Бизнис

АГЕНЦИЈА ЗА ПОШТИ: Следната година со засилени контроли и укинување на плаќањето во готово за испорака на пратките

25.12.2024

Укинувањето на плаќањето во кеш при испораката на поштенските пратки, со задолжително и однапред плаќање на фактура за преземање на производите набавени преку е-трговијата, засилена и сериозна контрола на работата на операторите, како  и издавањето на сертификати за  операторите на поштенски услуги, се главните приоритети на Агенцијата за пошти во наредната 2025 година, кои беа посочени од  директорот Сретен Миладиновски, на денешниот Јавен состанок на АП, на која беа претставени полугодишните резултати од работењето на домашните поштенски оператори.

- Годинава беа извршени најмногу контроли на поштенските оператори, што се должи и на зголемениот број на даватели на услуги во поштенскиот сообраќај.  Во земјата функционираат 34 лиценцирани компании, од нив 33 се на слободниот пазар. Постапувано е кон 12 лиценцирани компании и само кај една е одземена лиценцата за работа, изјави директорот Миладиновски.

Анализата  на пазарот на поштенските услуги во државава за првото полугодие од 2024 година, ја претстави Данијела Спасиќ Томовска, раководител на Директоратот за следење  и анализа на пазарот, која посочи дека има зголемување на вкупниот обем на поштенски услуги за 3,7 отсто и раст на приходите кај поштенските оператори за 15 отсто. Обемот на услугите кај давателот на универзалната услуга (Македонски пошти)  е зголемен за 2,95 отсто, а кај компаниите на слободниот пазар за 5,9 отсто.   

- Намалувањето на вработените лица  во поштенскиот сектор  изнесува 0,9 отсто. Кај давателот на универзалната услуга  има намалување на вработените за 8,8 отсто, а кај давателите на поштенски услуги на слободниот пазар има зголемување на вработените за 14,8 отсто, изјави Данијела Спасиќ Томовска.

Развојот на е-трговијата  дава големи можности  за развојот на пазарот на поштенските услуги во Mакедонија. Кај овој начин на тргување има зголемување на испораката на пратки за 43 отсто во однос на првото полугодие во 2023 година.

Бројот на рекламации кај давателите на поштенските услуги се зголемени за 14 отсто односно 78 рекламации  се однесуваат на АД Пошти на Северна Македонија и 753 за давателите на поштенски услуги на слободниот пазар. Рекламациите на корисниците се однесуваат на пречекорување на рокот на достава од Македонска пошта (94 отсто од рекламациите). Кај компаниите од слободниот пазар 34 отсто од рекламациите се однесуваат на пречекорување на рокот на достава, а 66,8 отсто од корисниците рекламирале  по основ на оштетени  и изгубени поштенски пратки.

Во Регистарот на Агенцијата за пошти се евидентирани 34 даватели на поштенски услуги, од кои 33 се со лиценци со општо овластување, покрај АД Пошта на Северна Македонија која е со индивидуална дозвола.

ПРЕПОРАЧАНО