Интервјуа
Тодорова: ГРАДИМЕ ТИМ КОЈ Е СПЛОТЕН, ПОСВЕТЕН И ПРОФЕСИОНАЛНО ОБУЧЕН
Економија и бизнис | печатено издание | 15 декември 2024г.
1. Успешното работење на фирмите зависи и од ангажирањето на квалитетен и на обучен кадар за да може да одговори на поефикасно остварување на поставените деловни политики. Колку во вашата компанија се посветува внимание на постигнување на поголема продуктивност преку подобрување на внатрешната работна атмосфера и на мотивираноста на работниците?
Во Групација Аутомакедонија сме цврсто уверени дека успехот на секоја компанија лежи во нејзините луѓе. Затоа приоритет ни е создавање позитивна работна атмосфера и постојано мотивирање на нашите вработени. За да ги оствариме деловните цели, вложуваме во развој на внатрешните процеси, но и во градење тим кој е сплотен, посветен и професионално обучен. Сметаме дека добро обучените вработени не само што ја зголемуваат продуктивноста туку и придонесуваат кон подобра комуникација, иновации и ефикасност. Во таа насока редовно организираме обуки, работилници и активности кои помагаат да се унапредат вештините на секој член од нашиот тим. Дополнително акцент ставаме на мотивирањето преку препознавање на нивните напори, обезбедување можности за напредување и креирање култура во која секој се чувствува ценет и почитуван.
2. Колку ви помагаат обуките и работилниците кои ги организира М6 Едукативниот центар?
Соработката со М6 Едукативниот центар е една од најважните стратегии за развој на нашите вработени. Програмите кои тие ги нудат се професионално осмислени и прилагодени на специфичните потреби на компаниите од Групацијата, што ни овозможува да извлечеме максимална корист од секоја обука. Преку учество во нивните работилници, нашите вработени ги унапредуваат своите вештини за комуникација, за тимска работа, за лидерство и за управување со времето. Овие обуки имаат директно позитивно влијание врз нивната мотивација и продуктивност, а со тоа и врз целокупниот успех на компанијата. Соработката со М6 Едукативниот центар ја сметаме за клучна бидејќи нивниот професионален пристап ни помага постојано да одиме чекор понапред.
Разговараше: Митко Јовановски