Интервјуа

Вработените и потрошувачите се движечката сила на Макпетрол

Мега интервју со Марија Јосифовска-Спасовска | Главен оперативен директор и член на Управниот одбор на „Макпетрол“ АД

Економија и бизнис | печатено издание | 01 февруари 2025г.

Вие сте член на Управниот одбор на „Макпетрол“. За почеток, како ја оценувате деловната 2024 година на „Макпетрол“?

М. Јосифовска-Спасовска: Економските и политичките околности за водење бизнис изминативе неколку години се, во најмала рака, вистински предизвик. Процесот што почна со пандемијата, па потоа се прошири со глобалната криза, војната во Украина и низа други настани, бездруго влијаеше и уште влијае врз компаниите без разлика на индустријата во која работат. Во тој контекст, ако се земат предвид сите економски случувања во државава, а и пошироко, може да се каже дека „Макпетрол“ навистина имаше одлична година. Споредено со резултатите од 2023 година, во 2024 година остваривме раст од седум проценти на продажбата на гориво, како и сериозен раст на продажбата во маркетите кои се во склоп на бензинските станици, ја проширивме нашата продажна мрежа со една нова бензинска станица и реновиравме 15 продажни објекти. Предизвици и натаму ќе постојат, но нашиот пристап отсекогаш бил да се потпираме и да го вреднуваме секој вработен затоа што веруваме дека само со заеднички придонес можеме да се движиме по патот на успехот.

Какви се плановите на „Макпетрол“ за деловната 2025 година?

М. Јосифовска-Спасовска: Нашиот пристап отсекогаш бил прво да направиме анализа на сработеното во претходната година, а потоа да вложиме максимални напори да ги надминеме тие резултати следната година. Најголем доказ за ова е фактот што „Макпетрол“ има континуиран пораст на продажбата од година в година. Во поглед на конкретните активности, како и досега, инвестициите и натаму ќе продолжат, а тоа значи изградба на нови бензински станици, реновирање на дел од постојните објекти, зголемување на енергетската ефикасност преку поставување фотонапонски панели на покривите и на настрешниците на бензинските станици, целокупна модернизација на објектите и понатамошен фокус кон алтернативните горива. Кога е во прашање начинот на работење, „Макпетрол“ отсекогаш не само што ги следел трендовите во нафтената индустрија туку и прв ги воспоставувал на македонскиот пазар. Освен ова, несомнено, наша врвна цел е да останеме прв избор на нашите потрошувачи, а со тоа да ја задржиме лидерската позиција на пазарот.

Неодамна склучивте договор за снабдување со нафтени деривати од рафинеријата „Окта“ кој го опфаќа периодот од почетокот на 2025 година до крајот на 2027 година. На што се должи ваквиот чекор?

М. Јосифовска-Спасовска: Ова не е прв договор за снабдување што го склучуваме со „Окта“. Напротив, со рафинеријата работиме долги години. Како резултат на одличната соработка повторно одлучивме да ги набавуваме нафтените деривати од оваа компанија. Имајќи ја предвид нашата голема мрежа од бензински станици, како и огромниот број секојдневни потрошувачи, за нас е клучно да имаме сигурност и редовност во снабдувањето, како и врвен квалитет на производите. Ние до овие принципи се водиме речиси 80 години, а тоа е и една од главните причини за нашата лидерска позиција на пазарот и силната доверба од потрошувачите.

Колку влијаеја геополитичките случувања, вклучувајќи ја и војната во Украина, на обемот и на тековите на светската трговија со нафта и со нафтени деривати? Дали настанатите промени треба да се перципираат како долгорочни?

М. Јосифовска-Спасовска: Војната во Украина има огромно влијание врз обемот и тековите на светската трговија со нафта и со нафтени деривати, но и врз природниот гас. Како последица на војната, Соединетите Американски Држави и Европската Унија воведоа бројни санкции врз Русија кои го опфаќаат и нејзиниот енергетски сектор. Дел од тие санкции се ограничување на цената на руската нафта, забрана за работа со руски банки, забрана за користење руски танкери, како и санкции против рускиот течен гас. Од овие причини дојде до зголемување на цените на нафтата и на природниот гас на светските берзи. Никој не може да предвиди колку долго ќе трае оваа ситуација, но исто така е сигурно дека нема ниту брзо да заврши. Во светот отсекогаш се случувале разни геополитички настани кои влијаеле на светската економија, не само врз енергентите туку и врз цените на други производи како храната, металите и слично така што ниту во иднина никој не може да предвиди какви настани може да се случат кои ќе имаат влијание врз светската економија.

Последниве години еден од најголемите предизвици за македонската економија беше големата флуктуација на работната сила и неможноста да се ангажираат вработени со потребните знаења и вештини. Како се справува „Макпетрол“ со овој предизвик?

М. Јосифовска-Спасовска: Ќе бидам целосно искрена кога ќе кажам дека и покрај тоа што услужната дејност можеби најмногу страдаше и сè уште се справува со недостаток од кадар, „Макпетрол“ со ваков предизвик речиси и да се нема соочено. За нас како компанија, барем досега, ова прашање не се појавило како сериозен проблем. Напротив, ние и понатаму сме еден од најпосакуваните работодавачи во државава. Доказ за тоа е обемот на пријавени кандидати за нашите работни позиции. На мнозинството огласи што ги објавуваме, навистина голем број лица изразуваат интерес за вработување. Дефинитивно, состојбата не е иста како што била, на пример, пред пет години, но за нас конкретно тоа не претставува проблем. Во организациските делови каде што во умерена мера се појави флуктуација на работна сила, откако се случија напуштања најчесто поради заминување во странство, веднаш успеавме да најдеме соодветно надополнување. Имајќи предвид дека нашата работа опфаќа навистина многу елементи, секогаш внимаваме да не се почувствува недостаток на кадар. Внимателно анализираме и врз основа на искуството правиме проекции кога би можеле да очекуваме одреден број лица да одлучат да ја напуштат компанијата. Кога ќе се случи тоа, што е нормален процес, ние сме подготвени, односно секој организациски дел си продолжува непрекинато да функционира.

На крајот од 2024 година го наградивте секој вработен со парична награда од 30 илјади денари во нето-износ. Во денешно време ова е значаен гест од страна на менаџментот на компанијата.

М. Јосифовска-Спасовска: За нас ова не е само гест, ние искрено веруваме и затоа и редовно ја применуваме оваа практика. Причината е едноставна − луѓето се енергијата на „Макпетрол“. Години наназад компанијата исплаќа новогодишен бонус за вработените, како и регрес за годишен одмор кој во 2024 година беше 42 000 денари нето-износ. Исто така во текот на минатата година беше исплатена и распределба на добивка од 2023 година во паричен износ од 88 проценти од платата за секој вработен. Паричното наградување на вработените се должи на извонредната посветеност на секој поединец при извршувањето на секојдневните задачи. Најголем доказ и потврда за тоа се резултати од продажбата што ги оствари „Макпетрол“ во 2024 година.

Секако, паричната стимулација не е единствениот начин за одржување на задоволството на вработените. Како обезбедувате квалитетна комуникација со вработените и меѓу вработените во рамките на компанијата?

М. Јосифовска-Спасовска: Отворената комуникација е клучна за успешен процес на работа во која било индустрија, а кај нас тоа се практикува со редовни средби на сите нивоа во компанијата. Дел од оваа комуникација се и честите посети на сите објекти од страна на менаџментот на „Макпетрол“ каде што се разговора со вработените за нивното задоволство од компанијата и за тоа како можеме да се подобриме. Дополнително, ние силно веруваме во личниот напредок на вработените поради што и вложуваме во нивна надградба со знаење преку учество на обуки, на работилници и на семинари. Конкретно, за 2025 година се планирани обуки кои треба да ги опфатат сите нивоа на вработени во компанијата. Инвестиравме и во изградба на нов бизнис-центар кој ќе служи исклучиво за едукација и за социјализација на вработените. За 2025 година се планирани и програми за обука како начин за градење тим за повеќето организациски единици во компанијата. Имаме и традиционални активности како годишен турнир во мал фудбал и новогодишната забава за сите вработени, како и новогодишната забава за децата на вработените.

Една од работите со кои „Макпетрол“ многу успешно го сврте вниманието на јавноста е кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“. Таа наиде на извонреден одѕив во општеството бидејќи допира една многу чувствителна, но истовремено и исклучително важна тема. Како ги оценувате досегашните ефекти од оваа кампања?

М. Јосифовска-Спасовска: Нашето задоволство и повеќе би рекла − исполнетост − од ефектите на оваа кампања е исклучително високо! Најпрво, го остваривме она што го зацртавме како примарна цел − во Македонија да почне да се зборува за оваа тема. Тоа укажува дека свеста за сериозноста на проблемот со врсничкото насилство е крената, што е и клучен мотив за реализација на кампањата. Вредноста на овој проект ја препознаа 26 општини кои се приклучија во активностите. Во првата фаза, во над 150 училишта организиравме едукативни работилници на кои учествуваа неколку илјади ученици. Изминативе неколку месеци директно ги вклучивме и родителите и за нив досега беа подготвени 10 вакви средби за стекнување знаења и споделување искуства поврзани со булингот. Испечативме голем број едукативни прирачници и продуциравме голем број комуникациски материјали кои се достапни на веб-страницата: kreniglas.mk. Со сите овие факти сме горди, но особено нè исполнува што кампањата е препознатлива и за неа зборуваат тие во чие име и ја правиме − децата и учениците. Токму за нив креиравме платформа која ќе им помогне да чувствуваат дека имаат поддршка, дека не се сами во соочувањето со овој горлив проблем.

Што планирате во однос на активностите поврзани со општествената одговорност за 2025 година?

М. Јосифовска-Спасовска: „Макпетрол“ отсекогаш бил познат по својата општествена одговорност. Таа традиција, таа верба во овој наш стратешки приоритет, продолжува и во 2025 година. Во план е да продолжи поддршката на спортисти, на уметници и на настани. Кампањата „Крени глас против врсничко насилство“ ќе биде активна до крајот на учебната година. Како надополнување на работилниците за ученици што ги организиравме во учебната 2023/24 година, оваа учебна година овозможивме работилници наменети за родителите во општините кои минатата година се придружија на кампањата и тие ќе продолжат и во наредниот период. По завршувањето на проектот „Стоп за булинг“, „Макпетрол“ ќе продолжи со други општествено-одговорни кампањи чија цел ќе биде да ја кренат свеста во заедницата и на други теми. Нашата главна мотивација и цел е да помогнеме во градењето подобро општество за секој поединец во нашава држава.

За крај на ова интерву, имате ли хоби, што е она што ве релаксира од стресот што го носат деловните обврски?

М. Јосифовска-Спасовска: Планината е мојот најдобар пријател и моето прибежиште од секојдневните обврски и од одговорноста што ја носи менаџерската позиција, особено во пролетниот и во летниот период кога времето е посоодветно за шетање. Но, исто така, по природа сум човек што сака да комуницира и да ужива во социјални мигови. Дружбата со пријателите и со семејството се мојот најголем полнач на енергија. На овој начин ја создавам рамнотежата што е потребна, а која се јавува поради интензитетот на секојдневните деловни обврски.

Ви благодарам за интервјуто.

Разговараше:Митко Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО