Интервјуа
Јошевски: МИНТ АПП (MINT APP) – СВЕЖИНА ВО ФИНАНСИСКИОТ СВЕТ
Мега интервју со Никола Јошевски, генерален директор на МИНТ Финтек груп
Економија и бизнис | печатено издание | 15 февруари 2025г.
Минатата година одбележавте 8-годишен јубилеј од постоењето на МИНТ Финтек груп (MINT Fintech Group) и за овој релативно краток период станавте еден од водечките „играчи“ во финтек индустријата во земјава. Како ја дефинирате финтек индустријата? Што е тоа што го издвојува овој сегмент од остатокот на финансискиот сектор?
Финтек индустријата е еволуција, а не алтернатива на традиционалниот финансиски сектор. Таа претставува спој на финансии и на технологија, но суштината не е во самата технологија, туку во промена на корисничкото искуство.
Што значи тоа? Ако традиционалните финансиски институции градат системи врз принципи што се непроменети со децении, финтек компаниите градат решенија што се агилни, флексибилни и персонализирани. Финтекот ги носи брзината, транспарентноста и интуитивноста на дигиталниот свет во светот на финансиите. Финтек индустријата не е само дигитализација на финансиските услуги – таа е фундаментална промена во начинот на кој функционираат финансиите.
Во традиционалниот финансиски систем, процесите често се бавни, нефлексибилни и исполнети со административни бариери. Финтекот, од друга страна, ја менува оваа динамика ставајќи го корисничкото искуство во центарот на вниманието. Со комбинација на технологија, на податоци и на алгоритми се создаваат услуги што се побрзи, подостапни и транспарентни.
Оваа индустрија не само што им овозможува на клиентите поедноставен пристап до кредитирање, до плаќања, до осигурување и до инвестиции туку и им дава контрола врз сопствените финансии што претходно беше привилегија на малкумина.
Финтек индустријата не е само подобрена верзија на традиционалниот финансиски систем – таа е револуција што ги менува правилата на игра. Ако класичните финансиски институции работат со строги процедури и со ригидни системи, финтек компаниите се агилни, флексибилни и водени од технологијата.
Она што го издвојува финтекот од остатокот на финансискиот сектор е начинот на кој ги разбира корисниците. Финансиските услуги не треба да бидат комплицирани, а финтек компаниите нудат брзина, едноставност и персонализирани решенија.
Тоа што го издвојува МИНТ Финтек груп (MINT Fintech Group) е што не нудиме само дигитализирани верзии на традиционалните финансиски услуги. Нашиот фокус е креирање нови финансиски решенија што ја менуваат парадигмата.
Компанијата ја карактеризира иновативност. Промовиравте неколку подбрендови: минт кредит, минт осигурување, минт плаќање и минт размена (mintcredit, mintins, mintpay и mintexchange). Што подразбирате под „редефинирање на границите“ на традиционалните финансиски услуги? Што ве издвојува од останатите учесници на пазарот?
Фразата „редефинирање на границите“ не е маркетинг клише – тоа е нашиот начин на работа.
Во традиционалниот финансиски сектор, секоја услуга е фрагментирана – едно место за кредити, друго за осигурување, трето за плаќања. Ние создаваме интегриран екосистем каде што корисникот може да управува со сите свои финансиски активности на едно место.
Нашите подбрендови не се одделни производи – тие се дел од поголема слика. Тие се екосистем каде што секој корисник може да најде флексибилно решение за својот финансиски живот.
• Минт кредит (mintcredit) – револуција во микрокредитирањето, со алгоритми што овозможуваат моментални одлуки.
• Минт осигурување (mintins) – осигурителен брокер кој нуди персонализирани понуди за секој клиент во согласност со неговите можности, барања и потреби.
• Минт плаќање (mintpay) – ова е услуга на која работиме интезивно и планираме наскоро да ја воведеме во нашата палета на финансиски услуги со која ќе понудиме дигитални плаќања кои ги елиминираат компликациите на традиционалниот банкарски систем.
• Минт размена (mintexchange) – иновации во менувачкото работење и девизни трансакции.
• Минт продавница и минт патување (mintstore i minttravel) − онлајн продавници кои ќе нудат „купи сега, плати подоцна“.
Нашата најголема разлика е што не гледаме на финансиите како на статичен систем – туку како на динамичен процес што постојано треба да се подобрува.
Редефинирање на границите значи да размислуваме како корисникот, а не како институцијата. Во традиционалниот финансиски систем, клиентот е тој кој треба да се прилагоди. Во финтекот, ние ги прилагодуваме услугите на клиентот.
Оттука и нашата сила, ја спојуваме функционалноста на банкарските сервиси со брзината на технологијата создавајќи производи што не бараат сложени процедури, туку нудат едноставност, достапност и брзо донесување одлуки.

Неодамна лансиравте нова апликација за корисниците. Што добиваат корисниците со Минт мобилната апликација (Mint App)?
Минт мобилната апликација (Mint App) не е само уште една финансиска апликација – таа е влез во нова дигитална финансиска реалност. Со оваа апликација, МИНТ Финтек груп (MINT Fintech Group) им овозможува на корисниците брз, безбеден и целосно персонализиран пристап до сите финансиски услуги, без непотребни компликации и бирократија.
Една идентификација (ONE ID) – основата на Минт мобилната апликација (Mint App) и иднината на финансиската безбедност.
Она што Минт мобилната апликација (Mint App) ја прави уникатна е системот една идентификација (ONE ID), кој е дигитален личен профил што овозможува брза идентификација и максимална заштита на податоците.
Што значи една идентификација (ONE ID) за корисниците?
Една дигитална идентификација – нема повеќе пополнување формулари и доставување документи за секоја услуга.
Највисоко ниво на безбедност – податоците се шифрирани и се заштитени со најсовремени технологии.
Целосна контрола – корисниците сами одлучуваат кои податоци и услуги ќе ги користат, во кое време и со која намена.
Побрз пристап до сите услуги – од аплицирање за кредит, до активирање на осигурување или плаќање со 0 % камата.
Финансиска флексибилност како никогаш досега.
Инстантно кредитирање – без долг процес на аплицирање, со одобрување за неколку минути.
Персонализирано осигурување – активирано според реалните потреби на корисникот.
Паметни дигитални плаќања – безбедни, брзи и интуитивни.
Земи сега, плати подоцна – со 0 % камата!
– Минт патување (Mint Travel) – резервација на патувања со одложено плаќање.
– Минт продавница (Mint Store [во најава]) – првата платформа за купување на рати без камата.
Со Минт мобилната апликација (Mint App) не само што добивате брзи и иновативни финансиски услуги туку и гаранција дека вашите податоци се заштитени на највисоко ниво. Една идентификација (ONE ID) не е само удобност – тоа е иднината на безбедните дигитални финансии.
МИНТ Финтек груп (MINT Fintech Group) дејствува како сеопфатен финтек центар. Кои се новите технолошки решенија што ги нудите во кредитирање, плаќање и осигурување?
Нашиот пристап е едноставен: финансиите треба да бидат лесни, достапни, безбедни и паметни. Финансиските услуги повеќе не се само бројки и документи – тие се податоци и алгоритми.
– Во кредитирањето, работиме со алгоритми базирани на податоци за побрзи и за поточни одлуки. Наместо сложени процедури, користиме систем Бодување управувано од вештачка интелигенција (AI-driven scoring) што овозможува моментални кредитни одлуки. Користиме машинско учење за анализа на кориснички профили, овозможувајќи побрзи и поточни кредитни одлуки.
– Во плаќањата, фокусот е на дигитални паричници и на дигиталните трансакции меѓу две индивидуи (P2P) со кои сакаме да го намалиме употребувањето на кеш и на традиционални банкарски трансфери. Воведуваме и биометриска автентикација, што значи дека нема повеќе сложени лозинки.
– Во осигурувањето, воведуваме микроосигурување и „по барање на“ услуги (он деманд) – иновативен модел каде што клиентите можат да активираат осигурување само кога им е потребно. Пионери сме во микроосигурувањето каде што клиентите можат да осигурат само специфични аспекти од нивниот живот.
– За безбедноста на нашите клиенти користиме услуга една идентификација (One ID) со која се овозможува добивање на потврден електронски идентитет со точни лични податоци добиени од Централниот регистар на население на Македонија. Електронски идентитет е основа за правно валидна идентификација на вашите клиентите, која ги исполнува барањата за високо ниво на доверливост и на сигурност.
Со овие решенија не ги подобруваме само финансиските услуги – ги прилагодуваме кон иднината.
Нашата цел не е само подобрување на услугите, туку целосно нов начин на размислување за финансиите.
Дали се потребни дополнителни напори за зголемување на финансиската писменост?
Да. Финансиските иновации се бесмислени ако корисниците не знаат како да ги искористат.
Затоа МИНТ Финтек груп (MINT Fintech Group) самостојно, како и во партнерство со Групацијата на финансиски друштва при Стопанската комора, активно работи на едукативни кампањи, на онлајн ресурси и на директна поддршка за да ја подобри финансиската писменост.
Целта не е само луѓето да користат нови алатки – туку да ги користат паметно.
Технологијата не е доволна ако луѓето не знаат како да ја користат. Финансиската писменост е подеднакво важна како и самите производи.
Во регионот, финтек секторот расте, но уште постои резерва кон дигиталните финансии. Нашата стратегија не е само да нудиме услуги туку и да ги едуцираме корисниците како да ги користат на најпаметен начин.
Постојат ли законски ограничувања што го забавуваат развојот на финтекот?
Како и во многу други пазари во развој, регулативата секогаш доаѓа по иновацијата.
Исто така регулативата се движи побавно од технологијата во светот.
Но, мора да подвлечам нешто многу значајно: Македонија има една од најразвиените регулаторни рамки за финтек во регионот.
Минатата есен, на Регионалната конференција за финтек во Сараево, беше заклучено дека Македонија предничи во однос на законската поддршка за финтек компаниите.
Ова не е случајно. Македонските регулатори покажаа флексибилност и отвореност кон иновациите, што е клучно за развојот на оваа индустрија.
Секако, има простор за подобрувања:
• Понатамошно олеснување на пристапот до финтек лиценци за стартапи.
• Поддршка за отворено банкарство (Open Banking), што ќе овозможи подобра интеграција меѓу финтек и банките.
• Јасни регулативи за криптовалутите со цел нивна подобра примена во локалната економија.
Она што е важно е дека Македонија веќе постави солидни темели – сега е време да го искористиме овој моментум за понатамошен раст.
Како прв човек и на Групацијата на финансиски друштва при Стопанската комора можам да потврдам дека како индустрија цел ни е да создадеме мост меѓу иновацијата и регулативата, каде што финтек секторот ќе биде поддржан наместо ограничен.
Предизвикот е секогаш што финтекот се движи побрзо од законските рамки и тоа е предизвик, но важно е регулаторите да не гледаат на финтекот како закана, туку како можност за економски напредок.
Морам да потсетам дека човекот кој го измислил микрокредитирањето, Мухамед Јунус, често нарекуван и „татко на микрокредитирањето“, во 2006 година ја доби Нобеловата награда за мир „поради своите напори преку микрокредитирањето да создаде економски и социјален развој оддолу нагоре“.
Нашата цел е активен дијалог со институциите за да создадеме регулативен баланс – она што ќе го заштити потрошувачот, но нема да ја задуши иновацијата.

Во кој правец ќе се движат финансиските технологии во дигиталната ера?
Јас по определба сум футурист. Можеби и затоа излегов од комотниот банкарски сектор и се впуштив во оваа авантура последниве 8 години.
Знаете, финансискиот свет веќе не е она што беше пред една деценија, а следниве десет години ќе го редефинираат начинот на кој управуваме со парите. Ако денес финансиите сè уште бараат од нас да носиме активни одлуки − да избираме банкарски производи, да управуваме со плаќања или да проценуваме кредитни понуди − во блиска иднина финансиските услуги ќе станат автономни, паметни и невидливи.
Трендот е јасен:
– Финансиските технологии ќе бидат интегрирани во секојдневниот живот, без потреба од наша свесна интервенција.
– Алгоритмите ќе носат финансиски одлуки наместо нас, доведувајќи ги во оптимум нашите трошоци, заштеди и инвестиции.
– Плаќањата ќе станат дел од корисничкото искуство, а не посебен процес − автоматизирани, без договори, без посредници.
Од „паметни“ кон „интуитивни“ финансии е иднината.
Денешните финансиски технологии ги нарекуваме „паметни“ затоа што ни овозможуваат полесно управување со финансиите. Но, иднината ќе ги направи интуитивни. Тоа значи дека финансиските технологии ќе ги предвидуваат нашите потреби пред ние да бидеме свесни за нив.
– ВИ (AI) како личен финансиски советник: Наместо да анализираме понуди за кредити, апликации за кредитирање ќе користат предиктивна анализа за да препорачаат најдобри опции врз основа на нашите финансиски навики.
– Автоматски инвестиции: Наместо луѓето сами да одлучуваат каде да ги вложат парите, финтек алгоритмите ќе ги менаџираат инвестициите според личните цели и профил на ризик.
– Микроплаќања без бариери: Плаќањата ќе станат толку течни и интегрирани што нема ни да ги забележуваме. Сензори, уреди за носење (wearables) и биометриски технологии ќе овозможат плаќања што се случуваат автоматски − од дигитални претплати до бесконтактни трансакции.
Криптовалутите и дигиталните пари – од алтернатива денес во иднина ќе станат стандард.
Криптовалутите веќе не се само тренд, туку логична следна еволуција на парите. Големите централни банки работат на дигитални верзии на своите валути (CBDC – Central Bank Digital Currencies), а финтек компаниите развиваат нови начини за трансакции без потреба од традиционални финансиски посредници.
– Стабилните монети и дигиталните валути на централните банки ќе станат основа за глобални плаќања.
– Криптоплаќањата ќе станат масовно достапни, елиминирајќи ги потребите за скапи меѓународни трансфери.
– Дигиталните финансии ќе бидат повеќе инклузивни, овозможувајќи пристап до финансиски услуги дури и во економии со недоволно развиен банкарски сектор.
Во иднина, финансиите нема да бидат изолиран сегмент − тие ќе станат интегриран дел од сите дигитални услуги.
– Вградени финансиии (Embedded Finance) – Компаниите што не се финансиски институции ќе нудат банкарски услуги директно на нивните платформи. Ќе имате можност да добиете кредит додека купувате на e-трговија сајт, без да посетувате банка.
– „Купи сега, плати подоцна“ („Buy Now, Pay Later“) моделите ќе станат стандарден начин на купување, без потреба од класични кредитни картички.
– Гласовни и неврални интерфејси за управување со финансии – Ќе можеме да правиме трансакции и да управуваме со нашите финансии со гласовни команди или со помош на паметни ВИ (AI) асистенти.
Што значи ова за корисниците?
– Помалку административен товар – нема повеќе „хартија“ во банкарството.
– Побрзи и побезбедни трансакции – плаќањата ќе бидат моментални, без ризик.
– Поголема контрола и транспарентност – корисниците ќе добиваат персонализирани финансиски совети во реално време.
Заклучок: Финансии што ги чувствувате, но не ги гледате.
Финансиските услуги ќе станат толку природен дел од нашиот живот што повеќе нема да ги гледаме како „посебен“ сектор. Тие ќе функционираат во заднина на сите наши активности, без да бараат наш труд или внимание.
Со други зборови, финансиите ќе станат невидливи, но помоќни од кога било досега. Или уште поконкретно, финансиските технологии ќе станат интуитивни.
Како ја гледате МИНТ Финтек груп (MINT Fintech Group) во следниве 5 години?
Во следниве 5 години, нашата цел е МИНТ Финтек груп (MINT Fintech Group) да стане синоним за дигитални финансиски решенија во регионот.
– Ќе го прошириме спектарот на услуги со нови финтек иновации. Ќе бидеме стратешки партнер за дигитална трансформација на финансиите.
– Ќе станеме стратешки партнер за стартапи во финтек индустријата. Целта ни е да формираме инкубатор. И на тој начин ќе продолжиме да ја предводиме револуцијата, како што и заедно со ПРЕДА Плус фондацијата го направивме првиот финтек-хаб и хакатон пред неколку години.
– Ќе го редефинираме начинот на кој луѓето ги доживуваат финансиските услуги и ќе останеме двигатели на иновативни, на транспарентни и на достапни финансиски услуги.
МИНТ Финтек груп (MINT Fintech Group) не е само компанија – тоа е визија за иднината на финансиите.
Разговараше: Митко Јовановски