Економија
Пари, пари, пари...
Горан Петревски | Авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ
Економија и бизнис | печатено издание | 15 ноември 2024г.
Пред неколку децении, кога започна полетот на информатичката и на телекомуникациската технологија, се предвидуваше дека за брзо време ќе исчезнат традиционалното банкарство и готовите пари. И навистина, ако луѓето имаат на располагање други начини за плаќање (интернет, мобилни телефони, картички), тогаш е разбирливо очекувањето дека старите начини (готовите пари) се веќе непотребни. Меѓутоа, времето покажа дека оптимистичките прогнози се покажаа неточни, односно готовите пари се живи и здрави и денес се користат во иста мера како и во минатото.
Економската теорија вели дека употребата на готовите пари зависи од неколку фактори како: износот на потрошувачката (купувањето), трошоците за повлекување готови пари (банкарските провизии и изгубеното време за патување до банката), висината на каматната стапка, како и постоењето други, алтернативни начини на плаќање. Оттука, ако човекот купува повеќе, нему ќе му бидат потребни повеќе пари за да ги изврши трансакциите. Ако банките наплаќаат повисоки провизии за повлекување готови пари и ако трошиме повеќе за да повлечеме пари од банките (мал број експозитури, мал број банкомати), тогаш ќе употребуваме повеќе готови пари. Ако каматните стапки на штедните влогови се повисоки, тогаш е понеисплатливо да се чуваат готови пари зашто на нив не добиваме никаква камата. Најпосле, ако можеме да плаќаме со мобилни телефони, со картички или преку интернет, повторно нема потреба од готовите пари.
По Втората светска војна постоеше тренд на намалена употреба на готовите пари во светот, но во 90-тите години на минатиот век настапи пресврт и оттогаш во многу земји се забележува спротивен тренд – зголемена употреба на готовите пари. Уште поинтересно е тоа што побарувачката за готови пари расте наспроти фактот дека учеството на плаќањата со готови пари постојано опаѓа. Оваа појава е позната како парадоксот на банкнотите. Сепак, кога се зборува за светскиот тренд на зголемена употреба на готовите пари, треба да се каже дека постојат големи разлики од една до друга земја. На пример, учеството на готовите пари во бруто-домашниот производ се движи од 21 % во Јапонија и 18,5 % во Хонгконг, преку 12 % во Индија и во Швајцарија, до 1 % во Норвешка и во Шведска. Што се однесува до учеството на готовите пари во малопродажните плаќања, бројките се разликуваат од едно до друго истражување, но и тука се забележителни разликите меѓу одделни земји. На пример, во Канада и во САД, со готови пари се плаќа една четвртина од малопродажните трансакции; една третина во Холандија, во Финска и во Франција, а тој процент надминува 70 % во Грција, во Малта и во Кипар.
Фактот дека учеството на готовите пари во плаќањата се намалува, а истовремено се зголемува нивната вкупна побарувачка покажува дека значаен дел од готовите пари се употребува за други намени. Имено, истражувањата покажуваат дека од 50 % до 70 % од говотите пари не се користат за плаќање, туку за нешто друго (заштеди, сива економија, даночно затајување, криминал и тероризам итн.). Иако не е можно прецизно да се разграничат овие две намени на готовите пари, се претпоставува дека банкнотите со мали износи се употребуваат за плаќање во малопродажбата, додека големите апоени се користат за другите намени. Исто така истражувањата покажуваат дека побарувачката на малите и на големите апоени зависи од различни фактори: со поголемата примена на картичките се намалува побарувачката на готовите пари со мали апоени, додека картичките немаат никакво влијание врз побарувачката на готови пари со големи апоени која, пак, се намалува кога се зголемуваат каматните стапки. Интересно е што за време на Светската финансиска криза од 2008 година и за време на епидемијата со ковид-19 значително се зголеми употребата на готовите пари со големи апоени. Кога се зборува за готовите пари со големи апоени (100 долари, 200 евра итн.) треба да се забележи дека многу голем дел од нив, всушност, се чуваат во странство, а не во матичната земја која ги печати парите. И овде бројките се разликуваат од еден до друг извор, но се претпоставува дека меѓу 2/3 и 4/5 од доларските банкноти се чуваат во странство (претежно во апоени од 100 долари); дека меѓу 30 % и 50 % од еврата се чуваат надвор од зоната на еврото; дека 45 % од еврата испечатени во Германија се наоѓаат надвор од зоната на еврото итн.
Истражувањата покажуваат дека употребата на готовите пари зависи од неколку фактори како: големината на трансакциите, доходот на потрошувачите, образованието и староста. На пример, истражувањата во САД покажуваат дека 80 % од плаќањата во вредност помала од еден долар се извршуваат со готови пари; над 60 % од плаќањата во вредност до пет долари се извршуваат со готови пари; со готови пари се плаќа околу половината од трансакциите во вредност до десет долари, а овој процент изнесува 30 % за плаќањата во вредност над 30 долари. Притоа, за малите плаќања, сите луѓе, независно од нивните карактеристики (платата, возраста и образованието), користат готови пари, меѓутоа за поголемите плаќања (над 20 или 30 долари) луѓето се однесуваат различно. Во тој поглед, познато е дека постарите луѓе, посиромашните луѓе и луѓето кои немаат универзитетска диплома повеќе користат готови пари во плаќањата. Слично е и за луѓето кои живеат во селата или во местата без интернет, тие претежно користат готови пари. Употребата на готовите пари зависи и од износот што го чуваат луѓето во своите паричници. Имено, истражувањата покажуваат дека луѓето кои кај себе чуваат повеќе готови пари прво ги користат нив за плаќање, а дури потоа се одлучуваат да платат со картичка.
Многу големо влијание врз примената на готовите пари има видот на трговскиот објект каде што се извршува плаќањето, односно за кој производ (услуга) се плаќа. Истражувањата покажуваат дека со готовите пари се извршуваат над 70 % од плаќањата во продавниците, додека готовите пари се користат само во 40 % од плаќањата во рестораните за брза храна, во градскиот превоз и во културно-забавните установи (музеи, концерти итн.). Ова покажува дека употребата на готовите пари претежно зависи од склоноста на луѓето на вакво или на такво плаќање, а не толку од тоа дали тие имаат можност да платат на друг начин. Слично на тоа, употребата на готовите пари многу зависи и од износот на плаќањето во смисла дека плаќањата што се со слична вредност на апоените на кои гласат парите претежно се користат со готови пари. На пример, истражувањата покажуваат дека дури 60 % од производите кои чинат меѓу 19 и 20 долари се плаќаат во готово, додека овој процент паѓа на 20% за производите кои чинат меѓу 20 и 21 долар. Ваквото однесување произлегува од желбата на потрошувачите да го избегнат враќањето на кованите пари кои им предизвикуваат непријатности.
Колку и да изгледа чудна и застарена, употребата на готовите пари има економска логика зашто тие имаат одредени предности во споредба со електронските начини на плаќање. На пример, употребата на парите е бесплатна за разлика од употребата на картичките за кои трговците и потрошувачите плаќаат провизии. Се разбира, тоа не значи дека готовите пари се целосно бесплатни зашто подигнувањето пари од банкоматите или од банките е поврзано со губење време и со плаќање провизии. Со употребата на готовите пари, плаќањата се извршуваат веднаш и тоа дефинитивно, што не е случај со безготовинското плаќање кое се ивршува со посредство на клириншките куќи. Понатаму, плаќањето со готовите пари ја гарантира анонимноста на двете страни, додека при плаќањето со картички останува трага која може да ја искористи некој друг (од Гугл преку даночните органи до тајните служби). Најпосле, готовите пари можат да ги користат и луѓето кои немаат банкарска сметка. Поради овие предности, најверојатно ќе почекаме уште прилично долго време додека готовите пари не заминат во историјата.