Интервјуа

СРЕДНИОТ МЕНАЏМЕНТ Е НАЈВАЖНОТО НИВО ВО НАПРЕДНИТЕ КОМПАНИИ

М6 Едукативен центар

Економија и бизнис | печатено издание | 15 декември 2024г.

Колку македонските компании посветуваат внимание на подобрување на внатрешните организациски перформанси преку подобрување на вештините кај вработените?

К. Витрих: Можам да забележам дека изминативе три до четири години македонските компании започнаа да посветуваат поголемо внимание на развојот на вештините кај нивните вработени, што не беше случај пред седум години. Оваа промена во најголема мера е предизвикана од недостатокот на квалификуван кадар и од зголемените потреби од страна на вработените.
Генерално средните и големите компании се најсвесни за оваа потреба и воедно се најотворени да вложуваат. Најголем дел од нив се присутни на меѓународниот пазар каде што токму унапредувањето на вештините кај вработените е круцијално за тие да останат конкурентни.

Последниве години Северна Македонија се соочува со позасилен бран на иселување на млади и на квалификувани работници. Колку програмите за доквалификација и за преквалификација, во кои активно е вклучена и вашата организација, можат да помогнат за работниците да продолжат да ги надоградуваат своите професионални кариери и да останат во домашните компании?

К. Витрих: Програмите за доквалификација и за преквалификација можат значително да помогнат доколку не се генерални, туку се тесно поврзани со специфичните потреби на компаниите.
Од една страна, ја имаме компанијата која има интерес да го вработи или да го унапреди работникот поради што ќе вложи ресурси за негова надоградба. Од другата страна е работникот кој гледа конкретна можност за вработување или за унапредување во рамките на оваа компанија. На средина меѓу нив е тренинг центарот кој има интерес да ги обучи работниците според потребите на компанијата. Ваквата врска позитивно влијае на луѓето за тие да ги гледаат можностите за раст внатре во државата. Затоа морам да потенцирам дека од огромна важност е програмите за доквалификација и за преквалификација да се засноваат на реалните потреби на компаниите. Токму овој пристап го применуваме во партнерството за развој на кадри преку кое М6 Едукативниот центар развива тренинг програми скроени по утврдените потреби на 30-те компании учеснички.

Какви се искуствата во другите земји кои практикувале обуки за подобрување на вештините кај средниот менаџмент во компаниите и што треба да се направи во рамките на компаниите или во системот на образование заради подобрување на внатрешното управување на компаниите?

К. Витрих: Меѓународните искуства недвосмислено покажуваат дека успешните компании имаат структура на управување која постојано се адаптира на времето и на трендовите. Управувачката структура каде што имаме еден извршен директор кој самиот ги носи сите менаџментски одлуки веќе одамна не функционира. Во напредните компании во светот, средниот менаџмент е најважното ниво во компанијата. Овие менаџери се носителите на одлуки, одговорни за функционирањето и за конкурентноста на компанијата. Тие се сврзното ткиво меѓу работниците и извршниот менаџмент. Секоја компанија, во зависност од секторот, од големината и од други фактори, треба да примени управувачка структура која најмногу ѝ одговара на потребите. Не постои едно универзално решение.
Тренинг центрите се уште една важна алка. Тие мораат тесно да соработуваат со компаниите и да ја разбираат својата услужна функција во процесот на градењето вештини. Со динамиката со која се менуваат индустриите во модерното време, вклучително со автоматизацијата и со дигитализацијата, сведоци сме на нови потреби од кои произлегуваат и нови професии. Товарот од развојот повторно паѓа на средниот менаџмент кој мора да биде соодветно обучен.


Разговараше: Митко Јовановски

 

ПРЕПОРАЧАНО