Интервјуа
Петрушев: Бимилк е двигател на трансформацијата на пазарот и на млечната индустрија
Мега интервју со Ѓорѓи Петрушев, генерален директор на Бимилк
Економија и бизнис | печатено издание | 15 јануари 2025г.
Бимилк има водечка позиција на домашниот млечен пазар. Визијата на компанијата е да продолжи со растот на производството и да ја прошири понудата со нови иновативни производ, преку одржување на високите стандарди за европски квалитет со што ќе ги задоволи вкусовите на потрошувачите во земјата и регионот. Но, најголем предизвик за компанијата останува одржувањето на стабилно снабдување со сурово млеко.
Ѓорѓи Петрушев е на чело на Бимилк веќе седум години. Во интервјуто разговараме за потребата од структурен пристап и сеопфатна национална стратегија за одржување и развој на македонското примарно млекопроизводство, за политиката на субвенционирање, но и за растот на продуктивноста кај средните и големи фарми, кои треба да го надоместат дефицитот предизвикан од затворањето на се поголем број мали и семејни фарми.
Да зборуваме за Бимилк, најголемиот производител на млеко во земјава. За почеток, како би ја сумирале 2024 година за Бимилк? Кои беа најголемите достигнувања и предизвици за компанијата?
Ѓ. Петрушев: За Бимилк 2024 година беше година на значајни достигнувања, но и предизвици. Визијата за оваа година и посветеноста на реализацијата нѐ доведоа до значајни иновации што позитивно се одразија врз секој сегмент од работата. Успешно ја задржавме водечката позиција на домашниот млечен пазар, продолживме со растот на производството и ја проширивме нашата понуда со нови иновативни производи. Тоа се секако параметри што го покажуваат растот и влеваат оптимизам дека она што го правиме дава добри резултати. Најголем предизвик беше и сѐ уште останува одржувањето на стабилно снабдување со сурово млеко, што се должи на глобалните економски притисоци и состојбата во локалната земјоделска индустрија. Ова не е предизвик само за Бимилк, но нашата стратегија и поддршката што ја добиваме како дел од Групацијата Имлек придонесе да не се соочиме со недостаток на млеко. Сепак, генерално, состојбата во македонското примарно млекопроизводство не е задоволителна. Подолг период е присутен трендот на згаснување на помалите производители, што директно се одразува врз домашното млекопроизводство, а тоа знаеме дека води до зависност од увоз на сурово млеко, но и на готови млечни производи.
Иновативноста, следењето на пазарните движења и зацврстување и унапредување на работната средина беа клучните чекори што доведоа до успешна година зад нас, но со развојна тенденција и за понатаму. Во 2024 година ја зголемивме нашата производствена ефикасност со инвестирање во нови технологии. Покрај тоа успешно лансиравме неколку нови производи кои добија одличен одѕив од потрошувачите. Дополнително вложивме во нашите вработени преку програми за обука, за мотивација и за подобрување на работната средина со цел да обезбедиме задоволство и ангажираност на нашиот тим.
Каква е состојбата со производството на млеко во регионот на Западен Балкан? Дали тие земји добиваат одредена помош од државава?
Ѓ. Петрушев: Слична, но не и идентична, со тоа што Македонија се издвојува со нашето влијание и влијанието што го даваме како Имлек групација во однос на снабденоста со сурово млеко и во одржливоста на пазарот. Освен тоа, состојбата со примарното млекопроизводство во целиот регион е слична. Секаде, во сите земји од регионот, забележлива е или е во стагнација или има пад на млекопроизводството. Во однос на субвенциите, речиси секаде тие се повисоки отколку во Македонија, а некаде дури и двојно. Во некои од околните земји има и дополнителна програма за технолошка и за инфраструктурна модернизација, каде што државата покрива до 65 % од инвестициите во роботизација и во технолошка модернизација што резултира со тренд на раст на производството.
Некои од овие пракси на нашиот пазар се дополнети со улогата на Бимилк и како дел од Групацијата Имлек, и како домашна компанија, и со нашиот придонес за одржливоста на млечната индустрија во земјава. Од постојаната снабденост со сурово млеко, да не се почувствува недостаток, до цели програми што ги применуваме за фармерите во однос на модернизација на примарното млекопроизводство за поголема продуктивност, во набавка и во донација на високомолзни крави, едукација за стандарди и подобрување на продуктивноста и на квалитетот на млекото.

Споменавте дека Бимилк применува стратегија што е одговор на состојбата со примарното млекопроизводство. Но, како може системски да ѝ се помогне на индустријата за производство на млеко за да ја обезбедиме навреме иднината на производството на млеко?
Ѓ. Петрушев: Често кажувам и повторувам, иако верувам дека сите млекопреработувачи го знаат тоа, но потребно е на сите да ни стане приоритет за да можеме да опстанеме и да се развиваме како индустрија, за да имаме поголем резултат и да предизвикаме вистинска промена. Без млекарски фарми немаме млеко, а без млеко немаме млечна индустрија.
Статистиката укажува на забрзана консолидација на примарното производство на млеко каде што деловните субјекти имаат значително поголема продуктивност од индивидуалните земјоделски стопанства и се приближуваат кон просекот во ЕУ. Но, растот на продуктивноста и на производството кај средните и големите фарми не е доволен за да го покрие дефицитот предизвикан од затворањето на сè поголем број мали и семејни фарми. Миграцијата кон урбаните средини и слабата заинтересираност за работа во земјоделието се дополнителен удар. Сето ова значи дека е 12:05 за млечната индустрија и за нејзината одржливост во Република Северна Македонија. Во спротивно, увозната зависност само ќе се зголемува.
Затоа решавањето на предизвиците во млечната индустрија бара структурен пристап, системски промени и долгорочни стратегии. Тоа што ние како најголем производител го правиме потребно е да стане дел од широка национална стратегија. Прво е континуираното зголемување на сточниот фонд преку ефикасни програми за поддршка насочени кон зголемување на продуктивноста и на квалитетот на млекото. Како резултат на оваа наша заложба, нашите кооперанти добија висококвалитетни јуници субвенционирани од Млекара АД Битола. Модернизацијата на примарното млекопроизводство значително ја зголемува продуктивноста и го зголемува квалитетот на млекото. Следниот револуционерен чекор го носи роботот за измолзување. Ние земавме учество во пилот-проектот под покровителство на УСАИД, снабдивме неколку наши кооперанти со оваа опрема и верувајте дека резултатите се поголеми од очекуваните. Овие конкретни мерки ги спроведуваме со години и во континуитет, заедно со едукација и со консултација на фармерите кооперанти како да ги зголемат капацитетите и продуктивноста на фармите.
А кога зборуваме за национална стратегија, тоа би вклучувало дополнителни мерки како воведување на систем за субвенции според квалитет. Кога ќе го стимулирате квалитетот, што ќе биде задолжителен за сите учесници на пазарот, нема да има отстапки, а со оглед на економската импликација, ваквиот пристап ќе стане неизоставен. Друга слаба точка на краварските фарми е сточната храна и зависноста од увоз, а сите знаеме од каде доаѓа 80 % од сточната храна и што се случува таму. Но, перспективно државава може да обезбеди земјиште за примарните производители, што ќе го намали трошокот за производство и ќе го подобри квалитетот на суровините.
Да не заборавиме и на процесот на евроинтеграција кој носи сериозни предизвици, но и можности за секторот за производство на млеко. Во овој момент, дел од домашните производители имаат тешкотии со усогласување со ЕУ-стандардите, па во таа смисла предложените мерки за системски да ѝ се помогне на индустријата за производство на млеко се можен одговор на овој предизвик.
Бимилк е позната како бизнис-лидер. Кои иницијативи ги имплементиравте во 2024 година за да ја зајакнете својата позиција на македонскиот млечен пазар?
Ѓ. Петрушев: Нашата стратегија се базира на постојано подобрување во секој дел од работењето. Потрошувачите бараат производи со врвен квалитет и тоа е она на што се фокусираме. Од производството на фармата до финалниот производ на трпезата, секој чекор е осмислен за да гарантира квалитет. Се бориме да ја одржиме нашата позиција на пазарот токму со фокус на потрошувачите, иако во овие времиња на променливи пазарни политики и на експериментални стратегии тоа станува сè потешко. Постојано ја следиме пазарната состојба, често ги антиципираме промените на пазарот и реагираме предвремено со цел да ги заштитиме потрошувачите, да го одржиме производството стабилно и да ја одржиме виталноста на компанијата заедно со нашите вработени.
Годината ја започнавме со стратегија за засилување на нашата присутност на локалниот пазар преку проширување на дистрибутивната мрежа и со маркетинг--кампањи што ги нагласија вредностите на нашите производи – квалитет, свежина и локално потекло. Воведовме и нови производи кои ги следат потребите на современите потрошувачи. Секогаш сме посветени на иновацијата. Продолживме да ја иновираме нашата понуда на производи, го проширивме асортиманот со производи следејќи ги глобалните трендови за здрав начин на живот. И сето тоа со одмерена ценовна стратегија го направивме достапно за сите граѓани.
Работите во сегмент што произлегува од традиционална вештина, а и самите создадовте своја традиција на правење млечни производи. Како ја гледате адаптацијата на компанијата спрема пазарните трендови во Македонија и во поширокиот регион?
Ѓ. Петрушев: Горди сме на нашата традиција, но постојано се прилагодуваме на новите трендови. Работиме на развој на функционални и на производи од растително потекло кои се сè попопуларни и барани на пазарот. Нашиот пристап е да ја комбинираме традицијата со иновацијата за да создадеме производи кои ги задоволуваат потребите на модерните, но и на традиционалните потрошувачи. Во тоа е и моќта и основата за лидерство во Бимилк, врз повеќе од седумдецениска традиција ги негуваме традиционалните релации со потрошувачите, но и градиме нови и се адаптираме на современиот потрошувач.

Се менуваат ли вкусовите на потрошувачите кога станува збор за млекото и за млечните производи? Што бараат младите?
Ѓ. Петрушев: Иновативностa на една компанија најмногу се гледа во подготвеноста да одговори на современите текови, тенденции или трендови, во што ние вложуваме и време и енергија. Го следиме развојот на понапредните пазари со цел да бидеме спремни и брзо да одговориме на барањата и на потребите на потрошувачите. А нашите истражувања кажуваат дека потрошувачите, особено младите, бараат производи со додадени здравствени вредности – пробиотици, витамини, минерали, како и растителни алтернативи. Бимилк не само што ги следи овие трендови туку често и ги поставува. Како компанија можеме да се пофалиме дека освен што ги следиме трендовите, во одредени сегменти сме биле и производител кој генерирал трендови. Тука би го споменал Баланс+ јогуртот кој иницираше и започна цела една нова категорија на производи. Како прв ваков јогурт на пазарот, Баланс+ со својот состав поттикна промена во потрошувачките навики и воведување во исхраната на функционални производи кои се корисни за здравјето. Засега тоа е единствениот пробиотски јогурт на домашниот пазар за кој е направено клиничко испитување и така е докажано позитивното влијае врз здравјето. Следејќи го овој тренд, годинава под брендот Имлек Оаза пазарот го збогативме со два нови производи од растително потекло, од бадем и од овес. Овие производи, токму поради своите својства, многу брзо се прифатени од потрошувачите и стануваат дел од секојдневната исхрана.
Неизбежно е да се каже дека со воведување на напредни технологии и на иновативни решенија не само што одговараме на потребите на потрошувачите туку и го менуваме пазарот така што ги зголемуваме стандардите и квалитетната понуда.
Кои чекори ги презема Бимилк кон одржливоста и еколошката одговорност и кои се идните чекори во 2025 година на ова поле?
Ѓ. Петрушев: Веќе беше започнат процес за примена на енергетски ефикасни технологии и редукција на отпадот што го заокруживме оваа година. Но, одржливоста не би била де факто ако не продолжи и ако не е развојна. Затоа во 2025 година планираме да вложиме во обновливи извори на енергија, како и да го прошириме нашиот „зелен план“ за рециклирање и за сведување на нула на секакво влијание врз животната средина. Посветени сме на одржлива иднина, за компанијата и за заедницата. Во самиот производен процес применуваме напредни технологии, воведуваме иновативни репроматеријали и амбалажа, со што позитивно влијаеме врз домашниот пазар во подигнување на стандардите во млечната индустрија. А од неодамна спроведовме и целосна енергетска трансформација така што ги адаптиравме енергетските постројки со што ги направивме енергетски ефикасни и станавме дел од друштвото компании кои придонесуваат за подобра заштита на човековата околина.
Кои се главните цели и приоритети на Бимилк за 2025 година? Дали се планирани нови проекти или инвестиции?
Ѓ. Петрушев: Нашите цели за 2025 година вклучуваат проширување на производното портфолио, збогатување на пазарот со создавање нови пазарни сегменти и влегување во нови пазарни категории. Понатамошно инвестирање во одржливост е исто така еден од фокусите кои ги планираме. Имаме планирани инвестиции во обновливи извори на енергија и во модернизација на фабриката.
Која е вашата визија за улогата на Бимилк во обликувањето на иднината на млечната индустрија во Македонија?
Ѓ. Петрушев: Визијата на Бимилк е да остане лидер во македонската млечна индустрија преку поттикнување на иновации, поддршка на локалните фармери и одржување на високите стандарди за квалитет. Веруваме дека можеме да бидеме пример за одржлив и за успешен бизнис-модел.
Разговараше: Митко Јовановски