Интервјуа

ГФФ Македонија преку проекти во вредност од 12,5 милиони евра, за само една година ги зајакна малите и средни претпријатија (МСП) во Македонија

Интервју со Ловре Ристевски. проектен менаџер на ГФФ Македонија

23.12.2024г.

Во време кога светот се соочува со климатски предизвици и транзиција кон одржливи решенија, Македонија прави значајни чекори кон усвојување на зелени финансиски механизми. Преку програмата Green Finance Facility (GFF), малите и средни претпријатија (МСП) добиваат можност да инвестираат во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, со што се поттикнува економскиот раст и се намалува влијанието врз животната средина. Во ова интервју со проектниот менаџер Г-дин Ловре Ристевски, кој е долгогодишен експерт за пристап до зелени финансии, ќе ја разгледаме важноста на овие инвестиции во поддршката на локалната економија и климатските активности, како и нивната улога во усогласувањето со европските зелени политики за трансформација на Западен Балкан.



Што претставува ГФФ Македонија, како функционира процесот и за кои компании е наменета?

Г-дин Ловре Ристевски: ГФФ Македонија или Кредитна линија зa финансирање во зелена енергија, е кредитна линија до 30 милиони евра која им овозможува на малите и средни претпријатија (МСП) да инвестираат по поволни услови во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Процесот функционира преку локални Партнерски Финансиски Институции (ПФИ), ПроКредит Банка, Шпаркасе Банка и Шпаркасе лизинг, а од пред неколку дена кон нашата мрежа на ПФИ се приклучи и Комерцијална Банка АД. Преку овие ПФИ е обезбедено финансирање, а истовремено се нуди и техничка поддршка за имплементација на проектите. Кредитната линија е наменета за приватни компании, вклучувајќи ги и трговците-поединци, кои работат во Македонија, а кои сакаат да ја модернизираат опремата и процесите, да инсталираат соларни системи или сличен вид на инвестиција со што ќе го намалат негативното влијание врз животната средина. За ГФФ кредитната линија се прифатливи претпријатија кои работат во секторите производство, земјоделство, услуги, градежништво, трговија, транспорт и производство на зелена енергија.

Г-дин Ристевски, како GFF Македонија ја поддржува зелената трансформација на малите и средни претпријатија? Може ли да ни објасните како кредитната линија придонесува за нивниот одржлив развој?

GFF Македонија ја поддржува зелената трансформација на МСП преку обезбедување финансиски средства за проекти кои се фокусирани на енергетска ефикасност и обновливи извори, како и континуирана консултантска подршка во текот на целиот процес. Кредитната линија не само што ги подржува инвестициите, туку и нуди поврат на инвестиции - грант до 10%, што дополнително ги мотивира компаниите да се насочат кон одржлив развој. На овој начин програмата нуди поддршка за зелени инвестиции кои го зголемуваат деловниот раст, помагаат во намалување на трошоците преку технологии со високи перформанси и ги подобруваат конкурентноста и продуктивноста на бизнисите. Досега во првата година од проектот се постигнати инвестиции од 12,5 милиони евра, додека пак во процес на одобрување кај нашите ПФИ се уште 4,6 милиони евра со што можеме да потврдиме дека постои голем интерес за ваков вид на инвестиции и програми.

Позначајно од финансиските резултати е намалувањето на негативното влијание врз животната средина преку намалување на штетните емисии и зачувување на природните ресурси. Досегашните проекти резултираа со намалување на емисијата на CO₂ за 23.655 тони годишно, што е еквивалентно на отстранување на околу 10.000 автомобили од сообраќај за една година. Дополнително, овие инвестиции придонесоа за додавање на 22 MW капацитети од обновливи извори на енергија, што претставува значителен резултат остварен за само една година од проектот.

Г-дин Ристевски, какви се главните предизвици со кои се соочуваат македонските компании кога сакаат да инвестираат во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија? Како GFF линијата помага да се надминат овие пречки?

Македонските компании често се соочуваат со недостаток на финансиски средства, недостиг на информации и техничка поддршка при инвестиции во зелени технологии. GFF линијата помага да се надминат овие пречки преку обезбедување финансирање и технички советодавни услуги. Една од предностите на оваа линија за компаниите е подршката од консултантски тим, кој е вклучен во текот на целокупната постапка, од аплицирање до целосно комплетирање на проектот. На овој начин се подржуваат компаниите во изборот и  имплементирање на технологии со високи перформанси со што се овозможува да ја реализираат нивната зелена трансформација.

Што претставува и како се избрани технологиите кои се финансираат преку селекторот на зелена технологија? Дали компаниите имаат доволно ресурси и поддршка за да го користат овој портал?

Г-дин Ловре Ристевски: Селекторот за зелена технологија е бесплатна алатка која им е достапна на сите компании, благодарение на Европската Банка за обнова и развој (ЕБОР). Компаниите уште во фазата на истражување за избор на производи или опрема, можат да проверат кои технологии и производители се прифатливи за инвестиции во обновливи извори и енергетска ефикасност. Алатката овозможува и на домашните компании што нудат производи или опрема за зелени инвестиции да ги регистрираат своите производи, со што стануваат дел од глобалната база на прифатливи технологии, достапна и видлива за корисници ширум светот. Технологиите кои се финансираат преку селекторот на зелена технологија се избрани врз основа на минималните перформансни барања поставени од ЕБОР за овој вид на инвестици. Компаниите добиваат поддршка од локалните партнер финансиски институции и од консултантскиот тим за користење на овој портал, што им помага да ги идентификуваат опциите кои се прифатливи за финансирање.

Г-дин Ристевски, може ли да ни објасните повеќе за повратот на инвестициите до 10% за зелени проекти? Како овој механизам ги мотивира компаниите да вложуваат во одржливи технологии?

Повратот на инвестициите до 10% за зелени проекти е механизам кој ги охрабрува компаниите да инвестираат во обновливи извори и енергетска ефикасност. По успешната верификација на инвестициските проекти на ГФФ, МСП имаат право на враќање на готовина до 5% за инвестициите за енергетска ефикасност и до 10% за инвестиции за обновливи извори на енергија или за инвестиции кои се комбинација од обновливи извори на енергија и инвестиции за енергетска ефикасност. Оваа финансиска поддршка значително ја намалува финансиската тежина и го зголемува интересот за одржливи технологии. Проектот Green Finance Facility (GFF) е финансиран од Joint Fund for SDG  (Заеднички фонд за целите на одржлив развој), United Nations in North Macedonia (Програмата за развој на Обединетите нации), EBRD (Европската банка за обнова и развој) и финансиските институции.

Зошто ваквите програми се важни за одржливиот развој на земјите како Македонија?

Г-ди Ристевски: Програмата GFF е особено важна бидејќи ги мотивира компаниите да вложуваат во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија преку комбинирање на поволно финансирање со грантови за поврат на инвестиции и целосна техничка подршка во процесот на инвестирање. Овие инвестиции имаат мултиплицирачки ефект – тие создаваат долгорочни економски придобивки, го намалуваат енергетскиот увоз и ги усогласуваат локалните компании со европските зелени стандарди.

За земји како Македонија, ваквите програми се катализатор за економска трансформација. Тие овозможуваат пристап до современи технологии, ги зајакнуваат локалните економии и ја подготвуваат земјата за пазарите на иднината, каде што одржливоста и зелените решенија ќе играат клучна улога.

Со оглед на глобалните трендови во зелениот сектор, каде го гледате развојот на финансирањето на зелени проекти во следните 5 години во РС Македонија, на Западен Балкан и пошироко?

Во следните пет години очекувам раст на финансирањето на зелени проекти во Mакедонија и Западен Балкан, поттикнат од иницијативи како GFF и поддршката на ЕУ преку Инвестициската рамка за Западен Балкан. Овие програми ќе обезбедат средства за енергетска ефикасност и обновлива енергија, особено за малите и средни претпријатија, додека пак глобалниот тренд на политики за намалување на јаглеродните емисии дополнително ќе го зајакне овој раст.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано