Стабилност на домашните пазари – Стабилно снабдување со енергија и со храна од домашни извори е клучно за независност од глобалните кризи. Ова вклучува поддршка на земјоделците, инвестиции во обновливи извори и контрола на цените.
Што би им порачал на младите како тебе?
П. Пешев: На младите кои планираат да заминат од државава би им порачал внимателно да ги проценат условите во кои би се нашле доколку се одлучат за тоа, односно би ги советувал да се запрашаат колку им значат редовните односи со семејството и со пријателите, кои се одржуваат многу потешко на далечина. Исто така би требале да размислат дали се подготвени за несигурноста која следува при привремен живот како мигранти во туѓа држава – со ограничени права и зависност од стабилна работа што им го гарантира престојот.
Верувам дека многу млади, и покрај овие прашања, сепак би одлучиле дека вреди да ги преземат ризиците за можноста да се иселат од Македонија, и тоа е сосема разбирливо. Но, поентата е да ја донесат таа одлука врз основа на балансирана проценка, а не само поради илузијата дека сите нивни проблеми ќе се решат со иселување.
На младите кои планираат да останат во државава би им порачал да не бидат политички рамнодушни, односно би ги охрабрил да ги развиваат своите политички ставови и потоа да бараат максимална одговорност од политичарите кои ги избираат. Технолошкиот развој сам по себе не може да ја спаси државава бидејќи секогаш ќе зависиме од политичката структура која одлучува дали тој развој ќе се користи на штетен или на општествено корисен начин.
Разговараше: Зоран Јовановски