Интервјуа

Семенпеева Трајановска: Креативноста може да биде мотор на економскиот раст, но само ако како гориво додадеме знаење и работа

Интервју со: Софија Семенпеева Трајановска, креативен директор на агенцијата „Ефектива“

Економија и бизнис | печатено издание | 01 јануари 2025г.

Последиците од глобалната рецесија предизвикаа низа промени на глобално ниво, а дел од нив сè уште се чувствуваат и денес. Како тоа влијаеше на креативната индустрија во Македонија и како накратко би ја оцениле 2024 година?

С. Семенпеева Трајановска: Конкретно во 2024 година, најголемите проблеми беа поврзани со економската несигурност, со растот на трошоците за работење и со промените во однесувањето на потрошувачите поради притисокот од инфлацијата. Сето тоа бараше брзо прилагодување на маркетинг-стратегиите на компаниите. Некои од нив ги кратеа своите буџети за маркетинг, а некои ги прилагодуваа на новата реалност, што се покажа како добитна комбинација.
Брзиот технолошки развој и експанзијата на вештачката интелигенција го трансформира начинот на работење во креативната индустрија, што особено дојде до израз во текот на изминатава година, но клучно е дека креативноста и оригиналноста остануваат суштински важни елементи во работењето во нашава индустрија. Дури можам да кажам дека креативноста е повеќе од потребна во времето во кое живееме. Брендовите мора да покажат храброст за креативност за да се издвојат од „толпата“. Конкретно ние во Ефектива, во 2024 година, фокусот го поставивме токму на проекти со креативна оригиналност, што придонесе да ја зајакнеме довербата кај клиентите. Имаме среќа или изградивме доверба кај клиентите кои имаат голема храброст и широки видици за креативноста, па затоа секогаш ја нагласувам важноста на соработниците и заедничкото дејствување.

Кои се позитивните трендови во креативната индустријата од 2024 година кои ќе продолжат и во 2025 година?

С. Семенпеева Трајановска: Видливи се големи поместувања во препознавањето на вредностите на одржливоста, на општествената одговорност и на инклузивноста − нешто на кое мора да се работи многу повеќе. Видовме брендови кои не го комуницираат само производот, туку и целат релевантни општествени теми, културни случувања и негуваат вистински и искрени општествени вредности. Навистина сме среќни што заедно со нашите клиенти сме дел од низа вакви иницијативи. Би го издвоила проектот „Трајни културни вредности“ на Халкбанк преку кој дејствуваме на афирмација, на промоција и на зачувување на македонската култура и на традиција. Црпејќи инспирација од традицијата, од археологијата, од уметноста, од македонската храна, изминативе години создадовме оригинална приказна за суштината на нашето наследство кое, во исто време, треба да биде и наша иднина. Тоа го постигнавме преку креирање приказна за корпоративно брендирање, видеостории, книгата „Патување низ гастрономското наследство“ и низа други активности. Навистина сме среќни што ги имаме Халкбанк како храбар партнер кој суштински работи на проекти за позитивни промени.
Од другите трендови, секако, би ја споменала неопходноста од инкорпорирањето на вештачката интелигенција во нашето работење, но со важна напомена тоа да се прави во внимателно избрани дози и сегменти.

Колку е голема важноста на креативноста и на брендирањето за развој на економијата?

С. Семенпеева Трајановска: Креативноста како мотор за економски раст навистина звучи посакувачки и моќно. Ако сме храбри, може да биде и реалност. Во мали економии, креативноста може да има суштински придонес за изградба на конкурентни предности. Ние сме мал пазар и креативноста е потенцијал со кој може да направиме разлика на глобалниот пазар. Но, притоа мора да сфатиме дека брендирањето е повеќе од боја и од лого, дека комуникацијата е повеќе од краткорочна видливост и имиџ. Исклучително е важно да се има на ум дека креативноста не е само естетика туку и решавање на проблеми, што ја прави суштински важна за економскиот раст. Креативноста овозможува слобода, нови производи, услуги и решенија кои може да се адаптираат за специфичните потреби на регионалниот и на глобалниот пазар.
За да го постигнеме ова, треба многу работа и суштинско вложување во образованието. Насушно се потребни квалитетни инвестиции во едукација на младите таленти. Зборувам за квалитетна едукација. Ова е горко прашање затоа што во моментов квантитетот е пред квалитетот. Што би рекол еден мој професор − важно е од кого учиме.
Со користење на глобални дигитални канали, малите компании и индустрии можат да ги искористат своите креативни потенцијали и да излезат на глобалниот пазар. Македонија е земја со околу 280 сончеви денови, плодна почва која нуди голем потенцијал за производство на квалитетна храна. Кога на сето ова би се додал квалитетен и препознатлив бренд, кога би се создала квалитетна комуникациска стратегија, таа наша приказна може да биде многу поуспешна. Ние имаме можности, но фалат храброст и доверба дека ние во креативната индустрија знаеме и сме спремни да креираме можности.

Софија со Кристијан Јованоски, Арт директор во Ефектива

 

Вашата агенција, покрај креативноста и квалитетната визуелна комуникација во своето работење, препознатлива е и по инкорпорирање на уметноста и нејзината афирмација. Од каде тој порив?

С. Семенпеева Трајановска: Ефектива е препознаена по стратегиите во кои цврсто се втемелени креативноста, вредностите на брендот, квалитетната визуелна комуникација и емоцијата. Ова се клучни елементи за постигнување на целите.
Една исклучително важна тема на која ние како агенција со години работиме е развој на квалитетна визуелна комуникација и градење општествени вредности преку поддршка и афирмација на уметноста во Македонија, поддршка на млади автори, но и градењето на идна публика уште од најрана возраст. Пред седум години го создадовме Меѓународниот фестивал за илустрација и литература за деца „Литера“. Изминативе години во Македонија донесовме преку 30 илустратори докажани на светската сцена да го пренесат своето знаење на млади автори од земјава со цел илустрацијата и воопшто визуелната комуникација да се подигне на едно повисоко и позначајно ниво. Клучно е да се издвои дека изминативе години поставивме изложби на доајените на македонската илустрација. Во време на ковид кризата, кога културните институции замреа, ние ја отворивме изложбата на илустрациите на Димитар Кондовски која и до ден-денес се раскажува како позитивен пример за тоа како треба да биде поставена една изложба.

Вие сте креативен директор и сопственичка на креативната агенцијата Ефектива. Дали во сегашниот свет преоптоварен со информации е потешко да се биде креативец и различен отколку порано?

С. Семенпеева Трајановска: Главно е да бидеш страствен за она што го правиш, постојано да си жеден за подобрување, за истражување, за учење, за создавање нови нешта. Јас се будам и заспивам со креативноста, сонувам во Македонија креативната индустрија да биде на похрабро ниво. Сонувам нашава земја да добие брендирање кое ќе изгради успешна приказна и ќе ги поттикне економскиот раст и развој. Ова е тема за која со години гласно зборувам и се надевам некој ќе ме чуе зашто е навистина важна за нашава економија, за културата, за туризмот. Треба да се создаде тим кој темелно ќе истражува и ќе создаде бренд од нашава држава, но многу е важно кој ќе биде во тој тим и кој ќе одлучува на крај.
Да се биде креативец во денешно време не е тешко, но секако е предизвик да се биде различен и да се носат свежи иновативни идеи. Ја имаме среќата 14 години да работиме на суштински и на квалитетни проекти и зад нас се многу приказни на мали брендови кои прераснале во сериозни играчи.
Јас не се доживувам како сопственичка, туку едноставно како еден од членовите на тимот. За мене тимот е клучот за успех. Сите сме еднакво вклучени во креирањето стратегии и нови иновативни решенија за брендовите. Кај нас нема лоша идеја, секоја идеја е инспирација да се создаде нешто ново и креативно. Јас секојдневно напоменувам дека Ефектива е збир на повеќе интелектуални и креативни умови кои работат заедно. Хиерархија не постои, ја заменивме со колаборативен пристап за решавање на предизвиците. За оваа тема често бев критикувана, но со текот на времето покажа сериозни резултати и очекувам да покаже уште подобри.

Какви се вашите очекувања за 2025 година?

С. Семенпеева Трајановска: Јас секогаш имам високи очекувања, но годинава сум фокусирана на храбри големи проекти кои се од суштинско општествено значање. Во процес сме на креирање два нови македонски брендови со интересни приказни зад себе и очекувам заедно со нашите клиенти да креираме кампањи кои ќе ги надминат очекуваните резултати. Очекувам студиото за илустрација, чии темели ги поставивме минатата година, да го промовираме на глобалниот пазар. Преку оваа наша нова иницијатива, многу македонски илустратори ќе можат да работат за светски брендови и за издавачки куќи.


 

Разговараше: Митко Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО