Финансии / Банкарство

Стојановски: 2025 година, НЛБ Банка Скопје продолжува со значајно засилено темпо на својот пат кон целосно дигитализирана банка

Што очекувате од 2025г.

Економија и бизнис | печатено издание | 15 декември 2024г.

„Забрзување на економскиот раст и нормализирање на стапката на инфлација се двете главни карактеристики кои на домашен, макроекономски план, се очекува да ја одбележат 2025 година. Сепак, предизвикот е голем со оглед на неповолните состојби во европските економии, особено Германија, и оттука негативното влијание врз македонскиот нето-извоз. Затоа клучен фактор за остварување на планираниот економски раст следнава година од над 3,5 % остануваат инвестициите, посебно во јавниот сектор, чија забрзана динамика на реализација треба значајно да придонесе за забрзување на стапката на економски раст на земјава.
Следнава, 2025 година, НЛБ Банка Скопје продолжува со значајно засилено темпо на својот пат кон целосно дигитализирана банка со широка палета на понуда на банкарски и на небанкарски производи. Очекуваме натамошен раст на кредитната и на депозитната активност на банката како кај населението така и кај компаниите со истовремено подигнување на нивото на дигитална понуда на кредитни, на депозитни и на платежни производи и на услуги. Воедно, како системски значајна банка, НЛБ Банка Скопје останува посветена на своите стратешки заложби со конкретни активности во делот на својот придонес за сигурност, за стабилност и за доверба во македонскиот банкарски сектор, активности кои придонесуваат за одржливост на заедницата и на животната средина, за раст, за развој и за профитабилност, на задоволство на сите свои акционери, на вработените и на општеството во целина“.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано