Интервјуа
Миновска Пехливанова: ОБУЧЕНОСТА НА ВРАБОТЕНИТЕ ДАВА КОНКУРЕНТСКА ПРЕДНОСТ НА КОМПАНИЈАТА
Економија и бизнис | печатено издание | 15 декември 2024г.
1. Успешното работење на фирмите зависи и од ангажирањето на квалитетен и на обучен кадар за да може да одговори на поефикасно остварување на поставените деловни политики. Колку во вашата компанија се посветува внимание на постигнување на поголема продуктивност преку подобрување на внатрешната работна атмосфера и на мотивираноста на работниците?
Во современи услови, вработените можат да бидат една од конкурентските предности на една компанија зависно од тоа колку таа е подготвена да вложува во нив. Ние во АМСМ веруваме дека единствен начин да се биде пред конкуренцијата и да се остане во тек со секојдневните промени во бизнисот е преку континуирано вложување во едукација и во развој на нашите вработени, постојано следење на светските трендови во поглед на иновациите на пазарот и користење на напредни дигитални решенија за поддршка на развојот на нашиот бизнис.
Позитивната работна атмосфера е директно поврзана со квалитетот на животот на вработените, во и надвор од работното место. Кога луѓето имаат чувство дека се прифатени во средината и дека некој се грижи и вложува во нивниот развој, тоа директно се одразува на нивната продуктивност, на креативноста, на ефикасноста и генерално на целата благосостојба. Инвестирањето во нашите вработени продолжува, во плановите за 2025 година предвидуваме нови содржини за обуки и за развој, но и проекти за зголемување на социјализацијата меѓу вработените преку формални и неформални дружби и настани.
2. Колку ви помагаат обуките и работилниците кои ги организира М6 Едукативниот центар?
Дел од М6 сме веќе 14 години, т. е. од самото основање на М6 Едукативниот центар. АМСМ уште тогаш ја препозна визијата на М6 да се етаблира како партнер во развојот на човечките ресурси кај водечките компании во Македонија. М6 е единствена организација од ваков карактер кај нас која во директна комуникација со своите членки организира обуки за задоволување на нивните потреби. М6 е постојано во тек со трендовите и со случувањата на пазарот во светот и нив ги пренесува на нашиот пазар со цел македонските компании да бидат конкурентни локално и глобално.
Обуките во М6 несомнено помагаат во подобрување на компетенциите на нашите вработени, во креирање нови кадри и во имплементирање новитети од светскиот пазар со што директно влијаат на ефикасноста на нашето работење, како и на зголемување на конкурентноста на нашите услуги.
Не помалку важен е и моментот дека преку организираните средби, обуки и работилници, М6 придонесува и за проширувањето на мрежата на контакти.
Познавајќи го моменталното раководство во М6, верувам дека 2025 година ќе биде уште една година исполнета со интересни обуки, проекти и новитети.
Разговараше: Митко Јовановски