Перспектива

Од печатеното издание: Зоран Јовановски: Зошто 2025 година ќе биде подобра за македонската економија?

Зоран Јовановски | Авторот е економист

Економија и бизнис | печатено издание | 15 декември 2024г.

Алан Гринспен, своевремено еден од најпознатите гувернери на американската централна банка, поради проблеми со грбот имал навика да поминува долги часови во кадата разгледувајќи бројни анализи, податоци и информации. Притоа никој не знаел како ќе ги поврзе работите во своите размислувања и кој ќе биде неговиот нареден чекор во водењето на монетарната политика на САД. Во „морето“ расположливи информации, тој се обидувал да ги поврзе точките, да ја открие приказната скриена зад податоците и да ги предвиди идните движења.
Поентата на оваа анегдота е дека секогаш мора да се оди подлабоко или чекор понатаму кога се бараат нишките што ги поврзуваат работите. Ова е особено важно во денешно време кога науката за економијата (она што се нарекува economics) практично се претвори во место каде што математиката, статистиката, економетријата се темелот за квантифицирање на анализите и за градење на ставовите. Меѓутоа, постојат и варијабли кои тешко можат да бидат квантифицирани. На пример, кога се обидувате да ја предвидите иднината на една економија, како да ја квантифицирате надежта на економските субјекти (ова не значи дека во научниот свет веќе не се направени чекори за моделирање на надежта). А надежта е важна затоа што влијае на однесувањето на економските субјекти!
Новoгодишните празници се период кога поединечно или како семејство, фирма и држава, ја оценуваме годината што изминува и ги дефинираме плановите и очекувањата за годината што доаѓа. Годината што изминува ја испраќаме со оптимизмот што го носи последниот објавен статистички податок за третото тримесечје за раст на македонската економија од 3 %, што е највисок квартален раст остварен во последниве 2 години. Со тоа се поместува нагоре и очекувањето за растот за цела 2024 година и разумно е да се очекува дека тој ќе ги надмине постојните проекции на Светска банка, на ММФ, на ЕБРД и на Европската комисија, а кои се движат во распон од 1,8 % до 2,2 %. Наспроти тоа може да се очекува растот на македонската економија за цела 2024 година да биде повисок од 2,5. %.
Дали забележавте колку кратко траеше вниманието на јавноста во врска со охрабрувачкиот податок за растот на бруто-домашниот производ (БДП) во третото тримесечје од годинава? Уште повеќе, дали забележавте колку помало беше тоа внимание од вниманието на јавноста посветено на новите лица на т.н. „црна листа“ на САД? Тоа е одраз на приоритетот во очекувањата на најголемиот дел од граѓаните во земјава. Очекуваат функционирање на правната држава и казна за сите што се огрешиле од законот, без оглед дали се на „црната листа“ на САД или не. Всушност, имплицитно, граѓаните тоа го побараа на изборите. Овој психолошки момент е одличен вовед за 2025 година.

Што носи 2025 година за македонската економија?
Кои се клучните ризици?
Ризиците се значителни и за разлика од минатото се движат во прилично широк распон, но со различни веројатности. Геополитички, победата на Трамп на изборите во САД најверојатно ќе доведе до одредено смирување на тензијата во Европа поврзана со воените дејствија во Украина и префрлање на фокусот на односите на САД со Кина и префрлање на тежиштето на потенцијалните идни тензии на Далечниот Исток (Тајван и сл.). Исто така, согласно најавите, може да се очекува намалување на значењето на постојните правила во глобалната трговија преку воведување на еднострани давачки за увоз на производи, пораст на протекционизмот итн. На краток рок, на меѓународен план, за македонската економија најважно е што ќе се случува со германската економија. По остварен пад од 0,3 % во 2023 година, ММФ проектира дека германската економија во 2024 година ќе има раст од 0 %, а во 2025 година растот ќе достигне 0,8 %. Истовремено, за 2025 година за развиените земји ММФ прогнозира просечен раст од 1,8 %, а за земјите од еврозоната просечен раст од 1,2 %. Тоа значи дека германската економија ќе расте побавно од другите, а со тоа генерално и нејзината домашна побарувачка. За македонската економија се особено важни турбуленциите во автомобилската индустрија на Германија, која се судира со системски предизвик на губење на конкурентноста во однос на остатокот од светот, проблем што не може да се реши преку ноќ. Потенцијалот сето тоа негативно да се одрази на производствените капацитети поврзани со автомобилската индустрија во земјава и неколкуте десетици илјади вработени во нив не е за занемарување. Веќе се најавува „оптимизирање“ на трошоците (модерен израз за кратење на трошоците) кај домашните производители на делови за автомобилската индустрија.
На домашен план, клучна е разврската во врска со најавите за можна дестабилизација на државава во контекст на очекуваното забрзување на функционирањето на правната држава. Читателите на „Економија и бизнис“ можеа да читаат за тоа во истата оваа рубрика „Перспектива“ уште пред една година, во текстот „Македонија е сѐ поблиску до својата катарза“ во јануари 2024 година, значи половина година пред парламентарните избори. Ризикот и понатаму постои, но неговиот потенцијал е редуциран. Друг ризик што заслужува внимание е континуитетот на незадоволителните остварувања на индустријата. По падот од 9,5 % во 2020 година поради пандемијата со ковид-19, индустриското производство практично досега не закрепна. Во 2021 година остварен е раст од само 1,4 %, во 2022 година пад од 0,3 %, во 2023 година повторно минимален раст од 0,7 % и во првите десет месеци од годинава повторно пад од 3,8 %. Очигледно е потребен сеопфатен пристап од страна на носителите на економските политики, што прецизно ќе ги лоцира предизвиците за домашната индустрија и ќе понуди решенија.

Што e она што дава надеж?
Надеж даваат променетите околности и новиот пристап по промената на власта на последните парламентарни избори. Притоа би издвоил неколку клучни елементи.
Прво, земјава има Влада со мнозинство во парламентот што обезбедува значително поголема стабилност. Тоа ги релаксира работите и овозможува помирно креирање на политиките, вклучително и на економските политики. Ваквата поставеност реално овозможува и поголема конзистентност во профилирањето на тие политики.
Второ, вратено е чувството дека, народски кажано, има пилот во авионот на Владата. Таа повеќе не изгледа како своевидно акционерско друштво со дефинирани и со договорени поделени „делови од колачот“ во кое едни на други не им се мешаат во управувањето на поделените делови.
Овие два елемента помагаат во градењето на перцепцијата дека од ден на ден добиваме бизнис-амбиент во кој се зголемува сигурноста и се намалува неизвесноста.
Трето, почнавме да зборуваме за долгорочно важни работи. Определбата инвестициите да бидат движечка сила на економскиот раст е определба што ќе го направи економскиот раст долгорочно одржлив. Работните места креирани преку нови инвестиции во зголемено производство во индустријата, инвестиции во нова опрема, проширување на производните капацитети, нови производни хали итн. се долгорочно најодржливи работни места. Во контекстот на долгорочно важни работи, од исклучително значење е усвојувањето и поддршката (од сите политички партии) на Националната развојна стратегија за периодот 2024 − 2044 година. Таа е изработена во суштинска соработка со Канцеларијата на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) при што доследната примена на развојната стратегија ќе овозможи долгорочно одржлив развој на македонската економија, усогласен со трендовите што ќе доминираат во наредниот период поврзани со целите за одржлив развој на ООН.
Четврто, почнавме да зборуваме за прашања што се важни за целиот систем, а не за поединечна гранка или индустрија. Такво е прашањето на владеење на правото. За разлика од некои поранешни времиња, сегашните заложби изгледаат поткрепени со цврста определба да се испорачаат конкретни резултати во општеството. Граѓаните очекуваат оние кои ги прекршиле законите да бидат соодветно санкционирани за тоа. Во овој корпус прашања спаѓаат и борбата против корупцијата и борбата против сивата економија. Не само што ваквата борба ќе донесе дополнителни приходи во буџетот на државава туку и го чисти пазарот од нечесните учесници и испраќа силен сигнал до сите потенцијални инвеститори, домашни и странски, дека тука ќе имаат прудентен амбиент за инвестирање и за работа. Доколку иницијалните напори се интензивираат, тогаш нема да биде изненадување доколку во наредниов период бидеме сведоци на позначително зголемување на домашната инвестициска активност и на прилив на странски директни инвестиции.
Петто, новата влада покажа широчина во „погледот кон работите“ и направи работи кои досега беа незамисливи во земјава. На пример, даде поддршка за изборот на кандидатот од земјава за позицијата заменик-генерален секретар на НАТО, без оглед на партиската припадност. Понатаму, поделбата на „наши“ и „ваши“, гледано од аспект на партиската припадност, го нема интензитетот од минатото. Во повеќе наврати сум истакнал дека во мала земја како нашава, со значително ограничени ресурси, оној премиер кој ќе ја рашири „игранката“ и ќе ги вклучи сите кои можат да помогнат за напредокот на земјава, како од земјава така и од дијаспората од странство, ќе ѝ донесе добри резултати на земјава. Во минатото тоа не беше случај.
Шесто, почнавме повеќе да се почитуваме и да се координираме во земјава, нешто што треба да биде редовна практика во мала земја и економија. Пример за тоа е она што се случи со најновото решение за т.н. новогодишна кошничка со намалени цени за граѓаните во одреден временски период. Беше оставено самите компании (во рамките на Стопанската комора) да изнајдат модус, тие тоа го направија и целата работа успешно се заврши, без нервози, без притисоци, без расправии и сл. Бизнис-секторот ја покажа својата способност и ја покажа умешноста да помогне. Чуда се возможни.
Она за што вреди да се размисли е како да се поттикнат индивидуалните потрошувачи да купуваат повеќе производи од домашно производство. На пример, со зголемувањето на пензиите ќе се зголеми куповната моќ на пензионерите. Ако тие купуваат домашни производи, тогаш тие пари преку разни даноци ќе се вратат во буџетот на државава и таа ќе може да ги користи за други продуктивни цели.
Седмо, се враќа здравиот разум во проектирањето на движењата на економијата. Државниот буџет за наредната година е стокмен врз основа на претпоставки што можат да се наречат реални. Проекцијата за реален раст на БДП на земјава во 2025 година од 3,7 % е блиску до последната проекција на ММФ која изнесува 3,6 %. Дури и да биде растот во 2025 година нешто понизок, на пример 3,5 % поради повисоката споредбена основа од годинава, што се должи на повисокиот од иницијално очекуваниот раст во 2024 година, тоа ќе биде позитивно поместување.
Како што рековме на почетокот, надежта тешко се квантифицира, ама кога ја има и значително расте тогаш и шансите да се случат добри работи во македонската економија значително се зголемуваат. Среќна нова 2025 година!

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано