Општество
Скопје на трето место во Европа по аерозагаденост
05.01.2025
Скопје се наоѓа на 23-то место според аерозагаденоста на светско ниво, и е трет по загаденост на воздухот во Европа по Сараево кое е на 11-то место и Приштина која е 20-та, покажува табелата на платформата „Ај кју аир“.
Нивото на штетните ПМ честитки измерени во 11:30 часот, изнесува 121 единици поради што не се препорачува излегување надвор на хронично болните и децата.
Пред два дена Скопје беше најзагаден град во светот, кога, според платформата „Ај кју аир“ во главниот град беа забележани 263 единици штетни честички.
Во меѓувреме, од Град Скопје денеска информираа дека се спроведуваат засилени инспекциски контроли и се изрекуваат казни и обвинуваат дека од 14 институции здолжени за животната средина, само тие се на терен. Заменичката министерка за животна средина Ане Лашкоска, вчера кажа дека во сила се краткорочни и долгорочни мерки донесени од Владата и упати апел до општините и до сите надлежни институции да се вклучат во активностите за справување со загадувањето на воздухот. Таа побара и локалните самоуправи да ги пуштат на терен општинските инспектори, особено во малите и средните претпријатија, а не само во оние кои имаат А и Б интегрирана дозвола.
Од Град Скопје соопштија дека инспекторите од градскиот Инспекторат продолжуваат со засилениот инспекциски надзор на терен 24 часа, со цел намалување на аерозагадувањето и заштита на животната средина.
-Неселективно се изрекуваат казни за сите што не го почитуваат законот, ја загадуваат животната средина и го загрозуваат здравјето на граѓаните. Во изминатата година, Градот Скопје има изречено казни од 9 до 100 илјади евра за правни лица и соодветни казни против физички лица, кои се затекнати како креираат диви депонии, ги палат и го прекршуваат законот, соопштија денеска од Одделението за односи со јавноста при Град Скопје.
Извор МИА